ВО ТЕТОВО НЕ СЕ МЕРИ КОЈ КОЛКУ ЗАГАДУВА

a:2:{s:16:"td_post_template";s:18:"single_template_EU";s:9:"td_source";s:45:"Тетово,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    ВО ТЕТОВО НЕ СЕ МЕРИ КОЈ КОЛКУ ЗАГАДУВА

    Дивите погони, дивата депонија, задушениот сообраќај, одобрувањето градење високи згради што го спречуваат природното струење, греењето на дрва и отпаден материјал се силни фактори за загадувањето на Тетово, но сѐ уште не се знае кој и колку загадува, оти во градот има само со една мониторинг станица која не ги мери овие параметри.

    Во Министерството за животна средина и просторно планирање на Македонија минатата година најавија дека ќе се направи детална студија за причинителите за загадувањето на воздухот но неа сѐ уште ја нема.

    „Како загадувачи на воздухот се посочуваат индустријата со големите и малите претпријатија, домаќинствата, возилата, градежништвото. Но засега не можеме да утврдиме и да кажеме кој е главниот загадувач на воздухот во Тетово и кој колку загадува. Утврдувањето на типот на загадувањето и причинителот преставува една обемна работа за која треба на повеќе мерни места да се постават инструменти кои во еден подолг период ќе собираат податоци. Откако ќе се соберат честиците во филтрите на инструментите, тие треба да се пратат на анализа во акредитирани лаборатории, за да се установи какви честици има во нив и врз основа на тоа ќе може да се утврди видот на загадувањето, а според некои параметри и кој го произведува и во колкава количина. Тоа е многу голема анализа, многу скапа и со многу инструменти и не може да се направи само со една мониторинг станица која ја има во Тетово. Таа станица покажува само колку е моменталната загаденост на амбиенталниот воздух, но не може да покаже кој колку загадува“ вели Сашо Секуловски од Министерството за животна средина и просторно планирање.

    Во тетовско има над 35.000 регистрирани возила, а дневно доаѓаат уште неколку илјади од околните општини или транзитираат низ Тетово, каде сообраќајот не само што е задушен, туку и значително влијае врз загадувањето на воздухот. По закрчените тетовски улици  возилата се движат со брзина од 10 до 20 километри на час.

    Горењето дрва во домаќинствата, иверици, лакиран дрвен материјал и тоа не само во домаќинствата, туку и во малите производствени погони, работилници, ресторани и слично е најголемиот извор на ПМ10 честички, што се главниот загадувач на воздухот во Тетово (Фото: СДК.МК)

    Горењето дрва во домаќинствата, иверици, лакиран дрвен материјал и тоа не само во домаќинствата, туку и во малите производствени погони, работилници, ресторани и слично е најголемиот извор на ПМ10 честички, што се главниот загадувач на воздухот во Тетово (Фото: СДК.МК)

    „Сообраќајот во градот може да се регулира, но треба да се применат квалитетни мерки. За несметано движење на возилата по главните градски сообраќајници потребно е да се забрани паркирање на возила по нив. Секако прво треба да се направат доволен број паркинзи или катни гаражи. Градот исто така треба да воведе јавен превоз, но не со некои стари автобуси туку најдобро би било тоа да се електрични автобуси или пак тролејбуси. Потребно е исто така да се направат обиколници околу градот за тешките товарни возила да не транзитираат низ градските улици како што сега е случајот“, вели универзитетскиот професор Вулнет Палоши.

    Според Палоши, грешките што се направија во урбанистичкиот план на Тетово исто така придонесуваат за високата загаденост на градот.

    „Во 1995, кога се донесе урбанистичкиот план на градот, предвидовме во централното подрачје на градот да не може да се градат објекти повисоки од пет ката плус поткровје. Но подоцна со промена на Законот за градба, градоначалниците добија дискреционо право да одобруваат повисоки градби и видете што добивме. Реката Пена е многу битна за градот бидејќи по нејзиниот тек дуваат ветрови, посебно во попладневните часови го проветруваат градот. Но сега, по целото нејзино корито во и вон центарот на градот се изградија високи згради и куќи и сега тие ветрови не можат да се пробијат и Тетово се души во чад“, вели професорот Палоши.

    Во потрагата по причинителите за загадувањето на воздухот се вклучи и Универзитетот на југоисточна Европа од Тетово (УЈИЕ ) преку нивниот Институтот за животна средина и здравје. Тие нудат нови решенија и концепти за мерење на квалитетот на воздухот преку мобилни станици кои ќе ги праќаат информациите до една централна база на податоци и од каде ќе се прави подобра аналитика за причините за загадувањето на воздухот како и за тоа кои елементи учествуваат во загадувањето на воздухот.

    „Три наши мобилни станици сега се наоѓаат покрај мерната станица на Министерството за екологија со цел да се изврши споредба на точност на податоците. Овие наши мобилни мерни станици, кога ќе станат функционални, ќе можат да се постават на повеќе места во градот или пак да бидат поставени на возило и се очекува да дадат далеку попрецизни податоци за загадувањето на воздухот посебно со ПМ10 честичките“, вели Дарко Спировски од Институтот за животна средина и здравје при УЈИЕ.

    Според Спировски, горењето на дрва за затоплување во домаќинствата се еден мошне голем загадувач на воздухот во Тетово особено во зимскиот период.

    „И порано во градот имало емисии на ПМ10 честички, но за разлика од сега, тогаш имало природно струење на воздухот. Сега доаѓаме до состојба кога Тетово, поради урбанизацијата, се гуши. Горењето дрва во домаќинствата, иверици, лакиран дрвен материјал и тоа не само во домаќинствата, туку и во малите производствени погони, работилници, ресторани и слично е најголемиот извор на ПМ10 честички, што се главниот загадувач на воздухот во Тетово. Во САД има направено една студија каде е пресмено колку согорувањето на дрвата создава ПМ10 честички, и кога тоа ќе се пресмета кај нас каде годишно се горат над 20.000 метри кубни дрва, се доаѓа до податокот за еден од главните загадувачи на воздухот“, појаснува Спировски.

    Кога на сето ова ќе се додаде и проблемот кој Тетово го има со дивата депонија на влезот во градот која сѐ уште не е исчистена и која, посебно во летните месеци често се пали, сликата зошто Тетово има најзагаден воздух станува комплетна. Но и понатаму останува отворено прашањето кој и колку загадува.

    К. СЕЈФУЛА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира