КЛУПИ И КОРПИ МЕСТО УЛИЦА НА КЕЈ 13 НОЕМВРИ, ИЗГЛАСА ОПШТИНА ЦЕНТАР НА ВОНРЕДНАТА СЕДНИЦА

    КЛУПИ И КОРПИ МЕСТО УЛИЦА НА КЕЈ 13 НОЕМВРИ, ИЗГЛАСА ОПШТИНА ЦЕНТАР НА ВОНРЕДНАТА СЕДНИЦА

    Место улица со посебен режим на сообраќај, Советот на Општина Центар донесе одлука која на шеталиштето предвидува клупи, жардиниери и корпи за отпадоци. За Одлуката за утврдување и изглед на градба – пешачки улици и патеки Кеј 13 Ноември од улицата Фипип Втори до објектот на Телеком не гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Тие на денешната вонредна седница за стопирање на изградбата на улицата на Кеј 13 Ноември се изјаснија дека не гледаат како ваква одлука е поврзана со новата улица.

    Советникот Илија Илиојски од ВМРО-ДПМНЕ побара од градоначалникот Андреј Жернвски објаснување зошто во четиригодишниот мандат не го сменил планот „Мал ринг“, туку носел само одлуки за забрана на градежни дејности.
    „Сега одеднаш ви текна да носите програма за уредување, на истек на мандатот. Што не предложевте ваква програма досега? Можевте и да го смените планот, но ништо не направивте“, праша советникот Илијоски по што следуваше бурна реакција од сопствениците на кафеани, кои беа гости на седница и од градоначалникот.

    Кафеанџиите му дофрлија дека моментот не го одбрал градоначалникот туку оние кои почнале да градат на Кејот, а градоначалникот објасни дека Владата и институциите ја кочеле неговата работа.
    „Ајде да ги отвориме картите. Оваа седница е за стопирање на изградбата на улицата. Изминативе години Владата ги смени законите со цел да ги одземе ингеренциите на Општина Центар. Законот за градба е сменет дури 25 пати и да не се правиме наивни и неителегентни тоа е да се одземат ингеренциите на Центар за грдите вештачки стиропор фасади. Во ДУП над земја се гледа пристапна улица, но како таа ќе има посебен режим кога е единствен пристап до Катната гаража. Ние четири години не можевме ниту да почнеме да работиме на измените на планот ’Мал ринг’ бидејќи немаме конзерваторски основи, а не можеме да добиеме ниту податоци од Катастар“, рече градоначалникот Жерновски.

    Преставниците на кафеанџиите на советниците им објаснија дека се против изградбата на улица оти не само што ќе им трпат бизнисите, туку таа би била небезбедна имајќи предвид дека никој не го почитува ограничувањето на брзината.
    Улицата на кеј 13 Ноември почна да се гради во саботата утрото, но кафеанџиите излегоа на протест и ги спречија градежните активности.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира