ГЛАВНАТА УЛИЦА ВО ТЕТОВО БОМБАРДИРАНА СО ДУПКИ

    ГЛАВНАТА УЛИЦА ВО ТЕТОВО БОМБАРДИРАНА СО ДУПКИ

    Улицата Иво Лола Рибар во Тетово, една од главните сообраќајници во градот, која од музичкото училиште оди до Градскиот стадион на патот за Вратница, од есеноска е раскопана бидејќи на неа се поставуваше атмосферска канализација. Но наместо работите да се завршат пред почетокот на зимата, градбата се оддолжи и улицата сѐ уште стои неасфалтирана, а сообраќајот по неа се одвива крајно отежнато.

    „Оваа улица ваква е веќе неколку месеци раскопана, прекопана, со искршен асфалт, а е полна со дупки како да претрпела тешко бомбардирање“, вели шеесет и пет годишниот Ибраим кој таму живее. “Ставија една малку песок по дупките, од снегот и дождот брзо го разнесоа. Еве времето се разубави и не знам што се чека за да се заврши започнатата работа“, вели Ибраим. Со слично мислење е и Славко кој работи како таксист.

    „Верувајте колите ги испокршивме по овие дупки и гумите ги испокинавме по сечениот асфалт. Многу ми е мачно кога треба да минувам по оваа улица, а се случува и по неколку пати во текот на денот тука да врвам. Ова е една од главните улици во градот и многу фрекфентна сообраќајница и треба да има приоритет во поправката, а не да се чека“ револтирано вели Славко.

    Во Секторот за комунални дејности на Општина Тетово најавуваат дека целосната реконструкција на оваа улица ќе започне набрзо.

    „На оваа улица моравме да изградиме атмосферска канализација, бидејќи по секој пообилен дожд атмосферската вода од реоните над улицата се сливаше овде и често ги поплавуваше куќите под улицата. Од објективни причини рекконструкцијата се оддолжи до почетокот на зимата, кога ги завршивме градежните работи но не успеавме да ја асфалтираме, бидејќи се затворија асфалтните бази. Но еве времето сега ни е наклонето и до крајот на месецот ќе почнеме да го вадиме стариот асфалт за да ставиме два нови слоја. Нашите предвидувања се сите работи да ги завршиме во месец април“, вели Хусеин Демири раководител на секторот за комунални дејности при Општина Тетово.

    Но не само оваа сообраќајница треба да се реконструира, снегот и мразот, кои оваа зима ги имаше во изобилие, направија поголеми или помали оштетувања на речиси сите улици во градот.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира