БИТОЛА Е НАЈЗАГАДЕН ГРАД ВО ЕВРОПА, СПОРЕД НЕОФИЦИЈАЛНА БАЗА НА ПОДАТОЦИ

    БИТОЛА Е НАЈЗАГАДЕН ГРАД ВО ЕВРОПА, СПОРЕД НЕОФИЦИЈАЛНА БАЗА НА ПОДАТОЦИ

    Битола е најзагаден град во Европа според интернет истражувањето на интернационалната веб страницата www.numbeo.com. Веб страницата е онлајн база на податоци која им овозможува на корисниците да споделуваат и да споредуваат информации за трошоците за живот и квалитетот на живот меѓу земјите и градовите.

    Податоците кои се објавени покажуваат дека од 63 градови Битола е на врвот со индекс на загадување од 83,26 и индекс на експоненцијална скала од 154,30. Тоа се доста високи бројки во споредба на пример, со Стокхолм од Шведска, град кој е на дното од табелата и има индекс на загадување осум пати помал од Битола.

    Како параметри по кои е направено истражувањето се посочуваат загадувањето на воздухот кое е констатирано дека е многу високо, загадувањето на водите кое е умерено, нездоволството од третманот со сметот кое е исто така на високо ниво, нечистотијата и влијанието на загадувањето во градската средина кои се исто така високи. За суспендираните ПМ10 и ПМ 2,5 честички кои предизвикуваат белодробни заболувања се посочени високи параметри (ПМ 10 -69 микро грами, а ПМ 2.5 – 40 микрограми).

    Веднаш под Битола, на второ место по загадување во табелата рангиран е главниот град на Македонија, Скопје. На трето место е Торино, Италија, четврт Киев, Украина, петта Барцелона од Шпанија. Од балканските градови Сараево е на 14 место, Белград на 21, Софија на 23 и Загреб на 41 место. На дното на листата, како најмалку загаден град е Трондхајм од Норвешка.

    Ова не е првпат на листата на НУМБЕО Македонија да биде презентирана во лошо светло. Минатата година овој истражувачки центар ја рангираше на последно место според индексот на здравствени услуги. Тогаш министерот за здравство Никола Тодоров обвини дека НУМБЕО не е кредибилно истражување зашто можат, како што рече, договорено неколку лица да кликаат за Македонија и да се создаде неточна слика.

    На веб страницата пишува дека тоа е најголемата интернет база на податоци за квалитетот на животот во 6201 град низ светот. Податоците се однесуваат на загадување, трошоци за живот, здравствена заштита, сообраќај и криминал.  Рангирањето е направено според податоци внесени од 339.533 соработници од различни области.

    Направивме споредба на податоците за загадувањето во Битола што ги презентира НУМБЕО и оние објавени на официјалната веб страна на Министерството за животна средина. Таму како последно надминување на нормалната граница на ПМ 10 честичките се наведении датумите 25 јули за мерната станица Битола 2 и 8 август за Битола 1. Во месечните извештаи за мерната станица Битола 1 има резултати до седми август кога било регистрирано загадување над нормалата и од тогаш веќе нема податоци. Сепак, посочено е дека 71 ден оваа година Битолчани дишеле воздух со загадувачки концентрации над дозволеното, иако границата е до 35 дена годишно.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира