ВЕЛИГДЕН ВО КОЛЕШИНО ЗА ЕДНИ ХРИСТИЈАНСКИ ВЕРНИЦИ Е СЛАВА, ЗА ДРУГИ НЕ

    ВЕЛИГДЕН ВО КОЛЕШИНО ЗА ЕДНИ ХРИСТИЈАНСКИ ВЕРНИЦИ Е СЛАВА, ЗА ДРУГИ НЕСлавењето на Велигден е различно во секоја од различните христијански цркви во струмичко Колешино, а жителите си ги почитуваат разликите; - православната, адвентистичката и методистичката црква (Фото: СДК.МК)

    Едни вапсаат велигденски  јајца, други не. Христовото воскресение едни го најавуваат и го пречекуваат во црква уште во саботата вечер, други во недела наутро, трети пак  воопшто не одат в црква и не го слават. Ваква е сликата за Велигден во струмичкото село Колешино, каде живеат жители со повеќе религиозни убедувања, сите христијани.

    Бојаџиеви се православни (Фото: СДК.МК)

    Според последниот попис од 2001 година,  најмногубројни се православните  со 150 домаќинства. Како методисти се изјасниле  80-на домаќинства, а по десетина како адвентисти, Јеховини сведоци. Во ова струмичко село на последниот попис неколку семејства се изјасниле дека се пентакосни, баптисти, а четири домакинства се изјасниле дека не веруваат во бога и ниту една вера и се запишале како атеисти.

    Тврдат дека сега е поинаква сликата бидејќи сѐ почести се мешаните бракови, каде партнерите ја почитуваат верата на брачниот другар, но не притискаат да се превземе, па така одат и во една и во друга црква.

    Цекови се Јеховини сведоци (Фото: СДК.МК)

    „Велигден како најголем христијански празник го славиме уште од четврток, кога ги започнуваме подготовките. Наутро вапсаме три јајца. На Велики петок, како најтежок празник во христијанството, одмараме и воопшто не работиме. Во саботата одиме во црквата ‘Св Спас’, каде со биење на камбаните го означуваме Христовото воскресение, а во недела готвиме велгиденска трпеза за најблиските“, вели Ванка Бојаџиева.

    На идентичен начин Велигден го празнуваат и методистите, членовите на Евангелско-методистичката црква каде нема икони, верниците не се крстат ниту пак палат свеќи. Таму Христовото воскресение се одбележува со богослужбата во недела наутро, кога верниците со читање на библијата  го означуваат Велигден.

    „И ние вапсаме црвени јајца. Но за нас Велигден почнува со неделната богослужба рано наутро, по што си го честитаме христовото воскресение. Одиме семејно во црква, по што се враќаме дома и го подготвуваме велигденскиот ручек, каде на маса се собираат сите членови“, вели 70-годишната Марија Пеева.

    Трајкови се адвентисти-саботјани (Фото: СДК.МК)

    За разлика од православните и методистите, адвентистите или кај народот познати како саботјани, не вапсаат црвени јајца ниту пак организизирано се подготвуваат семејни ручеци или гозби. За нив сабота е празникот кога одат во црква. Веруваат во Христовото воскресение, но воопшто не го слават.

    „Ние за Велигден не вапсаме јајца. Јас сум од Скопје мажена овде. На црква одиме во сабота и тогаш за нас е празник. Ако некој ни дојде за Велгиден на гости, што има тоа ќе му го принесеме, но не организираме семејни ручеци. Овде сум 40 години и морам да ви кажам дека во оваа маало нѐ има секакви и никогаш не сум слушнала лош збор. Сите си се почитуваме“, вели Милица Трајкова.

    Слични се и членовите на Царството на Јеховини сведоци, кои се најмалубројни иако имаат и своја сала над селото каде се чита библијата. Во семејството Цекови во Колешино никогаш не  се празнувал Велгиден како кај соседите. Тие ја празнуваат Господовата вечера, една недела пред овој празник, а за Велигден може и да работат.

    Баба Марија е методистка (Фото: СДК.МК)

    „За нас е најважна љубовта. Во библијата пишува дека единствен празник е Господовата вечера. Еве 70 години имам, во нашето семејство никогаш не се вапсале црвени јајца, а гости за Велигден примаме ако сме дома. Кој дошол ќе биде добредојден, оти мора да има разбирање и љубов“, вели Трајанка, сопруга на Самоил Цеков, основоположник на Царството на Јеховини сведоци во Колешино.

    Во  Колешино во црква одат цели семејства, па секој верник мора да ја почитува верата на останатиот, бидејки тоа е најважното. Децата уште од мали ги учаат на слога и  разбирање.

    В.ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира