ИЗГОРЕ ДОМ НА ТРИЧЛЕНО СЕМЕЈСТВО НА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО КУМАНОВСКА РЕЧИЦА

    ИЗГОРЕ ДОМ НА ТРИЧЛЕНО СЕМЕЈСТВО НА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО КУМАНОВСКА РЕЧИЦА„Изгоре сè што имавме. Целата покуќнина, облека, документите на мене и децата. Едното дете од 27 години е со посебни потреби, не знам каде ќе живееме понатаму. Овој објект беше нашиот дом, сега останавме на улица“, вели Момчило Стефановски, самохран родител на две деца (Фото: СДК.МК)

    Татко со две деца остана на улица, откако во голем пожар целосно изгоре нивното живеалиште, објект на Македонски железници во кумановското село Речица. Семејството Стефановски од вчера живее под ведро небо, бидејќи огнот ја уништи зградата кој им беше дом, и целиот имот што со години го создавале.

    „Изгоре сè што имавме. Целата покуќнина, облека, документите на мене и децата. Едното дете од 27 години ми е со посебни потреби, не знам каде ќе живееме понатаму. Овој објект беше нашиот дом, сега останавме на улица“, вели Момчило Стефановски, викан В’шка и самохран родител на две деца.

    Пожарот го зафатил објектот на железничката станица во Речица вчера околу 14 часот, откако запалена сува трева во должина од 2 километри од селото Слупчане се проширила кон селото. Пожарот го забележале соседите и му се јавиле на Момчило, но додека тој пристигнал од градот со возило на противпожарната единица веќе било доцна. Пожарникарите се бореле со огнената стихија до 4 часот утринава. Во пожарот изгореле и околу 7 кубика дрва и мини столарска работилница, во која Момчило од хоби изработувал кафези и куќички за домашни миленичиња и го надополнувал скромниот семеен буџет. Во пожарот семејството останало и без десетината кокошки и исто толку мали кученца и две верверички кои ги чувале децата.

    Стефановски живеат од социјална помош која ја добиваат за болното дете, бидејќи ќерката и таткото немаат работа. Во стариот и запуштен објект на МЖ се вселиле од 2001 година и го прилагодиле за нивните потреби, но сега нема услови да останат таму.

    Екипа од Црвен крст Куманово денеска однесе прва помош на семејството, а бидејќи Момчило е нивен активист најавиле дека ќе му помогнат во рамки на нивните можности. Семејството апелира до институциите и граѓаните ако се во можност да му понудат кров над глава и да му помогнат да ги надмине овие тешки моменти.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира