УСПЕХОТ НА ФУДБАЛЕРИТЕ, КОНЕЧНО, ГИ ИЗРАДУВА ФРАНЦУЗИТЕ ПО 12 ТРАУМАТИЧНИ МЕСЕЦИ

    УСПЕХОТ НА ФУДБАЛЕРИТЕ, КОНЕЧНО, ГИ ИЗРАДУВА ФРАНЦУЗИТЕ ПО 12 ТРАУМАТИЧНИ МЕСЕЦИ

    По 12 трауматични месеци потресени од терористички напади, политичка криза, штрајкови и поплави, Французите, конечно, имаат причина да се радуваат поради успехот на фудбалската репрезентација на Европското првенство.

    Додека новиот миленик на француската јавност Антоан Гризман и неговите соиграчи се подготвуваат за финалниот натпревар против Португалија, непознато чувство на големи очекувања се шири низ нацијата.

    Подготовките за организација на Европското првенство во Франција беа засенети од стравот дека фудбалскиот турнир ќе биде цел на терористички напад, па илјадници полицајци беа ангажирани да се грижат за безбедноста на навивачите.

    Таквите стравови досега се покажаа без основа и Французите полека се обединуваат зад националниот тим на сличен начин како во 1998 година, кога Франција стана светски шампион на домашен терен.

    „Многу ме прави среќен што луѓето, конечно, почнаа да излегуваат на улиците. Тоа ќе има позитивен ефект на земјата”, вели Пјер Лефебре, француски навивач, кој ја прославуваше победата од 2:0 над Германија во полуфиналето на Шанзелизе.

    Како што поминуваше првенството, сѐ повеќе навивачи се собираа за секој натпревар на „сините”, без разлика дали репрезентацијата играше во Париз, Лил или во Марсеј.

    „Пред да дојдеме на стадионот, ги видов луѓето како полудуваат по фудбалерите. Ќе биде уште полудо во недела”, рече селекторот Дидје Дешамп по полуфиналната победа над Германија.

    „По сите лоши вести наоколу, нападите од 2015 година, штрајковите, лошата економија, Европското првенство може да ги залечи раните на земјата, која страдаше многу изминатите месеци”, смета Жером Фурке, шеф на институтот за анкети ИФОП.

    Франција изгледа дека се заљубува во новиот тим, откако репрезентацијата помина низ длабока криза изминатата деценија, исполнета со скандали и слаби резултати.

    „Овој тим е сакан затоа што прави работи луѓето да го сакаат. Не е совршен, но тоа му додава на шармот. Можете да се идентификувате со него. Фудбалерите имаат волја да победуваат и не ги кријат чувствата”, додаде Дешамп.

    Финалето помеѓу Франција и Португалија се игра вечерва во Париз со почеток од 21 часот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари