ГРАД СКОПЈЕ ДАВА 3,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО, ТВРДАТ СОВЕТНИЦИ НА СДСМ, ОД ГРАДОТ НЕГИРААТ

    ГРАД СКОПЈЕ ДАВА 3,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО, ТВРДАТ СОВЕТНИЦИ НА СДСМ, ОД ГРАДОТ НЕГИРААТПред еден месец Владата побара Агенцијата за електронски комуникации да престане да ја финансира изградбата на панорамското тркало. - Од изградбата на панорамското тркало (Фото: СДК.МК)

    Град Скопје ќе му даде 3,5 милиони евра на ЈСП „Скопје”, за доизградба на панорамското тркало, тврдат од советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје. Тие денес обвинија дека со ребалансот на буџетот се пренаменуваат средства за доградба на овој непродуктивен проект.

    „Во услови кога буџетот на Град Скопје за првите 6 месеци има остварување од под 30 отсто, со ребалансот се зголемуваат средства за панорамското тркало. Тоа се прави преку моделот доделување субвенции на претпријатието за т.н. потешкотии во работењето, а всушност се работи за покривање на трошоците за градба на тркало. На овој начин ЈСП ‘Скопје’ ќе добие субвенции од 3,5 милиони евра кои не се за санација на потешкотиите во јавниот превоз, туку за изградба на овој контроверзен проект, за кој што ние се изјаснивме да се стопира и конзервира”, рече Драги Давчевски, советник од СДСМ во Советот на Град Скопје.

    Од кабинетот на градоначалникот Коце Трајановски ги отфрлаат ваквите тврдења на Давчевски, потенцирајќи дека средствата се исклучително за решавање на потешкотиите во работењето на јавното сообраќајно претпријатие.
    „Секоја година на ЈСП ‘Скопје’ му се даваат субвенции за покривање на загубите од потешкотиите во работењето. Град Скопје никогаш не го финансирал панорамското тркало, ниту овие пари се за таа намена” велат од Град Скопје.

    Изградбата на панорамското тркало беше предвидено да чини 18.5 милиони евра, пари кои во различни буџетски години ќе ги обезбедува ЈСП “Скопје”. Изградбата требаше да се финансира и преку донации, а досега пари биле донирани само Агенцијата за електронски комуникации. Пред еден месец Владата побара АЕК да престане да ја финансира изградбата на панорамското тркало.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира