НИ БАРААТ 8.000 ДЕНAРИ МЕСЕЧНО ЗА ПАРКИНГ, СЕ ЖАЛАТ СТАНАРИТЕ ВО ТЕТОВО

a:2:{s:16:"td_post_template";s:22:"single_template_civica";s:9:"td_source";s:45:"Тетово,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    НИ БАРААТ 8.000 ДЕНAРИ МЕСЕЧНО ЗА ПАРКИНГ, СЕ ЖАЛАТ СТАНАРИТЕ ВО ТЕТОВО

    Помина една година од воведувањето на зонското паркирање во Тетово, а граѓаните сѐ уште се со поделени мислења за неговата ефикасност. Повеќето од нив велат дека сега се создаде поголем хаос, посебно во улиците каде не се наплатува паркирањето, бидејќи сега тие се пренатрупани со возила чии сопственици не сакаат да платат паркинг. Посебно хаотична е состојбата на булеварот Илирија во делот на влезот во градот. Овде, возачите кои не сакаат да платат паркирање ги паркираат своите автомобили на тротоарите, на зелените површини па дури и пред самите влезови од зградите. Голем дел од нив се жители на околните згради кои не можат да добијат годишна карта за паркирање.

    “Ние жителите на овие згради во кои има над сто станови, нема каде да ги паркираме нашите возила. Порано се паркиравме на улицата, но откако воведоа наплата за паркирање се снаоѓаме како знаеме и умееме. Ги паркираме нашите возила на тротоарите, во зеленилото, пред влезовите, но не само ние, тоа го прават и другите возачи кои со своите возила ќе дојдат на зелениот пазар да пазарат или да завршат некоја работа. Понекогаш има толку многу паркирани возила што ни пешаците не можат да поминат. И кога на сето ова ќе ги додадеме и комби возилата кои тука се паркираат и чекаат патници, тогаш хаосот е целосен. Уште на почетокот, кога се воведуваше зонското паркирање, ние станарите од овие згради на двапати протестиравме па дури и ја блокиравме улицата барајќи да добиеме повластени билети за паркирање бидејќи и порано тука сме се паркирале пред нашите згради каде живееме. Но сето тоа беше залудно. Ни велеа дека може да се паркираме на улицата како и секој друг сопственик на возило, односно да плаќаме по 30 денари од час паркирање или месечно ни пресметаа дека сме требале да платиме над 8.000 денари. Па кој може толку да одвои толку пари месечно за паркинг? Затоа се снаоѓаме кој како знае и умее. Полицијата засега нѐ толерира, но не знаеме до кога. Бараме да ни се направи паркинг позади зградите, таму каде има простор, но и тоа не можеме да го реализираме бидејќи постоеле имотно-правни проблеми со земјиштето“, вели Антонио  Спиридис станар во една од зградите на булеварот Илирија.

    Во Јавното претпријатие за паркинг простор во Тетово велат дека за издавање годишни претплатни карти по повластена цена станарите треба да поднесат барање до Советот на Општината (Фото: СДК.МК)

    Во Јавното претпријатие за паркинг простор во Тетово велат дека за издавање годишни претплатни карти по повластена цена станарите треба да поднесат барање до Советот на Општината (Фото: СДК.МК)

    Наспроти ова, од Јавното претпријатие за паркинг простор во Тетово велат дека за изминатава година граѓаните го прифатиле зонското паркирање и дека е воспоставен поголем ред на улиците и паркинг местата. Што се однесува до одредени барања на граѓаните, од  ЈП велат дека тие не можат да одобрат повластено паркирање за овие станари бидејќи таква одлука може да донесе Совето на Општина Тетово.

    “Паркирањето во градот е поделено на две зони, А зона, Б зона. Во А зоната, во која меѓу другите се наоѓа и булеварот Илирија, никому не му е дозволено паркирање по повластена цена, односно не се издаваат годишни претплатни карти по повластена цена. Ние како Јавно претпријатие  не можеме да донесеме ваква одлука туку за тоа е надлежен Советот на Општина Тетово. Советот одлучува, а ние само ја спроведуваме нивната одлука. Овие граѓани треба да поднесат барање до Советот. Ако им се усвои барањето, ние ќе го спроведеме“, вели Фејсел Беадини, директор на ЈП за Паркинг простор на Општина Тетово.

    Тој вели дека засега во двете паркин зони на тетовските улици има 487 паркинг места  и уште 140 паркинг места во затворени паркинзи. Цената за еден час паркинг во А зоната е 30 денари а во Б зона 20 денари од час.  Повластената карта за паркинг изнесува 250 денари месечно односно 150 денари на затворените паркинзи. За наредната година, од ЈП најавуваат дека зонското паркирање ќе се прошири и на други улици во градот.

    Но проблеми со зонското паркирање немаат само жителите од зоната А. Ги има и во зоната Б. Овде станарите кои живеат во згради може да добијат повластени годишни карти за паркинг, но не и оние граѓани кои живеат во куќи.

    “Ни велат дека автомобилите мораме да ги паркираме во дворовите. Но каде да паркирам кога немам двор? Ваквиот однос на Јаното претпријатие не става нас сопствениците на куќи во нерамноправна положба со станарите од зградите. Јас во приземјето на куќата имам два дуќана и за нив ги плаќам сите давачки кон општината, даноци, комуналии и други такси и тоа вкупно не е мала сума, за разлика од станарите од зградите кои плаќаат само данок на стамбениот простор, но и покрај тоа тие имаат повластен паркинг, а ние неможеме да добиеме.  Нека пресметаат тие од општината колу ќе загубат ако дуќанот го претворам во гаража. Не само јас туку уште неколку сопственици на куќи од нашата улица го имаат истиот проблем. Поднесов и приговор до Општината за оваа нивна одлука но сѐ уште немам одговор“, револтирано вели Светлана Р. која има куќа во зоната Б на улица Јане Сандански.

    Од ЈП имаат образложение и за овие случаи.

    “При доделувањето на повластени паркинг карти ние се раководиме од имотните листови на граѓаните кои имаат куќи. Според нашиот Правилник кој е донесен од Советот на општината, ако во имотниот лист на сопственикот на куќата стои дека има гаража ние тогаш не можеме да им дадеме повластена паркинг карта. Тоа што некои од нив гаражата ја направиле дуќан, тоа е нивни проблем и тука ние не можеме да им помогнеме, секако сѐ додека Советот не донесе поинакво решение“, вели директорот Беадини.

    Со наближување на новогодишните празници бројот на возилата што се движат и паркираат на тетовските улици нагло се зголемува со доаѓањето на бројните гастербајтери. Во градот започнува голема борба за секое слободно паркинг место било да се наплатува, а уште повеќе за тие паркинг места во споредните улички каде паркирањето сѐ уште е бесплатно.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира