МИ ЈА ГРЕБАТ КОЛАТА И МИ ГИ ОДВРТУВААТ ШТРАФОВИТЕ ОД ГУМИТЕ, СЕ ЖАЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КАВАДАРЦИ

    МИ ЈА ГРЕБАТ КОЛАТА И МИ ГИ ОДВРТУВААТ ШТРАФОВИТЕ ОД ГУМИТЕ, СЕ ЖАЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КАВАДАРЦИКавадаречкиот градоначалник Александар Панов на судењето за изборен поткуп. На 18 август, Панов беше осуден на два месеца затвор од Основниот суд Кавадарци. (Фото: СДК.МК)

    Ми го гребат автомобилот и ми ги одвртуваат штрафовите од гумите, се пожали кавадаречкиот градоначалник Александар Панов, кој минатата недела беше осуден на 2 месеца затвор за поткуп при избори и гласање. Тој смета дека „некому не одговараат успешни кандидати за градоначалници“.

    Тврди дека штом е некој успешен, веднаш почнуваат уцени и закани и дека закани освен кон него, имало и кон друг потенцијален успешен кандидат.

    „Мислам дека никогаш не било полошо. Не поради тоа што јас сум во прашање. Прво беа обидите преку ‘бомбите’ во негативно светло да се прикаже мојата личност. Тука е и секојдневно гребење на автомобилот и одвртување на штрафовите на гумите, иако автомобилот не е само мој туку во него се вози целата моја фамилија. Тука се и кривичните пријави кон мене и мојата сопруга. Еден масовен атак. Создаваат една слика како да сме душмани, а не само политички противници “, вели Панов.

    Тој повикува натпреварувањето да биде со проекти, а не „со средновековна борба“.

    Во предлогот на Обвинителството за изборниот поткуп стои дека „обвинетиот во својство на градоначалник на Општина Кавадарци на 09.12.2016 година околу 13.30 часот два дена пред парламентарните избори, во својата канцеларија во зградата на општина Кавадарци на лицето Сали Мемедов и на уште две непознати женски лица кои имаат избирачко право, со намера да го придобие нивниот глас во корист на партијата ВМРО-ДПМНЕ на која е член, од фиоката на работното биро извадил три банкноти од по илјада денари и им ги дал како подарок“. Според обвинението, тројцата, два дена пред изборите на 11 декември, се потпишале на бел лист хартија. „Притоа обвинетиот им рекол ние сме за да си помогнеме еден со друг и да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ“, стои во него.

    Панов, кој го негира обвинението, сега вели: „Јавноста нека следи во наредниот период која ќе биде наградата за судијата кој во првостепениот суд ме осуди на два месеца затвор за поткуп при избори и гласање. Ако не биде награден, тоа ќе значи дека навистина донел вистинска одлука“.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира