2000 – ОТИДЕ НУЛТАТА

    22 јануари
    Злобниците велат дека Фрчкоски ѝ бил советник на Димовска. Се гледа по однесувањето на полицијата. Само прави паради. Дури зготви и фоторобот на еден од убијците на полицајците. Останува уште акцијата за бркање песок и пребарување на гаражите во Арачиново, па да поверуваме во приказните за советничката улога на некогашниот прв полицаец во кабинетот на сегашната прва полицајка. Јас лично не верувам во тоа. Не, барем, додека не видам златен часовник “ролекс” на раката на Доста. И додека не се појави со изјава дека во Арачиново имало само приватна журка, а ракетирањето во Осломеј е надуван балон. Сепак, верувам во приказната за притворениот од Арачиново, кој во полициска станица починал поради предозираност со кокаин. Убаво се виде од снимките на телевизија. На човекот му било преку глава од кокаинот. Имаше видливи траги на лицето.

    5 февруари
    Претседателот Трајковски на политичарите од цел свет кои беа собрани во Давос им го одзеде здивот кога им кажа дека “во Стариот завет, најсилните лидери, како што се фараоните на Египет и кралот Набукодоносор, имале советници кои ги толкувале нивните соништа и можеле да ја претскажат иднината. И натаму внимателно ја читам Библијата за да дознаам каде можам да најдам такви советници… За жал, мислам дека древните советници отидоа по патот на сфингата…” Не ми е јасно дали новиот претседател како најсилен лидер на Западниот Балкан веќе се замислува дека е фараон, крал, или бара некоја гатачка да му ги толкува соништата. И нека не брзаат многу со реновирањето на резиденцијата на Водно. Којзнае, кога ќе се врати претседателот од пат, можеби ќе побара да му се изгради пирамида во Струмичко. Меѓу чушките и френките е рамно и како создадено за пирамиди. Туку, дај да не му создаваме грижи на претседателот, па после да не може убаво да спие. Зашто, ако тој убаво спие, тогаш мудреците ќе можат да му претскажат убави работи за Македонија. За нашата иднина најважно е претседателот да ни сонува убави соништа. Доволно е што ние спиеме немирно.

    19 февруари
    Европската унија ѝ препорачала на новата хрватска влада да го следи примерот на Македонија на нејзиниот пат кон асоцирање и стабилизација. Бидејќи се знае што ѝ е најважно на ЕУ во Македонија, препораката до Хрватска е под итно да почне да увезува Албанци.

    4 март
    За разонодување на пратениците, за да можат да издржат до прозивката, задолжен е потпретседателот на Собранието Томислав Стојановски. Наедно, тој е уникатен пример за достоинството на пратеничката функција. За него не е толку важна анкетната комисија, уште помалку дали ќе земе дневница. За него е важно кој какви гаќи носи и, евентуално, што има во гаќите. Како ревносен носител на престижната државничка функција, господинот потпретседател на Собранието ја заслужил довербата на претседателот Саво Климовски во иднина да му даде задача да им ја проверува долната облека на пратениците. Во зависност од тоа што се крие под гаќите, ќе се одредува и висината на дневницата. Ако цениме според неодамна јавно изречената дилема на Стојановски: “А јас што сум, магаре ли?”, тогаш тој ќе добие најголема дневница.

    11 март
    Тешка е македонската судбина. Душманите никако не ни даваат да се израдуваме на големите успеси што сме ги постигнувале. Од завист што сме ги подигнале односите со ЕУ, ни фрлаат бомби во средини со етнички мешано население.

    18 март
    Министерот за земјоделство Марјан \орчев, во интервју за неделникот “Денес”, открива дека нема ништо спорно што неговата партија основа профитабилни фирми. Тој вели дека не треба да се заборави на историскиот континуитет што партијата го презела од историската ВМРО. “Во нејзиниот развој од 106 години, во партијата секогаш имало активности со кои се здобивале со одредени објекти и други финансиски извори за егзистенција”, вели \орчев. Значи, ВМРО-ДПМНЕ уште како деца ги бивало за бизнис. Имаат тапии уште од турско. Комитите влегувале по куќи и го земале данокот на револуцијата за своја егзистенција. “Дај сестро, испечи едно јагне, револуцијата мора да тече”. А да не зборуваме за Отоманската банка и бродот “Гвадалкивир”, кои се во втората фаза на планираното профитно работење. Зошто тогаш нè чуди што првиот даночник во државата Сашо Станинов ја глоби “Комерцијална банка”. И тоа е во духот на историскиот континуитет на ВМРО за обезбедување финансиски извори за егзистенција. Домаќински и одговорно.

    25 март
    На 21 март Демократската алтернатива славеше роденден. Времето на празникот беше погодено како за Циле. Тамам помисливме дека на првиот ден од пролетта, ќе нè затопли, утрината заврна снег. Само што ги вративме капутите на себе, огреа сонце. И, тамам почна да затоплува, пак сврти на снег. Исто како Циле. Тамам ќе си речеш овој излегува од коалиција, тој ќе почне да ја јакне. Само што ќе се потврди почетокот на прегорите со ЕУ, тие ќе се одложат. Тамам ќе се објави почетокот на градбата на Бунарџик, ќе излезе дека фали некоја дозвола. Така беше и со времето на роденденот на ДА. Исто како Циле. Не е да му верува

    22 април
    Откако претседателот Борис Трајковски почна да шета по пазарите, ќе мора наместо протоколот од кабинетот на шефот на државата, да ја вратиме рубриката “Поскапо поевтино”. Работните активности на претседателот се ракување со пазарџиите во работните и пазарни денови. Во сабота и недела има друга државнич ка работа. Трајковски за викенд не оди по пазари. Оди да лови фазани.

    8 јули
    Тоа што премиерот Љубчо Георгиевски со половина Влада и повеќе парламентарци тргна на пат за Израел, само докажува дека Владата навистина работи по цели денови. Сиромашките министри толку многу се зафатени, што немаат време кога да си ги потрошат платите. Бидејќи немаат каде да трошат, од заштеденото си уплаќаат туристички аранжмани за Израел. Кој не верува дека самите си ги платиле аранжманите, нека го праша портпаролот Антонио Милошоски и лично премиерот. Тие ќе им ги покажат сметките. Владата работи транспарентно. За место во авионот имало голема тепачка. Сите одеднаш сакаат да станат аџии. Не го пуштаат Љубчо сам да го врви патот на Христос, туку и тие би се мачеле заедно со него. Премиерот треба да ја крати Владата и да прави реконструкција. Којзнае што сè ќе му дојде на ум додека минува по Исусовите патеки. Циле овој пат не отпатува. На тој начин демантира дека го нема во земјата секогаш кога е жешко. И на 40 степени, тој си остана дома. Тоа што одлучи да не оди на аџилак е многу добра работа за Лилипутанците. Да се качеше во авионот, веднаш Снешка ќе требаш е да избрише од списокот на патниците тројца маченици. Вака Циле ослободи три места. Македонија ќе биде побогата за уште тројца аџии. Ако се ситни души. Белки тоа што биле во Ерусалим ќе им ги прочисти. Туку, се сеќава ли некој на Бранко Црвенковски? Го немаше во парламентот, ни збор не му слушнавме за новата влада, за законот за високо образование, за реформата на државната управа. Помина Галичката свадба, а Бранко не се качи на тапан. Помина и Илинден, а наместо Бранко се појави Шеќеринска. Му станало жешко на Бранко, па си бара дебела ладовина. Сигурно тргнал по шумите да ги лови паравојските што му ги јавуваат општинските комитети. И така ловејќи, легнал под некое дрво. Уште ја прави владата во сенка.

    15 август
    Работата ни оди мазно. Како по вода. И претседателот и премиерот се возат со јахти. Ни морско бранче не може да ги заниша. Иако, изгледа дека веќе се зашеметени од успехот што до сега го постигнале во животот. Никого не лулаат. До лани ни за охридско кајче не помислуваа, а сега кога го држат кормилото во раце, за друго, освен јахта, ни муабет не прават. Претседателот во Фажана, близу Пула, бил на манифестацијата “Денови на сарделите”. Јадел мали рипчиња. За премиерот немаме информација што му дале Грците да јаде. Претпоставуваме октопод. Тоа е побезопасно. Зашто, може да се случи на претседателот, ако не знае да јаде риби, да му залетне коска в грло. Тоа не може да му се случи на премиерот ако јаде октопод. Големите риби обично внимаваат да не налетаат на коска. По престојот на Георгиевски на грчкиот остров Крф и на Трајковски на хрватските Бриони, не е чудно наскоро да се појават извеш таи за чудни случувања со тамош ните води. Особено што пред Георгиевски, на Крф беше и Тупурковски. Се гледа дека до нив не допира ништо што се зборува. Им влегла вода во ушите. Затоа и нивото на водата во Јадранското и Јонското Море е спуштено. Извеш таи за евентуална зголемена загаденост не се дадени.

    19 август
    Советот за радиодифузија вели дека емитувањето порнографски содржини го повредува достоинството на граѓаните, а особено штетно влијае на телесниот, духовниот и моралниот развој на децата и младите. Види мајката. Дури сега сфатив кој го урива достоинството на граѓаните. За урнатото достоинство секогаш ги обвинував тие што ми се насмевнуваат од платените политички програми, а не некои непознати порно ѕвезди. Сум бил во заблуда. Така ми велат во Советот за радиодифузија. Затоа народе, во доцните пополноќ ни часови, не гледајте порно. Гледајте ги Бранко, Љубчо, Циле, Џафери, Гуштеров, Трајанов… Останете достоинствени. Верувајте им. Иако не се толку уверливи како ѕвездите од порно филмовите. Ај за моралниот и духовниот развој на децата, кои не спијат по полноќ и гледаат телевизија, можеби има што да се разговара. Ама, од каде му е идејата на господинот Цензор Јакимовски дека емитувањето порно влијае и на телесниот развој на децата. Во која смисла? И на кој дел од телото мисли? Нека ми извини господинот, ама јас мислам дека на моралниот, духовниот и на телесниот развој на децата, па и на младината, многу полошо влијаат изборните активности. Особено, ако наместо да гледаат филмови, по полноќ излегуваат на улица и лепат партиски плакати. Па доаѓаат други деца од спротивниот табор и станува тепачка. И така ќе си ги расчукаат главите. Затоа, ако сакаат да се здрави, навечер нека гледаат што има на телевизија. Можеби, како што се плаши Јакимовски, телесно ќе имаат некакви промени, ама барем нема ништо да им фали.

    16 септември
    Многу е логично објаснувањето дека инцидентите на гласачките места за време на првиот круг на изборите ги предизвикала нервозната опозиција. Луѓето биле толку нервозни што пукале самите на себе. Тоа ти е исто како кога викаш: Ама сум нервозен, ќе се убијам. И така опозиционерите сами си се ранувале. Тие што биле ептен нервозни си испукувале рафал во себе. А за колективна нервоза лекот е бомба. Да не има Љубчо некој советник од СДСМ? Тој да не го советувал неколку дена пред изборите да ги урива дивоградбите на првиот човек на градскиот СДСМ, Љупчо Палевски Упа? СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не можат еден без друг. Како убаво си се надополнуваат. Ако Љубчо сакаше да го казни Упа, можеше да го урива уште додека се градеа становите. Или, барем кога сите медиуми пишуваа дека тие се дивоградба. Или, имаше доволно време додека станарите упорно чекаа Упа да им ги даде клучевите, па на крај влегоа во зградата и без технички преглед. Не. На Љубчо му требаше уривањето токму сега. Да докаже дека државата е херој, бидеќи којзнае колку внимава на законите. И на Упа му требаше уривањето сега, кога беше на листата на советници. Да биде херој затоа што е политички репресиран. За да го изберат, затоа што македонскиот народ сака маченици. А Љупчо Палевски е голем маченик. Бидејќи кога државата урива дивоградби, тоа е удар на демократијата. Само на граѓаните им е супер. Навистина, им ги урнаа становите, ама барем полицијата примени нежни зафати.

    14 октомври
    Ни се погодија изборите. Имаме продолжена туристичка сезона. Сите отидоа за Охрид. Велат, ај на кафе, кога таму избори. Охриѓ ани како по обичај нервозни кога ќе им дојдат туристи и сешто се случува. Кафе немат, имат пишчолишча. Кафето во Македонија е оригинално. Има автентичен латиноамерикански вкус. Како и демократијата. Поарни сме и од Албанија, која на последните избори драстично потфрли. Немаше ниеден повреден, а за загинати ич да не збориме. Од сега, во Македонија на гласач ко место ќе се оди со панцирен елек. За да успеат изборите, гласачите ќе мора со избирач ката легитимација да понесат и по еден калашников за самоодбрана и бомба кашикара за остварување на легитимното граѓанско право. Откако со неколку рафали гласачот ќе се појави на избирачкото место, ја вади бомбата и како што е ред ја става во гласачката кутија. Тоа е вистински бум на демократијата. Ако овие избори не успеат, постои и план “Б”. На следните избори, Собранието ќе распише пред-избори. На овие избори граѓаните ќе гласаат за полицајци. Секој гласач ќе може да си избере личен полицаец што ќе го следи до гласачкото место. Во секој случај, изјавата на премиерот дека опозицијата имала трипати повеќе рекетари отколку власта, влева доверба во системот. Значи, Македонија е безбедна земја. Целосно е покриена. На местата каде што нема полицајци, има рекетари. Нема каде да да бегаш, те чуваат од сите страни.

    21 октомври
    На Конференцијата за меѓународна соработка во борбата против трговијата со луѓе во Рим, учесниците останале подзинати кога настапувал претставникот на Република Македонија. Таму достојно нè претставуваше мнистерот за правда Џевдет Насуфи. Поголем специјалист за трговија со луѓе на Конференцијата немало. Ќе беше вистинска меѓународна штета ако Насуфи како експерт за трампање луѓе не го пренесеше своето успешно искуство и надвор од границите на татковината. На пример, практично да објасни како ги трампаше војниците за командантот на ОВК Асани. Или, како бомбашот Велиу евтино го извезе во Западна Европа. Темата на Конференцијата во Рим беше уште една можност за афирмација на Македонија во меѓународни рамки. Затоа што барем на оваа тема имаме луѓе од Владата кои се вистински експерти. Во друштво со министерот Насуфи, во Рим беше и заменик-министерот за внатрешни работи Рефет Елмази. Дует од соништата.

    11 ноември
    Сега се гледа колкава грешка направила администрацијата на Бил Клинтон што САД беа толку присутни на Балканот. Ги расипавме Американците. Ги префатило. Со кого си, таков си. Флорида им доаѓа како Македонија. А Палм Бич, како Градската плажа во Охрид. Само уште хотелот “Магнус” да им го преселиме. Известувачите јавуваат дека Џафери и Тачи за време на гласањето биле видени во една чајџилница на периферијата на Мајами. Бранко Црвенковски со група туристи од Кочани ги посетувал пребеганите кубански семејства на островчето Ки Вест. А во Талахаси, Љубе Бошковски бил натепан од група мештани, додека барал локација за ќебапчилница и слаткарница. Како скромен придонес во развојот на американската демократија, Македонија итно испрати мониторинг мисија, предводена од Јосиф Луковски. И не само Луковски. Кога се во прашање пријатели, ние даваме сè од себе. Еве, дури и Тања Каракамиш ева и Борис Кондарко ќе им ги пратиме. Па претседателот на нивниот ДИК нека нека му ја мисли кога, по пребројувањето, претседател на САД ќе излезе Борис Трајковски.

    2 декември
    Собранието на Македонија можеме да го направиме и туристичка атракција на главниот град на државата. Амстердам си го има квартот на црвените светилки, а ние си го имаме Собранието. Само уште да ги запалиме црвените фенери. Единствената разлика е што во Амстердам проститутките се гледаат на излози, а кај нас ги има на телевизија. Во Амстердам гледаш во излозите зашто се забавни, а кај нас те фаќа срам кога ги гледаш на парламентарната говорница, па нејќеш ни да ги гледаш. Сè уште не можам да се соземам од говорот на Саво Климовски. Џабе беше што по трогателниот настап имаше половина час пауза и што дури и МТВ се вклопи во програмската шема, па емитуваш е траурна музика. Боже, си помислив, на човеков да не му подметнат пиштол место пенкало, па да се убие во директен пренос. Добро е што сè заврши среќно. Сега Саво ќе може да им се врати на секојдневните обврски. Како редовен плаќач за скапаниот лифт има шанси да го изберат и за претседател на куќниот совет. Така што ќе има можност да им се заблагодари и на тие што ги заборави во прошталниот говор. На пример, на чистач ката на која редовно ѝ ја полнел кофата со вода кога го чистела неговиот кат. Или, на пиљарот што му криел млеко за внуката. Ви благодарам. Бевте прекрасна публика. Ве сакам сите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари