ИСЧЕЗНА ОРДЕНОТ „ГРАД – НАРОДЕН ХЕРОЈ“ НА ПРИЛЕП

    ИСЧЕЗНА ОРДЕНОТ „ГРАД – НАРОДЕН ХЕРОЈ“ НА ПРИЛЕПОд највисокиот орден „Град-Народен херој“, што во 1975 на Прилеп му го додели Маршалот на СФРЈ Јосип Броз Тито за огромниот придонес во четиригодишната народноослободителна војна, останаа само фотографиите од признанието и од Повелбата што се во меморијалниот музеј „11 Октомври“ познат како Участак. Орденот до почетокот на 1990-тите години се чувал во просториите на општинското Собрание, но со распадот на Југославија исчезнал, и бидејќи бил од злато се претпоставува дека е украден и истопен (Фото: СДК.МК)

    Прилеп е единствен град во Македонија којшто е одликуван со највисоко признание орден „Град-Народен херој“ во 1975 година, од Маршалот на СФРЈ Јосип Броз Тито, за својот огромен придонес во четиригодишната народноослободителна војна од 1941 до 1945 година.

    Учеството на 8.000 активисти, 2.700 вооружени борци, 650 жртви и 15 народни херои, 10 од нив ги положиле своите животи на браникот на слободата, се влогот поради кој, градот пред 42 години го добил ова одликување. Орденот до почетокот на 1990-тите години се чувал во просториите на општинското Собрание, но со распадот на Југославија орденот исчезнал.

    Сашо Пирганоски, единствен градоначалник на Прилеп од СДСМ, за орденот собрал изјави од сите вработени во Општината што официјално по службен пат биле доставени во прилепското Основно јавно обвинителство, но нема исход (Фото: СДК.МК)

    Оттогаш до денеска, единствено прилепската организација на Сојузот на борци испраќа апели за да се открие вистината каде исчезнал орденот, а единствен од редот на претседателите, а подоцна и градоначалници на Прилеп кои иницирале истрага е Сашо Пирганоски (СДСМ), кој што оваа функција ја извршуваше од 2000 до 2005 година. Сепак без успех, зашто во Основното јавно обвинителство во моментов немаат точна информација дали е покрената некаква истрага и ако е така, каде и зошто е стопирана.

    Јавноста нема информација што се случи со орденот. Јавна тајна е дека некој го зел од општинските простории. Се шират низ годините гласишта дека одредени структури влегле, го отвориле сефот, и сѐ извадиле оттаму. Дека тоа бил добро смислен потег. Дека не само ореденот, туку се уништувани и други значајни документи кои сведочат за животот на градот во рамки на поранешна Социјалистичка Република Македонија. Но, оттогаш се губи трагата каде и што се случило. Се јавуваат сомнежи дека орденот бил изработен од злато, и дека некој го стопил … Сепак сѐ е во сферата на претпоставките, додека не се спроведе официјална истрага.

    „Функцијата претседател на Општина Прилеп ја извршував од 17 јануари 1991 година до 30 мај 1993. И многу свежи ми се спомените оттогаш. Знам дека орденот стоеше заклучен во сефот во малата сала за состаноци, во касата што се наоѓаше зад вратата. Орденот не беше изложен, а клучот стоеше кај мене, строго доверливо. Кога ми заврши мандатот и на мое место од Реформските сили ја именуваа Виолета Попоска за нов претседател, не беше извршено примопредавање. Само што мене ме сменија, ја запечатија канцеларијата за да не можам да влезам, а јас таму се појавив дури по недела – две.  Забележав дека сѐ беше расфаќано по бироата, катастрофа … Тогаш клучот од сефот ѝ го предадов на Комисијата за примопредавање, ама сѐ се избуричка. Така што, не знам што се случило оттогаш натаму“, вели Илија Димоски, викан Шаторот, инаку член на ВМРО-ДПМНЕ.

    Наследничката на Димоски, Виолета Попоска веќе не е жива. И за овој период се оскудни информации до кои може да се дојде, а токму во овој период се губи трагот на орденот. Заменикот на Попоска,тогашниот потпретседател на Собранието Ратко Андреески (ВМРО-ДПМНЕ), којшто по разрешувањето на Попоска краток период од неколку месеци ја извршуваше и функцијата претседател на Општина до редовните локални избори во 1996, тврди:

    „Не знам што се случило, не сум го видел никаде орденот во тој период и навистина не знам што се случило“.

    Одговор нема ни тогашниот секретар на Собранието, Димко Коцески.

    „Не знам што имаше во малата сама. Таа беше просторија за состаноци, таму координациите со началниците ги држеше Илија Димоски, потоа клучевите си ги зедоа Виолета Попоска и Ратко Андреески. Јас не знам ни дека е исчезнат орденот, зашто јас работев само во мојата канцеларија, како секретар на Општината и тоа во периодот од 1993 до 1996 година“, објаснува Коцески и додава дека во тој период со цел да се заштитат одредени документи побарал од општинскиот архив да се подигне и заштити дел од архивата.

    „Точно е дека имаме земено материјал од Комисијата за споменични обележја. Од таа Комисија чуваме само документи, значи документи кои ја лоцираат локацијата и проектите за изработка на спомен куќи и спомен обележја. Ние само слушаме дека е земен ореденот, дека е исчезнат, но ништо повеќе од тоа. Ниту пак има записник дека орденот го нема, јас сум ја зел архивата, но во архивите немаше никаква информација за орденот“, вели Пане Петрески, вработен во градскиот Архив.

    Ниту градоначалникот Глигор Иваноски (ВМРО-ДПМНЕ) кој што функцијата ја извршуваше од 1996 до 2000 година, не соопштува никакви детали за ова високо признание.

    Учеството на 8.000 активисти, 2.700 вооружени борци, 650 жртви и 15 народни херои, а 10 од нив ги положиле своите животи на браникот на слободата, се влогот поради кој Прилеп пред 42 години го добил орденот (Фото: СДК.МК)

    „Откако ја презедов функцијата немаше орден. Примопредавање не беше извршено со мојот претходник Ратко Андреески, според тоа јас не сум ни информиран што се случувало пред тоа и дали имало орден. Не знам ниту што имало во сефот, ниту го отворив, ниту го затворив, зашто во малата сала влегував само кога има состаноци. Едноставно немам информација за тоа“, вели Иваноски.

    Но, следбеникот на Иваноски, Сашо Пирганоски, единствен градоначалник на Прилеп од СДСМ, одлучил да дојде до вистината. Собрал изјави од сите вработени во Општината и официјално по службен пат биле доставени во Основното јавно обвинителство во Прилеп. Според изјави на вработените во Општината, како што вели, точно се знае кои луѓе и во кој период, го испразниле сефот и го зеле орденот. Тоа дури било направено со Одлука на општински орган или тело.

    „Собрав изјави од вработените и ги дадов во прилепското Јавно обвинителство. И според тие изјави, орденот го крадела група од 4-5 мина, овластени од некој орган или од Советот можеби, не се сеќавам. Тие биле членови на ВМРО-ДПМНЕ, го отвориле сефот и зеле сѐ што имало во сефот, меѓу другите работи и Орденот. Некои споменуваа дека бил изработел од благороден метал, и дека потоа бил стопен, но сепак тоа се само претпоставки. Јас ги информирав надлежните, но зошто натаму нема никаква постапка, не знам“, вели Пирганоски.

    Дали постапката на Пирганоски ја продолжил неговиот наследник, актуелниот градоначалник Марјан Ристески нема потврда. Молчат и од одделот за односи со јавност и од кабинетот на Ристески, впрочем како и за сите теми за кои што сме побарале одговор.

    Во прилепското Основно јавно обвинителство велат дека ќе проверат дали била покрената некаква постапка, но дека им требаат информации за годината кога е доставена информацијата од Општина Прилеп.

    Впрочем целата приказна води во ќорсокак. Но, сепак вистината се крие во Обвинителството кое што треба најскоро можно да го истражи овој чин на одземање на највисокото признание на Прилеп, орденот „Град – Народен херој“.

    „За големината на ова признание сведочи и фактот што Прилеп во тогашна СФРЈ, бил во редот на неколкуте градови одликувани со највисоки признанија од Маршалот Тито. Најпрвин ова признание го добила Љубљана (1970), потоа Дрвар и Белград (1974), за да во 1975 година, Прилеп заедно со Загреб, Нови Сад, Приштина и Цетиње бидат прогласени за градови народни херои. И по 25 години, безуспешно трагање каде е, општинската организација на Сојузот на борци, постојано апелира да се најде, ако тоа не е можно, тогаш да се направи копија на овој орден. Меѓутоа, некако повиците на боречката организација како да завршуваат во празно, така што сѐ е статус кво од моментот на исчезнувањето на ова високо признание“, вели историчарот Рубин Белчески, член на раководството на прилепската организација на Сојузот на борци.

    Во моментов во Прилеп има само фотографии на орденот и на Повелбата со кои што Тито го одликувал Прилеп, и се наоѓаат во меморијалниот музеј „11 Октомври“ познат како Участак.

    Најголемиот апсурд е што Прилеп и прилепчани секоја година на 11 Октомври, најголемиот национален празник кој сведочи за почетокот на Народноослободителната револуција го слави гордо и достоинствено потсетувајќи на големото дело на борците и жртвите за денешната слобода, потсетувајќи дека поради тоа Прилеп е одликуван за „Град-Народен херој“.

    М. ТАЛЕСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира