„ПАРКИНЗИ ЦЕНТАР“ ПОБАРА ПОНИШТУВАЊЕ НА НЕИЗГРАДЕНАТА БАРОКНА КАТНА ГАРАЖА КАЈ „АУТОМАКЕДОНИЈА“

    „ПАРКИНЗИ ЦЕНТАР“ ПОБАРА ПОНИШТУВАЊЕ НА НЕИЗГРАДЕНАТА БАРОКНА КАТНА ГАРАЖА КАЈ „АУТОМАКЕДОНИЈА“За овој објект Дирекцијата за заштита и спасување во два наврати издаваше негативно мислење, бидејќи проектот не исполнуваше минимум стандарди за заштита од пожари и евакуација на корисниците, но по неколку измени објектот успеа да добие позитивно мислење; - компјутерска анимација за изгледот на катната гаража планирана кај „Аутомакедонија“ во строгиот центар на Скопје

    Директорот на скопското јавно претпријатие „Паркинзи Општина Центар“ Саша Богдановиќ утрово поднел барање до надлежните институции за поништување на купопродажниот договор за парцелата кај „Аутомакедонија“ во строгиот центар на Скопје, предвидена за изградба на барокна катна гаража. Новиот објект, според најавите, предвидено е да биде висок 29 метри, односно да има приземје и осум ката.

    „Денес поднесовме барање за конечно раскинување на сите спорни договори за катната гража на ’Никофон’, побаравме да се поништат одобренијата за градба, земјиштето да се врати во сопственост на Република Македонија и да се користи како паркинг за жителите од овој дел од градот. Сметам дека со ова ќе се спречи реализирањете на овој план од претходната Влада и претходното раководство во локалната самоуправа, со што ќе се стави крај на дивеењето на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, а пред се ќе се заштити интересот на граѓаните. Ние, заедно со граѓаните во изминатите години водевме борба за да се зачува парцелата и да биде во служба на граѓаните. Сметаме дека новата Влада, новите институции ќе ги превземат одговорностите, ќе превземат чекори со кои ќе се поништат сите спорни купопродажни договори, вклучувајќи ја и продажбата на земјшитето на ’Никофон’’, рече директорот Богдановиќ.

    Тој потсети дека за овој случај веќе се поднесени кривични пријави за сите акти спротивни на законот кои се резултат на заедничката борба на јавното претпријатие и граѓаните.

    Компанијата „Никофон“ на јавно наддавање во 2012 година го купи земјиштето со површина од 1.245 квадратни метри кај „Аутомакедонија“ за 124.500 евра, односно платија по 6.150 денари за квадратен метар. Заедно со парцелата, компанијата се обврза катната гаража да ја изгради по веќе направено идејно решение во барок стил. Според договорот со Министерството за транспорт и врски, инвеститорот доби можност 15 проценти од објектот да го намени за мали комерцијални и деловни услуги, големи трговски единици, угостителски единици или деловно дејности.

    За овој објект Дирекцијата за заштита и спасување во два наврати издаваше негативно мислење, бидејќи проектот не исполнуваше минимум стандарди за заштита од пожари и евакуација на корисниците, но по неколку измени објектот успеа да добие позитивно мислење.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира