БОБАН ИЛИЌ НЕ ГО ПРЕГАЗИЛ АЛМИР СО УМИСЛА, ПОКАЖА ПСИХИЈАТРИСКОТО ВЕШТАЧЕЊЕ

    БОБАН ИЛИЌ НЕ ГО ПРЕГАЗИЛ АЛМИР СО УМИСЛА, ПОКАЖА ПСИХИЈАТРИСКОТО ВЕШТАЧЕЊЕ

    Бобан Илиќ, осомничен за убиството на четиригодишниот Алмир Алиу пред Здравствениот дом во Куманово, не го извршил делото со умисла, покажа прихијатриското вештачење што го изработиле вешти лица од Клиниката за психијатрија, а денеска беше презентирано пред  кривичниот совет во Основниот суд Куманово.

    „Ние како вешти лица сметаме дека нема умисла, нема психопатолошки мотив. Обвинетиот Бобан не се наоѓал во состојба на патолошки страв, не бил во привремено душевно растројство, но во секој случај бил уплашен и во афект. Тој добил и неколку удари, добил претходно закана и притоа прави еден сплет на рационални постапки за да го избегне самиот конфликт“, рече невропсихијатрот.

    Адвокатите на семејството Алиу не беа задоволни од вештачењето и сметаат дека не биле земени во обзир сите докази кои ги доставиле до Судот и  сметаат дека вештите лица треба да го анализира медицинскиот дел околу пресметливоста на обвинетиот, а не да утврдуваат дали кај обвинетиот имало умисла или немало. Поради тоа ќе бараат ново вештачење.

    „Психијатриското вештачење беше нецелосно, не беше изготвено врз основа на сите списи на предметот, затоа ние и приговаравме на истото. Очекуваме благовремено основниот јавен обвинител да поднесе предлог за дополнување на истото и сметаме дека во наредната главна расправа ќе имаме едно друго сеопфатно и поцелосно вештачење“, изјави адвокатот Ибрахими Бајрами.

    Наредното рочиште е закажано на 13 април, кога ќе бидат сослушани уште едно вешто лице- психијатар и психолог.

    Прегазувањето на четиригодишниот Алмир се случи на 25 јуни минатата година, поради банална расправија за ред во Здравствениот дом во Куманово. Таткото на Алмир и Бобан започнале физичка пресметка откако излегле на улица, во која се вклучиле и нивни роднини. Во целата бркотница во обид да избега од напаѓачите Бобан со својот автомобил Мецедес удрил во куќа и го прегазил детето. Алмир една недела беше на апарати во болница на Скопските клиники и им подлегна на повредите.

    Семејството Алиу бара максимална казна за Бобан, додека тој изјави пред судот дека не се чувствува виновен, а неговиот брат тврди дека тие се жртви во пресметката.

    На Бобан му се суди за кривично дело убиство со умисла, а на таткото Сеад Алиу и уште двајца негови роднини за насилство.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира