ДРЖАВНИОТ ГРАДЕЖЕН ИНСПЕКТОРАТ ЌЕ ИСПИТУВА ЗОШТО ПРОДОЛЖИЛА ИЗГРАДБАТА НА НЕЛЕГАЛНИОТ ХОТЕЛ ВО ЛАГАДИН

    ДРЖАВНИОТ ГРАДЕЖЕН ИНСПЕКТОРАТ ЌЕ ИСПИТУВА ЗОШТО ПРОДОЛЖИЛА ИЗГРАДБАТА НА НЕЛЕГАЛНИОТ ХОТЕЛ ВО ЛАГАДИНИнспекторатот за животна средина ги потврди констатациите дека објектот не смее да се гради на помалку од 50 метри од највисокиот водостој на езерото, што укажува дека ново одобрение за градење на истата локација не е возможно. Додека траеја преписките се изградија четири ката од хотелот, а од минатата недела градежниците работат на довршување на четвртиот кат (Фото: СДК.МК)

     

    Инспектори од  Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ќе го проверуваат  нелегалниот хотел во Лагадин, откако градежните активности продолжија и покрај поништеното одобрение за градење. Соседите на хотелот алармираат дека од минатата недела хотелот повторно се гради, а ново одобрение за градба на градилиштето нема истакнато.

    Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам во координиран надзор со Државниот инспекторат за животна средина и Управата за заштита на културно наследство на почетокот на годинава утврдија повеќе непрaвилности во постапката за утврдување на услови за начинот на градење во Лагадин, како и во постапката на издавање на одобрението за изградба на хотелскиот комплекс. Поради утврдените неправилности, Државниот инспекторат за градежништво побара Општина Охрид да го поништи одобрението за градење на хотелот. Општината постапи по барањето, но додека траеја преписките се изградија четири ката од хотелот, а од минатата недела градежниците работат на довршување на четвртиот кат.

    И покрај поништеното одобрение за градење, од минатата недела хотелот во Лагандин повторно се гради, а ново одобрение за градба на градилиштето нема истакнато (Фото: СДК.МК)

    „Немаме информација дека продолжила изградбата на хотелот. Тој е градба од втора категорија и е во надлежност на Општина Охрид, но наши инспектори ќе излезат на терен да ја утврдат состојбата бидејќи за овој објект Инспектоpатот веќе беше вклучен во координиран инспекциски надзор по кој побаравме поништување на одобрението. Инспекторите ќе проверат и дали се отстранети неправилностите кои беа утврдени во јануари годинава и поради кои баравме да се поништи одобрението и дали на инвеститорот му е издадено ново одобрение за градење“, вели Марина Наќева-Кавракова, директорка на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

    Една од утврдените неправилности во издавањето на одобрението е тоа што хотелот се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на езерото во кои законот забранува градби од траен карактер. Инспекторатот за животна средина ги потврди констатациите дека објектот не смее да се гради на помалку од 50 метри од највисокиот водостој на езерото што укажува дека ново одобрение за градење на истата локација не е возможно. И покрај тоа, соседите на хотелот кои побарале објаснување го добиле следното известување од Општина Охрид:

    „Во врска со вашето барање до Општина Охрид за произнесување, ве известуваме како и неколку пати што ја известивме  јавноста до сега, дека издаденото одобрение за изградба на споменатиот објект, е поништено од страна на Инспекцискиот совет со образложение дека инвеститотот, ненавремено известил за отпочнување со  градежни активности. Општина Охрид, донесе решение за поништување на правосилноста на одобрението за градба на хотелот во Лагадин, на што Инвеститорот со жалба, го обжали предметното решение до соодветната второстепена комисија при Министерството за транспорт и врски, од каде жалбата на Инвеститорот е уважена, а предметот го врати на повторно одлучување на Општина Охрид. Наведениот предмет е во фаза на обработка и целосно постапување по насоките дадени од страна на второстепениот орган и наскоро се очекува да биде донесена соодветна правна одлука“, стои во известувањето до соседите на хотелот.

    Изградбата на хотелот почна на крајот на минатата година и покрај бројните апели, предупредувања и петиција против таква градба потпишана од 99 отсто жители на Лагадин, кои укажаа дека одобрението за градење е незаконско оти хотелот е во заштитените 50 метри од брегот, градбата бесправно навлегува во приватен имот на соседните парцели, ископот урна тераса на соседен објект, а жителите се пожалија и на пукнатини внатре во куќата, мештаните укажаа колекторскиот систем дека не може да издржи уште еден хотел оти и сега е преоптоварен па преку лето фекалии се излеваат во езерото и ред други причини кои укажуваат дека градбата е нелегална.

    Активистите  на граѓанската иницијатива „Охрид СОС“  и сопствениците на куќи и викендички во Лагадин укажаа дека оваа градба прекршува вкупно 12 закони, 1 подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија, а за тоа испратија претставки и до сите надлежни институции. Најавија дека ќе бараат одговорност од сите што ќе се утврди дека не постапиле законски, а неколу судски постапки за овој објект се веќе во тек.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира