БЛОКАДА НА ПАТОТ КАЈ ЛАГАДИН КАКО ПРОТЕСТ ПРОТИВ ДИВИОТ ХОТЕЛ И ИГНОРАНТСКИОТ ОДНОС НА БАКРАЧЕВСКИ

    БЛОКАДА НА ПАТОТ КАЈ ЛАГАДИН КАКО ПРОТЕСТ ПРОТИВ ДИВИОТ ХОТЕЛ И ИГНОРАНТСКИОТ ОДНОС НА БАКРАЧЕВСКИНајавија дека секој ден ќе го блокираат патот кон плажите додека не го освестат градоначалникот Никола Бакрачевски дека поддржува криминал и уништување на природното богатство на Охрид (Фото: СДК.МК)

    Сопствениците на викенд куќи и на угостителски објекти на кои им се придружија и туристите утринава го блокираа патот Охрид – Св. Наум кај Лагадин во знак на протест против изградбата на дивиот хотел кој се наоѓа на самиот пат веднаш до плажата. Најавија дека секој ден ќе го блокираат патот кон плажите додека не го освестат градоначалникот Никола Бакрачевски дека поддржува криминал и уништување на природното богатство на Охрид.

    Тие покрај градоначалникот на Општина Охрид, ги повикаа и Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерстото за внатрешни работи да ја спречат изградбата на хотелот.

    Државната градежна инспекција оваа апролет му наложи на градоначалникот на општина Охрид да го повлече одобрението за градба на хотелот со кое се прекршуваат дури 12 закони, но по кусата пауза инвеститорот продолжи со градежните работи среде летната сезона врз главите на капачите.

    Охриѓани и туристите нема кому да се пожалат оти градежни работници од градилиштето на нелегалниот хотел во Лагадин ги вознемируваат со бучава иако во Охрид како туристички центар има забраната за секаков вид градежни активности од 1 јули до 31 август. Одлуката е  донесена од Советот на општина Охрид. Никој не одговара на сите телефони за поплаки во општината.

    Оваа градба прекршува вкупно 12 закони, 1 подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија – од денешниот протест (Фото: СДК.МК)

    Во исчекување на потег на градоначалникот Никола Бакрачески, активистите на граѓанската  иницијатива „Охрид СОС“  и сопствениците на куќи и викендички во Лагадин потсетуваат дека оваа градба прекршува вкупно 12 закони, 1 подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија, а за тоа се известени сите надлежни институции. Тие укажуваа на прекршувањата уште кога градбата беше на ниво на темели, на крајот на минатата година.

    Додека траеше нивната битка со институциите, инвеститорот изгради четири ката од објектот, а престана со градење дури откако му беше поништено одобрението за градење. Од минатата недела на градилиштето повторно има работници иако нема ново одобрение за градење.

    Активистите на „Охрид СОС“ очекуваат Општина Охрид при носење на одлуката да го почитува ставот на Инспекторатот за животна средина од каде потврдија дека градбата се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на езерото во кои не се дозволени објекти од цврста градба.

    Д. ЧУБРИЌ

     

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира