ПОВТОРНО НЕ РАБОТИ ТРЕТИОТ БЛОК ВО РЕК БИТОЛА

    ПОВТОРНО НЕ РАБОТИ ТРЕТИОТ БЛОК ВО РЕК БИТОЛА

    Повторно не работи третиот блок од електро-енергетскиот стожер во земјава, РЕК „Битола“. По дваесетина дена работа, сега повторно вон функција е истиот блок кој поради дефект на цевка, исто така, беше исклучен на 6 јануари и не работеше шест дена кога се увезуваше електрична енергија. Од ЕЛЕМ потврдија дека блокот е исклучен од производниот систем, но велат дека застојот е плански и дена овој пат нема да има увезување на електрична енергија.

    „Денеска во претпладневните часови, поради сигнализирано зголемено ниво на силикати во кондензациониот  дел на  котелот, од работа беше исклучен третиот енергетски блок на РЕК Битола. Станува збор за  планиран превентивен технолошки зафат,  кој се очекува да трае од 24 до 72 часа. Оваа состојба не беше пресудна за погонската подготвеност на  постројката и неминовно не предизвика  исклучување на термоблокот, меѓутоа, поради подобрувањето на временските услови и намалениот конзум на електрична енергија,  беше одлучено овој краткотраен технолошки зафат за санација на кондензациониот дел од котелот да се изврши токму  во овој период“, пишува во соопштението на ЕЛЕМ.

    Од компанијата додаваат дека  целокупните потреби од електрична енергија на тарифните потрошувачи за времетраење на зафатот АД ЕЛЕМ ќе ги задоволува од сопственото производство и нема  да има дополнителен увоз на електрична енергија.

    Третиот блок поради дефект на цевка беше исклучен на шести јануари и не работеше шест дена, период кога увозот на струја чинеше компанијата околу два милиони евра. (Ж.З.)

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира