АКО НЕМА СОРОСОИДИ ЌЕ НЕМА НИ АРСЕН ВО ВОДАТА, СМЕТА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ГЕВГЕЛИЈА

a:1:{s:16:"td_post_template";s:22:"single_template_civica

    АКО НЕМА СОРОСОИДИ ЌЕ НЕМА НИ АРСЕН ВО ВОДАТА, СМЕТА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ГЕВГЕЛИЈА

    Речиси сите гевгеличани ја пијат водата од градскиот водовод, иако пред три години Агенцијата за храна и ветеринарство донесе забрана за користење на водата поради погoлемо присуство на арсен од дозволеното. Само поинформираните за опасноста која го носи овој метал и претпазливите за своето здравје избегнуваат да ја пијат градската, и со вода за пиење се снабдуваат од продажната мрежа. Според дистрибутерите на природна вода, Гевгелија е најголем потрошувач на пакувана вода во земјава.

    „Немаме проблеми, ја користиме. Водата е здрава и пивка. Слушаме и читаме дека била со арсен но не веруваме, оти со години е таа водата“, велат гевгеличани кои на температури околу 40 Целзиусови степени пиеја и се разладуваа од јавната чешма кај градскиот пазар.

    „Нема шанси. Не сакам да се разболам од рак“, велат други.

    Во градот под Кожув речиси сите знаат дека постои фама со арсенот во водата. Граѓанските организации предводени од здружението „Арсена“ тврдат дека гевгеличани масовно се трујат со арсен и приложуваат документи од анализи направени од домашни и странски институции, додека општинските власти негираат. За нив, водата не е штетна и не ги почитуваат забраната од Агенцијата, ниту пак препораките од Институтот за јавно здравје.

    „Веќе три години и 10 месеци водата од градскиот систем е забранета за употреба со Решение од Државната агенција за храна и ветеринарсто. Гевгеличани и жителите на околните села се осудени на хронично труење со арсен. Зголемено присуство на арсен потврдија и од Институтот за јавно здравје, кој на Општината ѝ препорача да не се користи, да се најдат нови извори за водоснабдување или да се набават и вградат деарсенификатори. Со години доставуваме примероци кај македонските институции и секогаш резултатите се исти. Во еден литар вода има над 10 микрограми арсен, што според препораките на СЗО е недозволиво. Во Гевгелија арсенот го има секогаш над дозволеното“, вели Јованка Дорјанлиева од „Арсена“, која деновиве го промовирше филмот „Арсеновиот пат од бунар до чешма“, за да ги информира жителите на Гевгелија и околните села дека водата е штетна по човековото здравје.

    Последното испитување „Арсена“ го правела во акредитирана лабараторија во Грција, откако македонските власти, под изговор дека се знае оти водата во Гевгелија има арсен, не сакале да вршат испитување. Резултатите покажале присуство на арсен од 21,3 и 19,7 микрограми.

    „За општинските власти ниту еден резултат не е меродавен. Постојано сме на удар од локалната самоуправа дека сакаме да наштетиме на Општината, иако имаме официјални документи и од македонски институции надлежни за испитување на водата. Колку само за илустрација, од хроничното труење со арсен рапидно е зголемен бројот на малигните заболувања. Според наши информации, во 2014 само во гевгелиската болница се направени 42 операции на рак на простата и рак на дојка, а претходно се правеле една до две операции“, вели Дорјанлиева и бара итно решавање на овој проблем.

    „Во еден литар вода има над 10 микрограми арсен, што според препораките на СЗО е недозволиво. Во Гевгелија арсенот го има секогаш над дозволеното“, вели Јованка Дорјанлиева активистка од невладината „Арсена“

    „Во еден литар вода има над 10 микрограми арсен, што според препораките на СЗО е недозволиво. Во Гевгелија арсенот го има секогаш над дозволеното“, вели Јованка Дорјанлиева активистка од невладината „Арсена“

    „Водата од градскиот водовод  во Гевгелија може да се пие. Присуството на арсен не ја прави водата штетна по здравјето“, тврди директорката на  Центарот за јавно здравје од Велес, Флорентина Шурбевска Ристовска, која пред 10 дена ги објави резултатите од испитувањата на квалитетот на водата во Гевгелија. Според неа, арсенот во градскиот водовод во Гевгелија го нема како чист метал туку во форма на соединенија, петвалентен и тривалентен. Во Гевгелија присутен е петвалентниот кој бил помалку токсичен и тоа 99 отсто.

    И ПОРАНО ИМАШЕ АРСЕН, ПА НИКОЈ НЕ РЕАГИРАШЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ФРАНГОВ

    Со ваков став се и општинските власти. Тврдат дека водата од градскиот водовод е здрава и безбедна и дека одделени граѓански организации намерно сакаат да му наштетат на градот и сегашната раководна гарнитура. Градоначалникот Иван Франгов тврди дека и пред тој да дојде на функција во водата во Гевгелија имало арсен, но никој тогаш не реагирал и смета дека ова е политичка хајка против него и сегашната власт.

    „Водата е безбедна од гевгелискиот водовод. Проблемот е во толкувањето и примената на правилникот за максималните дозволени количини на други елементи во водата. Овде имаме петвалентен арсен кој не е токсичен и опасен за човековото здравје. Во Македонија немаме овластена институција која може да го разграничи опасниот тривалентен од неопасниот петвалентен кој го има во гевгелиската вода. Според моите податоци, последниве години имаме пад на новопријавени болни од канцерогени заболувања. Ова е хајка и некој сака да прави бизнис по ова прашање“,  вели Франгов и тврди дека тој лично и неговото семејство вода пијат од градскиот водовод, а граѓански организациии со средства од Соросовиот Институт отворено општество сакаат да му наштетат.

    Градоначалникот Иван Франгов и тврди дека тој лично и неговото семејство пијат вода од градскиот водовод, а граѓански организациии со пари од Соросовиот Институт отворено општество сакаат да му наштетат од политички причини

    Градоначалникот Иван Франгов тврди дека тој лично и неговото семејство пијат вода од градскиот водовод, а граѓански организациии со пари од Соросовиот Институт отворено општество сакаат да му наштетат од политички причини

    Општината заради подобрување на квалитетот на водата распиша тендер за изградба на нови бунари, како дел од системот за дополнително водоснабдување на градот. Паралелно се работи на комплетирање на целиот систем со изградба на потисен цевковод, резервоар и доводна мрежа. Средствата се обезбедени од Светска банка, од каде се одобрени околу 1,3 милиони евра, и од ИПА програмата од каде се добиени 260 илјади евра.

    „Сакаме да докажеме и со документи дека водата е здрава за пиење. Ние испративме примероци во лабаратории во соседна Србија, од каде добивме одговори дека водата ги задоволува стандардите за безбедност“, тврди градоначалникот Иван Франгов, кој подвлече дека водата по метар кубен на крајните корисници ја наплаќаат по 14 денари.

    Агенцијата за храна и ветеринарство за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека забраната за употреба на водата за пиење од гевгелискиот водовод сѐ уште е на сила, бидејки со лабараториски анализи е утврдено дека има зголемено присуство на арсен. Според Агенцијата, Општината и јавното комунално претпријатија постапиле по издадената наредба и го информирале локалното население дека водата од овој водоснабдителен објект не е безбедна за употреба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари