ДЕСЕТИНА БИТОЛСКИ ШКОЛИ СО БЛОКИРАНИ СМЕТКИ, ДОЛЖАТ 2 МИЛИОНИ ЕВРА

    ДЕСЕТИНА БИТОЛСКИ ШКОЛИ СО БЛОКИРАНИ СМЕТКИ, ДОЛЖАТ 2 МИЛИОНИ ЕВРАШколите не се фирми, па да одат во стечај, рекоа советниците од опозицијата на правдањето на власта од ВМРО-ДПМНЕ дека и покрај долговите не било затворено ни едно школо (Фото: СДК.МК)

    Десетина основни и средни училишта во Битола и понатаму остануваат со блокирани сметки, должат околу 2 милиони евра, а со некои школи раководат исти кадри во текот на изминатите десетина години додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Ова беа дел од темите за состојбите во битолското образование за кои се дискутираше на денешната седница на Совет.

    „Член 91 од Законот за средно образование покажува дека една личност може два пати да биде именувана за директор во истата институција. Нашата општина оваа законска одредба не ја испочитувала. Ние имаме директори кои обавиле два директорски мандати во својата образовна институција, а им се доделуваа решенија од страна на градоначалникот за в.д. директор. Ќе го земам за пример, Медицинското училиште каде што вакво решение е доделено на 11.01. 2016, 80.07. 2016, 21 .01 2017 година значи трикаратно се овозможувало некој да биде назначен за в.д директор. Ваквата пракса е присутна  и во  гиманзијата ‘Јосип Броз Тито’. Целта била да се остават за директори оние кои се политички подобни и би ги покривале лошите менаџирања во образованите институции“, рече Наташа  Петровска, советник од СДСМ.

    Од двете споменати училишта, едното нема блокирана сметка, тоа е гимназијата „Јосип Броз Тито“, додека средното Медицинско училиште веќе неколку години е со блокирана сметка.

    „Доспеаните, а неподмирани обврски повторно се околу 2 милиони евра, меѓутоа оние кои допрва следуваат да доспеат, а и следните анализи кои ќе ги прави централната власт на состојбите во Општина Битола, ќе докажат дека долгот е далеку поголем. Имаме училишта каде не се извршени санитарни прегледи на вработените и тоа останало неказнето“, додаде Петровска.

    Повеќето од директорите на школите беа присустни во салата, но не зедоа збор по обвинувањата. Возвратија советниците од владејачкото мнозинство предводени од ВМРО-ДПМНЕ, но никој не го демантираше издолжувањето на мандатите на директорите преку решенија за в.д. Место тоа, тие се обидоа да наметнат тема дека власта ќе го бугаризирала Цар Самоил.

    „Им кажавте ли на децата дека од следната година ќе изучуваат нова историја, им кажавте ли дека таа историја ќе ја пишуваат бугарските историчари и политичари, им кажавте ли на децата дека од следната година цар Самоил ќе биде бугарски цар?“,  рече Игор Хаџиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека во училиштата  се направени инфраструктурни  проекти, спортски сали, постигнати се успеси на натпревари, изработени се бројни проекти. Признаа и дека имаа долгови, но дека се наоѓаат решенија за нивно намалување и дека не било затворено ни едно школо. На ова возврати советникот од СДСМ Горан Козаров, велејќи дека школите не се фирми, па да одат во стечај.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира