ЗА НАСТАВНИЧКАТА СО КРСТОТ НЕМА ПРИЈАВА, А ДУШКО МЛЕКАРОТ БЕШЕ ОСУДЕН ЗА НАВРЕДА НА ГРУЕВСКИ

11723
Полицијата во 2009 го осомничи фармерот Душко Илиевски (десно) дека на таканаречениот погребален марш на сточарите во Битола залепил некролози со ликот на премиерот Никола Груевски, тој заврши на суд каде што беше осуден на 400 евра парична казна

За наставничката Жанета Петровска која на прославата на ВМРО-ДПМНЕ носеше погребален крст за Зоран Заев, ни полицијата ни обвинителството за сега нема да покренат пријава. Обвинителот Антонио Јолевски во телефонски разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека до сега не е доставена никаква пријава против наставничката.Тој рече дека обвинителството не може да покрене постапка против неа по службена дожност врз основа на пишувања на Фејсбук.

Пријава против наставничката не е поднесена ни од битолската полиција, ни потврди портпаролката Сања Стаматова.

Директорката на училиштето „Св. Кирил и Методиј“ Кристина Полизовска, како и Просветниот инспекторат во Битола денеска изјавија дека Петровска нема да биде казнета ни од школото, ни од инспекторатот, зашто настанот се случил на улица, а не во училиште.

Училиштето „Св. Кирил и Методиј“, каде што работи учителката Петровска, има издадено и брошура во која има и Кодекс за однесување на наставниците во кој меѓу другото се вели: „Етични сме; Подготвени сме за решавање на конфликти; Толерантни сме и почитуваме различност; Ја почитуваме личноста“.
Училиштето „Св. Кирил и Методиј“, каде што работи учителката Петровска, има издадено и брошура во која има и Кодекс за однесување на наставниците во кој меѓу другото се вели: „Етични сме; Подготвени сме за решавање на конфликти; Толерантни сме и почитуваме различност; Ја почитуваме личноста“.

За разлика од овој случај, пред пет години против фармерот Душко Илиевски МВР поднесе прекршочна пријава за омаловажување на  тогашниот премиер Никола Груевски. Полицијата во 2009 година го осомничи фармерот дека на таканаречениот погребален марш на сточарите во Битола залепил некролози со ликот на премиерот Никола Груевски. Во тоа време, шведската млекарница „Сведмилк“ не им го имаше исплатено откупеното млеко на фармерите и тие протeстираа. Низ Битола беа залепени некролози со слика на Груевски како пред една година го дегустира јогуртот во „Сведмилк“, а под сликата пишуваше „кражба во сто чекори, пред очите на власта исчезнаа 39 милиони евра, остваруваме“. Тогаш фармерот Илиевски заврши на суд каде што беше осуден на 400 евра парична казна.

Жанета Петровска, која на прославата на ВМРО-ДПМНЕ носеше погребален крст за Зоран Заев, е одделенски наставник во подрачното училиште во битолското село Логоварди (Фото: СДК.МК)
Жанета Петровска, која на прославата на ВМРО-ДПМНЕ носеше погребален крст за Зоран Заев, е одделенски наставник во подрачното училиште во битолското село Логоварди (Фото: СДК.МК)

Жанета Петровска која го носеше крстот, за разлика од Душко Илиевски извршува просветна дејност. Таа е одделенски наставник во подрачното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во битолското село Логоварди. Но, за време на нашето присуство во селото, наставата беше завршена, на вратата имаше катанец, па не успеавме да ја пронајдеме.

Училиштето има издадено и брошура во која има и Кодекс за однесување на наставниците во кој меѓу другото се вели: „Етични сме;  Подготвени сме за решавање на конфликти; Толерантни сме и почитуваме различност; Ја почитуваме личноста“.

Настанот предизвика и реакции кај политичките партии во Битола.

„Ја повикувам Снежана Петровска раководител на одделението за јавни дејности во Општина Битола јавно да се произнесе за случајот. Исто така го повикувам Здружението на просветни работници во Битола да ја осуди постапката и однесувањето на споменатиот наставник“, рече Наташа Петровска од советничката група на СДСМ во Битола.

И ВМРО-ДПМНЕ го осуди и се огради од однесувањето на Петровска.

„ВМРО-ДПМНЕ никогаш не поддржувало и нема да поддржи деструктивно и навредливо однесување кон политичките противници. Тоа не е начинот на кој што партијата делува на политичката сцена.Противникот мора да се почитува без разлика какви средства употребувал тој во политичката борба. ВМРО-ДПМНЕ се оградува и го осудува начинот на кој што поединец се однесувал за време на прославата на победата, навредувајќи ги поразените“, пишува во соопштението на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Битола.