ГРАДИЛИШТЕТО ВО ТАФТАЛИЏЕ ШТО ГО ЧУВААТ БОДИГАРДИ Е НА СНАБДУВАЧ НА ВЛАДАТА СО ЦВЕЌЕ

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    ГРАДИЛИШТЕТО ВО ТАФТАЛИЏЕ ШТО ГО ЧУВААТ БОДИГАРДИ Е НА СНАБДУВАЧ НА ВЛАДАТА СО ЦВЕЌЕ

    Новата зграда на улицата Букурешка во скопско Тафталиџе, чие градилиште го чуваат бодигарди, ќе ја гради фирмата „Флорастат“ ДООЕЛ Скопје, информираа од Општина Карпош. Таа е запишана во Централниот регистар на Република Македонија како Друштво за трговија на големо и мало и услуги и како мал правен субјект.

    Оваа фирма изминативе години има добиено низа тендери за едногодишна набавка на цвеќе на Владата, на министерствата и на општините. Набавките за милионски суми во денари се однесуваат на свежо и саксиско цвеќе за внатрешно уредување, надворешно хортикултурно уредување со трева, сезонски расад, сакасии, жардиниери, како и поставување автоматски ситем за полевање. На дел од тендерите била единствен понудувач, а онаму каде што имало и други понуди, многу често другите понудувачи се жалеле дека изборот бил нерегуларен.

    Годинава во јуни фирмата склучила договор со Општина Центар за дрвја, грмушки, трева и систем за полевање со вредност од 47,3 милиони денари односно 770.000 евра.

    Покрај со цвеќе и со зеленило, „Флорастат“ има искуство и во градење згради. Во 2011 година, фирмата понудила највисока цена за парцела на државно земјиште во Аеродром  со површина од 1648 квадратни метри и за 30.194.656,00 денари добила парцела за зграда во Аеродром. Изградбата на зградата завршила во 2014 година.

    Во мај годинава, „Флорастат“ на оглас понудила вработување за архитект, а од почетокот на годината била во потрага по градежно земјиште. На оглас прво побарала плац во Центар за изградба на зграда со објаснување дека нуди компензација или пари во замена за парцелата. Во мај го повторила истиот оглас, но за локација во Карпош, а на 28 јули објавила уште еднаш оглас дека бара плац во Карпош.

    Одобрението за градба на улица Букурешка, „Флорастат“ го добила летово.

    „Градежната дозвола со правосилно решение е донесена на 12 август оваа година“, велат од Општина Карпош.

    Општината тврди дека зеленилото, среде кое почна изградбата на нова зграда, не е парк.

    „Не станува збор за парк, туку за приватно земјиште на кое што претходно имаше објект. Целокупниот простор зафаќа површина од 3.500 квадратни метри, а пак основата на објектот ќе биде 500 квадратни метри. Предвидено е објектот да има приземје и пет ката“, велат од Карпош.

    Земјиштето имало вкупно 14 сопственици кои го продале на фирмата „Флорастат“.  На градилиштето нема табла со основни информации за тоа што се гради, кој е инвеститор, кој е изведувач, кој ќе врши надзор, кои се роковите во кои треба да се заврши градбата и кој е бројот на Одобрението за градење.

    На овие прашања од Карпош одговораат „Самиот инвеститор одлучува за изборот на изведувачот како и за надзорот. Моментално се вршат припремни работи на земјиштето, а инвеститорот се уште нема одлучено кој ќе ги спроведува градежните работи на објектот. По негов личен избор, пред да започне со градба, мора да достави решение во кое ќе ја извести Општина Карпош за изборот на изведувачот и надзорот“.

    На улицата Букурешка веќе има градилиште оградено со лимени тараби, а Законот за градба предвидува на секое градилиште да има табла со информациите за градењето. Во спротивно казната изнесува од 100.000 до 300.000 денари за правното лице. На ова градилиште табла нема иако градбата е веќе почната. Багерите прават јама за темели на зградата, што се гледа од погорните катови на соседните згради.

    На прашањето за тоа во кој рок треба да биде завршена градбата, одговорот од Општина Карпош е „Според Законот за градба, по добивање на одобрението за градење, инвеститорот има рок да отпочне со градежните активности во рок од две години“.

    И рокот во кој треба да биде завршена градбата е една од информациите  кои треба да бидат истакнати на градилиштето.

    Жителите од околните згради реагираа затоа што фирмата почнала да ги поставува тарабите во неделата, во периодот помеѓу земјотресите, па немале каде да се засолнат.

    Градилиштето е обезбедено како тврдина. Го чуваат бодигарди во црни маички на кои пишува обезбедување „Оса“. Кога ќе им јават ја отвараат вратата, излегува или влегува камион и веднаш ја затвораат. Зад тарабите со багери се копа јама за темелите на зградата.

    Жителите на Тафталиџе побараа помош од адвокати за да тужат оти тврдат дека новата зграда им ја загрозува животната средина, која за секој граѓанин е загарантирана според Уставот.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира