НЕМА РЕШЕНИЕ ЗА ПЕПЕЛТА ОД РЕК БИТОЛА КОГА ДУВА ВЕТЕР

    НЕМА РЕШЕНИЕ ЗА ПЕПЕЛТА ОД РЕК БИТОЛА КОГА ДУВА ВЕТЕРГодишно во комбинатот се произведуваат 1,5 милиони тони пепел. - Депонијата кадешто се одлага пепелта (Фото: СДК.МК)

    Има нов проект за одлагањето на пепелта во РЕК „Битола“, но по стариот принцип на работа. Тоа значи дека пепелта која е нус производ од согорувањето на јагленот во термоелектраните, според новиот проект кој ќе се применува до 2025 година, повторно ќе се одлага во таканаречени касети и ќе се покрива со земја. Проблемот е во тоа што во овој случај и натаму ќе нема начин за да се спречи ширењето на прашината доколку за време на одлагањето на пепелта дува ветер.

    „Повторно подготвуваме касети каде ќе се врши одлагањето на пепел. На истиот начин ќе биде одлагањето како и до сега. Се одлага пепелта и се покрива со земја 30 до 50 сантиметри. Како што се одлага пепелта, така доаѓа и одлагањето на земја. Во некој момент може да се случи при самото одлагање на пепелта ако дува ветер, посебно ако е контра јужен ветер да се појавува прашина од пепел. Тоа значи дека што и да правиме во таков момент кога имаме ветер се јавува прашина“, вели Тони Паспаловски, надлежен за отпепелување во РЕК.

    За заштита од ветер и ерозија, депонијата со пепел се засадува со багремови дрвја од сопственикот расадник на РЕК. Годишно во комбинатот се произведуваат 1,5 милиони тони пепел. Токму депонијата кадешто таа пепел се одлага и прашината што од неа се шири, се посочуваат како опасен загадувач на животната средина во поширокиот битолски регион според истражувањето „ТЕРА МЕД“, во кое беа вклучени Универзитетот во Битола и Солун.

    Во добиените резултати беше посочено дека во примероците од почва земена од околината на РЕК беа констатирани зголемени содржини на олово и арсен, а во воздухот арсен поради контаминација преку преносот на прашината од депонијата со пепел. Резултатите покажале и двојно поголема радиоактивност на пепелта од РЕК.

    Комбинатот за да ги намали емисијата на штетни ПМ 10 честички во издувните гасови планира да изврши и реконструкција на постоечките електростатски филтри. Така,
    присуството на честичките ќе се намали на 20 милиграми на метар кубен што е под дозволеното. Но, како што изјави генералниот директор на ЕЛЕМ, Кристијан Мицкоски, иако е донесена инвестициска одлука за овој прокет што чини 20 милиони евра, поради моменталната политичка состојба работата тапка во место.

    За во иднина се планира и изградба на постројка за десулфуризација вредна 120 милиони евра која ќе го намали испуштањето на сулфурните оксиди во воздухот. Тие предизвикаат кисели дождови, но среќна околност е тоа што во Битола се користи јаглен со мало присуство на сулфур.

    „И со досегашните издувни гасовни многу малку сме над дозволената норма. Дозволената норма на сулфурен диоксид е 400 милиграми на нормален метар кубен, а ние имаме меѓу 900 и 1200. Ако се споредиме со други електрани тие имаат по 3000 до 5000 милиграми на нормален метар кубен“, рече Паспаловски.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира