УСТАВНИОТ СУД ГИ ДОВЕДЕ ВО ПРАШАЊЕ ИЗБОРИТЕ НА 5 ЈУНИ, СМЕТААТ ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

a:1:{s:16:"td_post_template";s:19:"single_template_USA

    УСТАВНИОТ СУД ГИ ДОВЕДЕ ВО ПРАШАЊЕ ИЗБОРИТЕ НА 5 ЈУНИ, СМЕТААТ ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

    Скопје, 17 март, 2016 – (META) Голем дел од активистите, граѓанските организации и опозициски партии сметаат дека вчерашната одлука на Уставниот суд, со која на претседателот му се даде можност да помилува лица гонети или осудени за изборен криминал, само го влошува теренот за фер и демократски избори.

    Велат дека со оваа одлука, судот им дава ветер во грб на сите што планираат да прават изборни манипулации, а да не одговараат за тоа.

    Граѓанската иницијатива „Ајде“ вчера во реакцијата на одлуката на Уставниот суд напиша дека најновите настани укажуваат дека нема услови за слободни, фер и демократски избори на 5 јуни.

    „Ја повикуваме меѓународната заедница будно да ги следи случувањата, кои очигледно водат кон продлабочување на политичката криза во земјава и кои недвосмислено покажуваат дека во Македонија нема услови за слободни, фер и демократски избори на 5 јуни“, стои во соопштението.

    Според лидерот на Либералната партија, Ивон Величковски одлуката на Уставниот суд е срамна.

    – Одлуката што вчера ја донесе Уставниот суд, со која се дозволува претседателот да помилува лица гонети или осудени за изборен криминал, педофилија и за трговија со дрога, е срамна. И јас сметам дека ставот на граѓанските организации е оправдан и дека слободни, фер и демократски избори на 5 јуни не се можни – вели Величковски.

    За Здравко Савески од Левица, вчерашната одлука на Уставниот суд отвора можности за изборни манипулации.

    – Одлуката на Уставниот суд ги влошува околностите за фер, слободни и демократски избори. Отвора можности за изборни манипулации и нема гаранција дека тој што ќе направи некаква измама или кривично дело ќе одговара за своите постапки. Во оваа насока мислам дека има големо назадување од она што го предвидува Договорот од Пржино – вели Савески.

    Според активистот Марјан Забрчанец, од условите што треба да се исполнат во согласност со Договорот во Пржино, се работи само на првиот, односно на прочистувањето на избирачкиот список.

    – ДИК очигледно работи посветено, но одложувањето на фазите, како, на пример, теренската проверка, покажува дека им е потребно повеќе време. Избори не 5 јуни се можни единствено доколку ДИК јасно и недвосмислено потврди дека го прочистила избирачкиот список и доколку се најде решение за ослободување на медиумите, област каде имаме неверојатен застој и одбивање на преговори од страна на ВМРО-ДПМНЕ – вели Забрчанец.

    За опозицискиот СДСМ сè уште е рано да се каже дали има услови за фер и демократски избори. Од партијата велат дека треба да се направат уште неколку чекори, како што е прочистувањето на избирачкиот список и спроведувањето на реформата во медиумите.

    – Сè уште е рано да се шпекулира дали има или нема услови за фер избори. Најпрво, Државната изборна комисија треба да го прочисти избирачкиот список и да се направи реформата за медиуми, па потоа ќе видиме до каде сме и дали може да има услови за фер избори – велат од СДСМ.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари