ГОЛЕМИ СЕ ЗА ВО ГИНИС, А ДОМА МАЛИ ЗА ДА ДОБИЈАТ ПАРИ

    ГОЛЕМИ СЕ ЗА ВО ГИНИС, А ДОМА МАЛИ ЗА ДА ДОБИЈАТ ПАРИ

    Ни денар нема да даде државата за 35. јубилејно издание на Светската изложба која ќе се организира пред отворањето на ликовната колонија „Мал битолски Монмартр“ во мај во Битола. Од Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“, кое е организатор на оваа манифестација, велат дека изложбата е позната низ целиот свет, а дома не добиваат финансиска поддршка од државата.

    „Ме боли тоа што во програмата на Министерството за култура годинава потворно го одбија нашето барање да се издвојат и средства за изложбата. На неа, само годинава пристигнаа над 10.000 цртежи, а со жирирање се избрани најдобрите 899 творби со кои ќе биде отворена изложбата на стартот од ликовната колонија „Мал битолски Монмартр“, вели Коста Хаџиантоновски, основач на детското ликовно студио.

    Тој објаснува дека значењето на оваа светска изложба е големо, зашто токму на интернационалниот конкурс што го распишува студиото, пристигнуваат ликовни творби од целиот свет. Оние најдобрите се наградуваат и се покануваат творците да присуствуваат на ликовната колонија во Битола. На тој начин се одржува квалитетот на манифестацијата.

    Благодарение на овие конкурси и светски изложби, ликовно студио располага со најголема детска ликовна колекција во светот. Таа брои половина милион цртежи кои се собрале за три и пол децениско опстојување, а остануваат во трајна сопственост на студиото.

    „Станува збор за вистински ликовни бисери. Дури три пати сме правеле изложби за Гинис, при што биле изложувани над 11.000 цртежи. Сме изложувале во Букурешт, Софија, Стокхолм и низ други светски метрополи. Трошоците за оваа изложба паѓаат на наш товар“, вели Хаџиантоновски.

    Како што пристигнуваат цртежи од цел свет во Битола, така и творците во детското ликовно студио праќаат свои творби на меѓународни конкурси. Студиото користи 100.000 денари преку УНЕСКО за да ги плати трошоците за праќање на  детските творби на конкурси и натпревари во странство. За жал, нема пари да им плати на талентираните деца да отидат таму  и да ги подигнат наградите. Поради тоа организаторите им ги праќаат во Битола. Од основањето до денес, учесниците од ова студио освоиле околу 2.000 награди на ликовни конкурси.

    Годинава со 200.000 денари државата ќе го поддржи само одржувањето на колонијата во мај во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА 

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира