НА БИТОЛA Ѝ ТРЕБААТ СТОТИНА ДОКТОРИ СПЕЦИЈАЛИСТИ, ПЕДИЈАТРИ ДОАЃААТ ОД ПРИЛЕП И ОД ОХРИД

Битолското здравство има недостиг на лекари специјалисти и ако не се преземат сериозни мерки, постои опасност одделенија од битолската болница во идните пет-шест години да останат без кадар или со по еден до два лекари

    НА БИТОЛA Ѝ ТРЕБААТ СТОТИНА ДОКТОРИ СПЕЦИЈАЛИСТИ, ПЕДИЈАТРИ ДОАЃААТ ОД ПРИЛЕП И ОД ОХРИДВо битолската Клиничката болница недостигаат 78 доктори, специјалисти од разни области (Фото: СДК.МК)

    На битолското здравство му недостигаат околу стотина лекари, покажува исцрпната анализа на докторката Весна Спиркоска, вработена во Итната медицинска помош при Здравствениот дом во Битола, инаку претседател на Комисијата за здравство при СДСМ во Битола. Во Здравствениот дом според систематизацијата, недостигаат 42 доктори од разни профили. Нема дежурна педијатарска служба, а со недоволна екипираност се соочуваат службите за Домашно лекување и Итна медицинска помош (ИМП). Во ИМП од предвидени 17 има 13 лекари. Проблемот се решава со многу прекувремени саати, кои претставуваат големо преоптоварување за здравствените работници.

    Според анализата на Спиркоска, идентична е ситуацијата во Клиничката болница каде недостигаат 78 доктори, специјалисти од разни области, од кои 23 се веќе на специјализација, 8 со кофинансирање, што значи дека и понатаму останува недостиг од 47 специјалисти.

    „Еден од начините за моментално решавање на овој проблем е дополнителното работење на докторите (размена)  од околните градови. Така, гинеколозите, оториноларинголозите и интернистите  од Битола надополнуваат  во Прилеп, анестезиолозите во Охрид, додека во Битола доаѓаат педијатри  од Прилеп и Охрид, во инфективно одделение специјалисти од Прилеп.  Голем проблем е недостатокот на уролози, кој се решава со доаѓање на таков кадар од Прилеп и Скопје. Освен што претставува голем проблем во организирањето  на работата, истовремено е и голем финансиски издаток во здравствениот систем“, вели Спиркоска.

    Таа вели дека ако кон ова се додаде и „Мој термин“ , со преоптоварена агенда на работа, добиваме преоптоварени доктори кои се трудат максимално да обезбедат квалитет на услугите.

    „Не смее да се заборави и старосната граница на здравствените работници. За неколку години, 4 до 5, најмалку 40 до 50 проценти  од сегашниот медицински персонал  би заминал во пензија. Ако не се решава ургентно, ќе доведе до полоша ситуација во здравството“, вели Спиркоска.

    Таа критикува дека досегашната кадровска политика била катастрофална  и ја нарекува здравствена декомпензација каде здравството попуштило по сите шевови, а едукацијата со патувања ја нарекува бел туризам и смета дека во иднина треба да се реорганизира.

    И лекари од битолската болница потврдуваат дека оделенијата кубурат со кадри. Велат дека  најголем недостиг на лекари се чувствува на одделенијата за педијатрија (Детско), неонатологија, урологија и анестезија. Доктор Благица Темелковска, специјалист педијатар, пред неколку месеци ни рече дека на Детско одделение од четворицата домашни педијатри, тројца наскоро ќе бидат за пензионирање, па одделението ќе остане само со еден битолски специјалист.

    „Две лекарки кои се на специјализација ќе се вратат во 2018 година. На припомош се вклучени и педијатри од Прилеп и Охрид. Тие држат дежурства, но не се вклучени во тековното работење. За дежурствата нам ни се плаќа една четвртина од она што им се плаќа ним“,  рече Темелковска.

    Според анализата на д-р Весна Спиркоска, вработена во Итната медицинска помош при Здравствениот дом во Битола, проблемот се решава со многу прекувремени саати, кои претставуваат големо преоптоварување за здравствените работници (Фото: СДК.МК)

    Долгогодишниот искусен хирург Димче Кузмановски и поранешен директор на болницата,  вели дека врз моменталната состојба влијаеа низа околности.

    „Во 2006 година беа над 200 специјалисти. 30-тина  заминаа во приватни болници, а 40- тина во пензија. Дополнување на кадрите имаше, но не беше доволно да ги надополни местата. Во социјализмот преку акција се вработуваа оддеднаш 40 лекари. Сега годишно не може ни 15, а генерациски во неколку години заминуваат 30 во пензија. Вака е и во други болници“, вели тој.

    Експремиерот Никола Груевски како пратеник и лидер на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ со ексминистерот за здравство и тогаш уште пратеник Никола Тодоров на 25 мај годинава вршеа увид во обновената фасада на битолската болница. Груевски тогаш изјави: „Одлично е, ете се гледа, многу опрема, многу нов кадар и комплетно реновирање на фасадата. Овде одлично се одвиваат работите. Кадарот е зајакнат и по квалитет и по квантитет“.

    Експремиерот Никола Груевски како пратеник и лидер на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ со ексминистерот за здравство и тогаш уште пратеник Никола Тодоров на 25 мај годинава вршеа увид во обновената фасада на битолската болница (Фото: СДК.МК)

    Тодоров му кажуваше дека примиле 250 лица, од кои 46 лекари, од нив 23 пратени на специјализација, за што рече дека е сериозно кадровско зајакнување и ќе овозможи стабилен развој на болницата.

    Според изнесеното, се заклучува дека од вработениот кадар во болницата во времето на ВМРО-ДПМНЕ 19 проценти биле лекари, во просек се вработувале по 4 до 5 лекари годишно.

    Директорот на битолската Клиничка болница Василе Најдовски, запрашан дали имаат недостиг на кадар, ни рече дека тоа зависи од кој агол ја гледаме работата.

    „Имало одделенија од 1970 година кои работеле со двајца лекари и не недостигале лекари, и одделенија каде и тројца се малку. Во овие пет години примени се 250 лица, од кои 48 лекари. Подобрена е состојбата со оглед на тоа дека до 2006 година многу малку се примаа лекари. Ќе има потреба од пополнување зашто се јавуваат нови одделенија, нови техники, има и непополнети места“, вели Најдовски и додава: „Наши лекари одат на размена во други градови, а кај нас доаѓаат од Прилеп, Охрид и Скопје“.

    „Во слободно време лекарот наместо да седи или да оди на летување, доброволно, за екстра пари, оди на дежурство, а целта е подобра услуга на пацинетите“, вели Најдовски.

    Според информации од болницата, дежурствата на домашни лекари се плаќаат по 1.500 денари, а на оние од другите градови по 6.000 денари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира