ДВАЕСЕТИНА СЕМЕЈСТВА ЧЕКААТ МЕСТО ВО ГРАДИНКИТЕ ВО ТЕТОВО

    ДВАЕСЕТИНА СЕМЕЈСТВА ЧЕКААТ МЕСТО ВО ГРАДИНКИТЕ ВО ТЕТОВОВо петте градинки во Тетово има 780 деца и засега нема ниту едно слободно место, затоа што нема ниту една градинка во околните општини (Фото: СДК.МК)

    Дваесетина семејства во моментов се на листа за чекање за прием на нивните деца во градинките во Тетово. Во петте објекти на градинките има 780 деца, тие работат со полн капацитет и засега нема ниту едно слободно место. Проблемот со згрижувањето на децата во установи постои веќе подолг период, а надминувањето се гледа во изградба на нови објекти но не само во Општина Тетово.

    „Нашите капацитети на сместување во сите пет објекти во градот се максимално пополнети. Иако на листата за чекање имаме барање за прием на уште најмалку дваесетина деца тоа не  можеме да го направиме, бидејќи ќе ги надминеме законските норми за бројност на децата по групи. Но, ако се погледне по местото на живеење од каде доаѓаат децата, ќе се види дека околу сто деца доаѓаат од другите општини кои гравитираат кон Тетово. Тоа значи дека има доволно место за сите деца од Тетово, а проблемите се јавуваат со децата кои доаѓаат од другите општини. Секако, ние сме обврзани да ги примиме сите деца без разлика на местото на живеење“ вели Рамие  Даути, директорка на градинките „Младост“ во Тетово.

    Решението за овој проблем таа го гледа во отварање повеќе градинки во околните општини.

    „Во овој момент, во Општина Боговиње работат две занимални со 27 деца во голема група и 10 деца во групата до тригодишна возраст. Во Општина Теарце, во селото Доброште има една група сместена во основното училиште и во Јегуновце неодамна се отвори нова градинка за педесетина деца и тоа е сé. Но ова ни од далеку не е доволно. Во овие општини има потреба да се изградат дополнителни објекти не само во општинските центри, туку и во другите населени места во тие општини. Освен ова, потребно е да се изгради градинка во Општина Брвеница каде нема никаков објект за сместување на децата, а од каде кај нас доаѓаат најмногу деца. Законот дава секоја општина да има своја градинка и градоначалниците ова треба сериозно да го сфатат и да ги изградат овие објекти. Кога во другите општини би се изградиле доволно градинки и кога децата од кај нас би се повлекле таму, тогаш ќе има долволно места за сите деца од Тетово кои имаат потреба да престојуваат во градинка“, вели Даути.

    Градоначалникот на Општина Брвеница, на прашањето зошто во оваа општина која е најблиску до Тетово сѐ уште нема изградено градинка, најавува дека работат на проблемот.

    „Планираме да изградиме детска градинка и веќе сме во подготовка на техничка документација за градба. Локацијата веќе ни е одредена и кога ќе се комплетира техничката документација ќе аплицираме каде ќе можеме да обезбедиме пари. Таа ќе биде изградена во Брвеница. Но најважно сега, а и најтешко, е да обезбедиме финансиски средства. Ќе бараме помош од Министерството за труд и социјална политика, нешто ќе има и од општинскиот буџет, а се повеќе размислуваме градинката да биде изградена како јавно приватно партнерство. Засега е тешко да даваме прецизни рокови кога ова ќе се реализира“, вели Енвер Пајазити градоначалник на Општина Брвеница.

    Наскоро, во рамките на градинките „Младост“ од Тетово ќе се отвори објект во село Џепчиште. Тој ќе има две занимални и во него ќе бидат сместени 50 деца. Со неговото пуштање во употреба се очекува донекаде да се намали листата на чекање за прием во градинките во Тетово.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира