ОТВОРЕН ЦЕНТАР ЗА ДЕЦА СО АУТИЗАМ ВО ТЕТОВО

ОТВОРЕН ЦЕНТАР ЗА ДЕЦА СО АУТИЗАМ ВО ТЕТОВОВо центарот засега се вклучени 25 деца со аутизам со кои еден и пол час во текот на денот работат неколку психолози и дефектолози, од кои дел се студенти (Фото: СДК.МК)

Во Тетово почна со работа центар за деца со аутизам. Иницијативата за негово отварање потекнала од неколку психолози и студенти дефектолози од Тетово предводени од Миѓен Амзаи,  а наишла поддршка и од локалната самоуправа.

„Во центарот засега се вклучени 25 деца со аутизам со кои работат неколку психолози и дефектолози, од кои дел се студенти. Работата се одвива индивидуално и секое дете со аутизам во центарот поминува еден и пол час во текот на денот. Ние сме задоволни од опременоста на центарот и од првичните постигања, а уште позадоволни се родителите посебно кога ќе ги видат првите резултати кај нивните деца“ , рече Миѓен Амзаи од Здружението на албански психолози во Македонија.

Проектот за отварање центар за деца со аутизам е подржан од Општина Тетово.

„Откако ја слушнавме идејата, ние како Општина Тетово го поддржавме проектот, иако скромно, бидејќи сметавме дека тој е значаен за градот. Исто така, контактиравме и со училиштата во градот за да се овозможи идентификација на деца со аутизам кои посетуваат редовна настава, за да можат дополнително да ги користат погодностите на овој центар. Ние сакаме овој проект и понатаму да го поддржиме, но исто така би сакала тука да се вклучат и другите институции, посебно Министерството за социјална работа. Се надеваме дека за наредната година дел од финансирањето на центарот ќе биде поддржан и од буџетот на Општината“, изјави градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи.

Активностите засега се одвиваат само на албански јазик, но од Центарот за аутизам велат дека ако се пријави некое дете без проблем може да се работи со него и на македонски јазик.

З. АНДОНОВ

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира