ДИК ОДЛУЧУВА ДАЛИ ГЕВГЕЛИЈА ЌЕ ИМА РЕФЕРЕНДУМ ЗА ОТВАРАЊЕ РУДНИЦИ НА КОЖУФ

    ДИК ОДЛУЧУВА ДАЛИ ГЕВГЕЛИЈА ЌЕ ИМА РЕФЕРЕНДУМ ЗА ОТВАРАЊЕ РУДНИЦИ НА КОЖУФСоветот на Општина Гевгелија, по предлог на граѓанската иницијатива „Спас за Гевгелија“ на седницата од 15 март донесе одлука граѓаните на Општината преку референдум да се изјаснат дали се за или против издавање концесија за експлоатација на злато и бакар на планината Кожуф,каде изминативе три години канадски фирми вршеа детални геолошки истражувања (Фото: СДК.МК)

    Државната изборна комисија (ДИК) неделава треба да одлучи дали има услови за одржување референдум во Гевгелија, на кој жителите од оваа Општина треба да се изјаснат дали се за или против изградба на рудници за бакар и злато на Кожув. Портпаролката Љупка Гогучевска потврди дека Општинската изборна комисија од Гевгелија која треба да го спроведе референдумот побарала мислење од ДИК по ова прашање, но не сакаше да прецизира за што станува збор.

    За површински рудници за бакар и злато канадските фирми побарале концесија за две локации, за Коњска Река на површина од 900 хектари во непосредна близина на селото Моин, и за Коњско со површина од речиси 3.000 хектари на Кожуф кај Смрдлива Вода

     

    Советот на Општина Гевгелија, по предлог на граѓанската иницијатива „Спас за Гевгелија“ на седницата од 15 март донесе одлука граѓаните на Општината преку референдум да се изјаснат дали се за или против издавање концесија за експлоатација на злато и бакар на планината Кожуф, на која во изминативе три години канадски фирми вршеа детални геолошки истражувања. Според законот, од денот на објавување на одлуката до денот на одржување референдум на локално ниво не можат да поминат помалку од 25 ниту повеќе од 40 дена. Ова значи дека до крајот на месецов гевгеличани по пат на гласање треба да се изјаснат дали во нивната општина треба да се даде концесија за експлоатација на злато и бакар.

    „Гевгелија е град без тешка индустрија, без никакво загадување и ја има најчистата средина во Европа. Земјоделството и сточарството се основа за егзистенција на жителите тука. Имаме развиен казино и бањски туризам, лековити води на Кожув, ски центар во кој е многу инвестирано и одеднаш ви се случува рударство. Никаде во светот не одат заедно рударство и туризам и земјоделство“, вели Ангел Наков од граѓанската иницијатива „Спас за Гевгелија“ што го предложи референдумот (Фото: СДК.МК)

    Граѓанската иницијатива „Спас за Гевгелија“ оваа недела ќе ја започне својоата кампања против изградба на рудници на Кожуф бидејќи според нив, последиците ќе бидат огромни за гевгелиско кој е познат по својот туристички потенцијал, но и земјоделие. Кампањата, според членот на иницијативата Ангел Наков, ќе се состои од делење флаери, брошури и презентации на последиците од отварањето на рудниците.

    „Гевгелија е град без тешка индустрија, без никакво загадување и ја има најчистата средина во Европа. Земјоделството и сточарството се основа за егзистенција на жителите тука. Имаме развиен казино и бањски туризам, лековити води на Кожув, ски центар во кој е многу инвестирано и одеднаш ви се случува рударство. Никаде во светот не одат заедно рударство и туризам и земјоделство“, вели Наков.

    Според ова граѓанско здружение, за површински рудници за бакар и злато канадските фирми побарале концесија за две локации, за Коњска Река на површина од 900 хектари во непосредна близина на селото Моин, и за Коњско со површина од речиси 3.000 хектари на Кожуф кај Смрдлива Вода. Геолошките истражувања покажале одлични резерви на злато многу побогати и од оние што треба да се ископуваат на Иловица. Концесијата за детални геолошки истражувања на канадските фирми истекува во јули, поради што сакаат да добијат и концесија за експлоатација.

    Во селото Моин, над чии глави треба да се експлоатира бакар и злато, не беа слушнале за веста дека странски компании сакаат да отворат рудник. Слушнале неодамна, но немале многу информации за каква работа станува збор.

    „Замислете само која прашина ќе ја има овде, а Кожуф од Гевгелија е на пет километри. Не сакаме да помислиме пак за процесот на лужење. Ни се заканува огромна катастрофа“, вели Наков од „Спас за Гевгелија“ (Фото: СДК.МК)

    „Слушнавме на телевизија, но овде никој ништо не ти објаснува. Што ќе се работи, вистина ли е дека ќе се уништи шумата, ќе има ли загадување? Се говори дека ќе имало референдум, но не сме многу упатени“, велат жители во Моин.

    И во Гевгелија не се многу информирани за престојниот референдум. Слушнале дека  странски фирми сакаат да копаат на Кожуф и да вадат злато. Дел од нив ги виделе и видеата што секојдневно по социјалните мрежи ги пласира здружението „Спас за Гевгелија“. Едни тврдат дека било добро оти ќе се отвориле нови работни места, други пак не сакаат да слушнат на Кожуф да има два рудника.

    Во селото Моин, што најмногу ќе настрада од загадувањето од рудниците, не ни чуле дека тие ќе се отворат (Фото: СДК:МК)

    „Населението не е доволно информирано. Не знае како работи еден рудник. Замислете само која прашина ќе ја има овде, а Кожуф од Гевгелија е на пет километри. Не сакаме да помислиме пак за процесот на лужење. Ни се заканува огромна катастрофа, не дека сум загрижен за ски центарот туку воопшто за целиот овој крај, кој од зеленило ќе биде претворен во пустош како Бучим. Само нека ги прашаат жителите на Тополница и Дамјан радовишко и сѐ ќе им биде јасно. Ако  референдумот пропадне или граѓаните се изјаснат да се гради, верувајте јас и моето смејство ги пакуваме куферите и ќе се отселиме“, вели Наков.

    Во Гевгелија право на глас имаат 19.300 граѓани запишани во единствениот избирачки список. Референдумот за или против изградба на двата рудника ќе биде успешен ако на гласачките места излезат 50 отсто плус 1. Како можни датуми се споменуваат 23 и 30 април, но се чека одговор од ДИК.

    В. ТРАЈКОВ

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира