АКЦИЈАШИ ОД СТРАНСТВО ЌЕ ГО ЧИСТАТ ЃУБРЕТО ОД РЕКИТЕ ВО КУМАНОВО

    АКЦИЈАШИ ОД СТРАНСТВО ЌЕ ГО ЧИСТАТ ЃУБРЕТО ОД РЕКИТЕ ВО КУМАНОВОВо еколошката акцијата „Зелено Куманово“, секој викенд до 30 септември над 100 волонтери од земјава и странство ќе ги чистат реките Липковка, Коњарка и Кумановка, кои течат низ центарот на градот и се извор на зараза (Фото: СДК.МК)

    Акцијаши и волонтери од земјава и странство ќе ги чистат реките Липковка, Коњарка и Кумановка од натрупаниот смет што го фрлаат жителите. Големата еколошка акцијата „Зелено Куманово“ ја организира Здружението за доброволна волонтерска работа „Кумановски акцијаши“, со финансиска подршка од 160.000 денари од Цивика Мобилитас, а во соработка со Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“. Акцијата започна на Градскиот кеј, а ќе продолжи на останатите локации, секој викенд до 30 септември.

    „Ќе учествуваат повеќе од 100 волонтери од земјава и странство. Предвидено е половина од учесниците да бидат домаќините од Куманово, а останатите од градовите со кои соработуваме: Скопје, Охрид, Белград, Кикинда, Бела Црква, Смедерево, Ниш, Краљево, Бреза и други соработници и пријатели. Интенција ни е да ги зближиме младите и да го развиеме духот на акцијаштвото што некогаш го имаше на овие простори. Да ги здружиме силите за да направиме нешто добро во средините во кои живееме“, вели Јусуф Љатифи, претседател на „Кумановски акцијаши“.

    Проектот предвидува сечење и отстранување на зараснатите дрвја и грмушки во коритата и крајбрежјето на реките со механизација, чистење и изнесување на сметот од вливот во населбата Бедиње до излезот кај Кумановска бања. Во рамки на проектот е предвидена и обнова на клупите во Стариот градски парк кај Автобуската станица и на Градскиот кеј.

    Реките Липковка, Коњарка и Кумановка, кои течат низ центарот на Куманово се најгрдата и најтажна слика за однос на луѓето кон животната средина, како и неодговорноста на локалната власт да го заштити она што природата го дала. Наместо украс на градот и место за одмор и рекреација, реките во Куманово се извор на зараза. Пластични шишиња, кревети, кади, мрши, ќебиња и што уште не е расфрлано по течението на реките. Непријатен мирис се шири од водата.

    Жителите на Куманово признаваат дека реките се наоѓаат во катастрофална состојба поради неодговорноста на луѓето и велат дека само со големи казни ќе се сменат навиките сметот да се фрла таму каде што му е место, а не во реките.

    „Проблемот може да се реши само ако се фатат два-тројца и да ги натераат да платат голема казна или да ги затворат, па да видите дали некој друг ќе смее да фрла. Оваа не е живот да живееш во ѓубре. Кога ќе затопли  не може да се дише од смрдеата, не се седи надвор. Има опасност од појава на болести, особено на децата кои влегуваат во водата. Да го поздравите градоначалникот да дојде да види во што живееме, да прати некој да ги казни несовесните граѓани и да го исчисти ѓубрето, а не само кога ќе дојде време за гласање, ај Ромите да ме гласаат“, вели еден од жителите на Средорек, кој го затековме како го пали ѓубрето во реката, каде коритата на Којнарка и Липковка буквално се претворени во буништа, а потоа целата нечистотија водата ја носи и во другите делови на градот.

    Од инспекциските служби велат дека постојано излегуваат на терен, но не можат да се справат со проблемот, бидејќи се работи за густо населна населба и тешко пристапен терен, а ѓубрето се фрла во попладневните часови и во текот на ноќта кога тие не се на работа.

    Градоначалникот Зоран Дамјановски најави дека од наредниот месец ќе започне и регулација на речното корито, па откако целосно ќе се исчитат реките, општината ќе преземе поригорозни мерки коритата да останат чисти, и ги повика граѓаните да бидат совесни во своето однесување.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира