2008 – РЕТРО САКАМ ДА КАЖАМ

    5 јануари

    Премиерот, набројувајќи ги успесите, направи пропуст. Како достигнување на Владата не спомена дека оваа година ќе има 366 дена.

    23 февруари
    Не можам да го гледам премиерот Никола Груевски колку е загрижен од новите предлози на Метју Нимиц и не се ни труди да глуми смиреност. А од Бранко ми е страв оти се плашам дека наместо да гледа да помогне, ќе гледа да ѝ го смести на Владата за да покаже колку е неспособна. Мене за Грција баш ми е гајле. Баш ми е гајле и дека Дора Бакојани за преговорите ќе се подготвува како за на Олимпијада. Баш ми е гајле и што Константин Караманлис пак се заканува со вето, за кое и самиот знае дека не смее да го даде. Ама многу ме загрижува дека нашиве, за да се покажат кој е попаметен и помоќен, пак ќе се испокараат меѓу себе. Оти мислат дека така најмногу ќе ѝ наштетат на Грција.

    22 март
    Баш ме интересира колку од овие што сега гласно викаат дека не смее да се менува меѓународното име затоа што ќе го изгубиме идентитетот имаат бугарски пасоши. За да ги добијат, мораа да напишат дека имаат бугарски корени и да се потпишат на изјава напишана на бугарски јазик. Зошто зеле бугарски пасош? За да можат да патуваат низ Европа без визи. Толку за идентитетот. Ако во НАТО влезеш со Нова Македонија, а низ Европа патуваш без визи со македонски пасош, си го изгубил идентитетот. Ама ако патуваш со бугарски пасош не.

    29 март
    Преку глава ми е од приказните за рејтингот на Груевски. Ако толку многу сака да победи на некои предвремени избори, тогаш ич нека не разговара на тема за името. Само не знам каде ќе бега ако победи на изборите? Да не мисли дека темата ќе исчезне? Дека во наредниот мандат Грците ќе го заборават? Или, не дај боже, Американците ќе се откажат од своите стратешки интереси. Така што Груевски може да гради колку сака стокатници на скопскиот Менхетн, да дига од темел сé поубави и сé постари нови згради на Плоштадот, да отвора 100 спортски сали, 100 тениски терени, 100 луксузни хотели, да сади дрвја, да гради аеродром и во Штип, и во Битола, и во Струмица, да нé уверува со рекламни спотови дека супер живееме… Може да ни го прати и вицепремиерот Зоран Ставрески да нé убедува дека благодатот ќе го почувствуваме за неколку години, па можеби некој од нас и ќе се согласи дека имаме уште време за чекање. Ама ако нема храброст да ја донесе оваа историска одлука за НАТО, тамам и на сите на 5 април и по 100 евра на книшка да ни стави, џабе му е. Груевски би сакал да труиумфира со покана за Македонија од НАТО, ама ако може тој да не биде виновен за тоа. Убаво би му било да остане запаметен во историјата дека тој ја внел Македонија во НАТО, ама да се правда дека го натерале тоа да го направи на сила. Сака да слави со шампањско и огномет, ама, во исто време, сака и да го жалиме дека му било тешко. Сака да биде премиер, ама ако може да не презема одговорност. Тоа е исто како да сакаш секс, ама да останеш невин. Толку е возрасен. Знае дека така не може.

    5 април
    Не добивме покана за НАТО. И сега најчесно е да се каже дека нема да добиеме ни датум за преговори со ЕУ. Со пријатели како Грците, можеме пак само да снимаме рекламен спот од типот: “Кажи како беше на вечерата? А после вечерата?”. Дали во Букурешт, дали во Брисел, сеедно е. После вечерата ќе ни кажат дека сме супер, дека имаме голем напредок, дека сите признаваат колку сме направиле, ама на Грција не ѝ се допаѓа името. Или ќе бидеме во ЕУ кога ќе бидеме никој и ништо. Или ќе си останеме Македонци, ама нема да влеземе во ЕУ. Не им е на Грците до името. Тие сакаат да нé снема. Само, не знам како приказната им поминува низ светот. Како земјата, во која нема ни национални малцинства ни права на национални малцинства, гради култ на најдолен национализам со помош на Црквата, успева да издигне на ниво на светски проблем име на соседна држава. Тоа е голема мајсторија. И голема мистерија. Да не случајно Грција ги задоволила Копенхашките критериуми за влез во ЕУ. Или случајно да не ја терале да спроведува некаков акционен план за да ја примат во НАТО? Затоа и ова изживување што ни го направија во Букурешт треба да биде поука. Да учиме од нив. Како што Грција упорно и напорно работи за да нé снема, ние треба исто така да работиме за да нé има. Се скршија од работа за да нé уништат. Ама, не е само до силата. Туку и до работата и до единството. Тоа е она што ние го немаме. Ни сила, ни работа, ни единство. Не се плашам јас од намерите на Грција да ми го избрише името. Се плашам затоа што овие нашиве и кога работат, повеќе мислат на рејтингот на партијата отколку на рејтингот на Македонија.

    26 април
    “Ти си Македонија” и “Од тебе зависи” се слоганот и пораката на новата владина кампања. Според објаснувањата, кампањата била потребна бидејќи “индивидуалната одговорност и енергија се претвориле во пасивност, бездушност и апатија”. Значи, тоа било работата. Билбордите со тупаницата што ми се заканува треба да ми ја вратат душата и да ме извлечат од апатија. А јас, пак, си мислев дека требало пари да се исперат. Уште кога ја најавија кампањата, се чудев зошто Груевски има потреба да ме убедува дека јас сум Македонија. Е па сум! Сум останал тука, тука ми живеат децата, одат во државни градинки, чесно и успеш но работам, плаќам данок, гласам на избори, немам бугарски пасош, ме малтретираат во редиците за визи, се лекувам во јавното здравство и нема да одам на одмор во Грција. И Владата сега, место да си ја заврши својата работа, сака да ме убеди дека јас сум во апатија и не сум доволно свесен за Македонија, па ќе ме освестува со билборди. И тоа со мои пари. Не, господине Груевски. Ти си Македонија! Затоа што ти си на власт и ти треба да создадеш услови за да бидам јас горд, да не бидам пасивен, бездушен и да не ме држи апатија. Јас покажувам секој ден што правам за Македонија. Ај сега ти покажи што имаш да направиш за Македонија. Никој не ти брани. Напротив.

    3 мај
    Среде кампањата за предвремените избори, си дадоа задача да прават и повеќе деца. Оти, како што вели кампањата, “создавајќи нов живот, поблиску сме до Бога”. Целиот тим околу Груевски е млад. Некои немаат ни по едно дете. Како ќе стигнат до трето алал да им е. Кога стигаат сé да направат? Ем составуваат пратенички листи, ем ја водат државата како техничка влада, ем деца прават. А бидејќи се прават ептен религиозни, пред Велигден уште и мораа да постат и да се воздржуваат од секс. Се обидувам да сфатам како физички постигнуваат. Замислете си некој министер или министерка работеле “без ниту еден слободен викенд, без одмор, без запирање”, од утро до зора идниот ден, се прибираат кај жената или мажот (или девојката или дечкото), и на сета одговорност што ја имаат за државата преку ден, взори мора да мислат и на зголемување на семејството. Како го прават тоа? Буц, буц со прстето и: “Ајде, срце, ајде, душо, разбуди се. Дај набрзиника да го видиме Господ и да дремнеме малку. Оти сабајле ме чекаат уште 100 чекори надоградени и проширени. И да не заборавам да ги прочитам идеите и предлозите на граѓаните, стопанските комори и на синдикатите”. Или воопшто не ги будат партнерите и само им се џиткаат. Немаат тие време за муабет, мора да остваруваат. Па кога партнерите ќе им се освестат, оп веќе го виделе Господ. Смеј се, смеј се. Ние тоа го плаќаме.

    7 јуни
    Странските дипломати сега се се вџашени дека во насилствата биле вмешани полицајци. Каде беа кога ние се вџашувавме кој сé стана полицаец по 2001 година? Тоа тогаш се викаше “правична застапеност”. Или “вработување според Рамковен договор”. Или “ресоцијализација на терористите”. Или “имплементација на Охридскиот договор”. Кој ги напика сите бандити во полиција преку ноќ? Како одеше пополнувањето на полициските мешани сили? И под чиј надзор сето тоа се случуваше? Полицајците се регрутираа со партиски списоци. Во 2002 важеа списоците на ДУИ. Во 2006 списоците на ДПА. Ете ви ги сега, нека ве заштитат кога одите на набљудување на избирачките места. Со ваши пари ги направивте полицајци. Сега делат правда. Истите тие ОБСЕ и ЕУ тогаш внимаваа случајно некој да не отпадне од списоците, оти квотата морала да биде исполнета. Сега МВР ги апси и тие што пукаа на изборите, и тие што пукаа на полицијата, но и полицајци што пукаа на изборите. Ај сега ОБСЕ нека оди пак да набљудува како апси полицијата. Случајно да не им ги наруш и човековите права на бандидите.

    5 јули
    Грците треба да се повлечат од преговорите за името. Извесно време треба да ги остават претседателот Црвенковски и премиерот Груевски да преговараат меѓу себе. Оти едниот си се консултира со преговарачот Никола Димитров, а другиот со министерот Милошоски. А Нимиц го примаат во одвоени средби. И “првата страна” не знае што договорила “втората страна”. Ако тоа не е намерна тактика за збунување на непријателот, тогаш поголем проблем од Грција во спорот за името е државниот врв на Македонија. Во тој случај, ако Грците толку сакаат преговорите да продолжат, ќе мора да помогнат во процесот. За посредник меѓу Црвенковски и Груевски да ја испратат Дора Бакојани. Ни таа не може да смисли толку гадости колку што Груевски и Црвенковски можат да си смислат еден за друг.

    19 јули
    Многу се загрижив дека Бранко немало да се кандидира за втор мандат за Претседател. Еве, веќе ги пакувам куферите да бегам од земјава. Не можам да си ја замислам иднината на Македонија без Бранко за Претседател. Имав еден процент надеж и си седев релаксиран и неспакуван, оти Бранко прво рече дека 99 отсто е сигурен оти нема да се кандидира в година. Два дена не спиев со надеж дека тој еден процент ќе надвладее и ќе се премисли. Ама, тоа ти е. Сигурно во одлуката му помогнал неговиот бивш коалиционен партнер Амди Бајрам. Сега е 102,2 отсто сигурен дека нема да се кандидира. Сепак, му благодарам што барем викендот ми го спаси, оти соопшти дека нема да се кандидира во четвртокот. Замислете вчера да соопш теше. Ни викенд ќе се видеше, ни Охридско лето ќе се одржеше, ни маратон ќе се пливаш е. Ни нему не му е лесно. Не сака да кохабитира со Влада со чија политика не се согласува. Толку му е тешко што заборави дека за да кохабитира со Влада со која не се согласува, прво треба да победи на изборите. Единствена утеха во овие тешки моменти ми е тоа што Бранко вети дека до последен момент функцијата ќе ја врши крајно одговорно и со целосна посветеност, и секогаш водејќи се од државните и националните интереси. Тоа значи дека до крајот на мандатот, кога ќе каже нешто, треба да кажува само кога е 100 отсто сигурен. Да знаеме. За да си го планираме животот.

    26 јули
    Зошто толку сте се вознемириле затоа што парното поскапело за 60 насто. Те како ќе се грееме, те како да се исклучиме, те дали ќе има струја зимава… Лесно ни е нам. Туку што да каже мајката на премиерот. Таа е за жалење. Ние сите имаме по едно парно за плаќање. А таа три стана три парна. А една пензија.

    16 август
    Невладините организации “Сакам да бидам Заев” и “Сакам бела маич ка” продолжија да бараат правда и правдина. Сега се очекува да одат и пред затворот во Шутка. Да носат маици “Сакам да бидам Кирил Тодоровски”. Затоа што градоначалникот на Аеродром е во притвор веќе пет-шест месеци. Или “Сакам да сум змиско око” на предната страна на маич ката, а на задната ќе пишува “Ставете ме во затвор, па после прибирајте докази”. Откако ќе ги соблечат маичките “Сакам притвор од половина година”, нека се преселат пред Идризово. Ќе протестираат против смртта на еден 37-годишен затвореник. Ќе облечат маичка “Сакам да умрам во затвор”. Директорот на затворот што, од името на затворениците од “граѓанинот и квазипретседател Црвенковски” на прес конференција бараше нивно ослободување, оваа недела го немаше. Ете ги непредвидените последици од ослободувањето на Заев. Топло е, па и директорот испари. А вработените во затворот, зафатени од читањето на писмата на затворениците против Бранко, заборавиле тежок болен да префрлат во болница. Директорот не држи прес конференции кога му умираат затвореници на 37 години? Тој е портпарол на тие што сакаат да излезат од затвор. Не на тие што умираат. Но не е сé толку црно во македонските затвори. Оти, најдобро поминуваат тие што самите решиле да умрат. Ним им даваат кофа за да се удават. Зошто на преговорите за името Грција има еден, а Македонија двајца претставници? За да ни се смеат. И да не нé сфаќаат сериозно.

    23 август
    Посредникот во преговорите за името Метју Нимиц, по одвоените средби со претседателот Црвенковски и премиерот Груевски, изјави дека двајцата имале исти ставови. Ама од Владата побрзаа да го демантираат. Оти не смее ни случајно пред светот да се покаже единство во нашите редови. Изворите на Претседателот кажале едно, а во Владата не кажувале ништо. И тие во Владата не знаеле што се зборувало кај Претседателот. Нимиц треба да побрза да го реши проблемот. Ама не заради Американците кои сакале да нé пикнат во НАТО. Туку заради себе. Оти ако дојде уште два-три пати и ако мора секој пат одвоено да се среќава со двајцата, ќе го шашардисаат. На крај тој ќе си го смени името. Наместо да се вика Метју Нимиц ќе се прекрсти во Никола Протоѓер. Или Мартин Димитров.

    13 септември
    Најсрдечно го поканувам премиерот Никола Груевски да ми дојде на гости. Живеам во центарот на Скопје. Кога ќе излезе од кола, за да влезе во мојот влез, нема шанси да не се сопне од дупките пред зградата. Тој е последната надеж за мене и за моите соседи веќе другиот ден да ни ја асфалтираат улицата. Со себап, може и светло ќе ни пуштат и ѓубрето ќе ни го изметат. Кога Груевски се сопна од последното скалило на отворањето на лифтот на Крстот на Водно, се дигна на нозе цела експертска јавност. Познат и признат архитект во свои шеесетти години стручно објаснуваше дека кошулката на подлогата од скалилото била некој сантиметар поголема, дека не е премиерот несмасен туку скалилото не чинело… А и главниот од Фондацијата за Крстот го правдаше премиерот оти се сопнал, затоа што пред него паднало и едно детенце. Како да му требало оправдание за сопнувањето. Можеби рејтингот ќе му паднеше. Вчера требаше да ги кршат скалите што го сопнаа премиерот. Мора еднаш да се стави ред во оваа држава. Нема тука 17 сантиметри, 18 сантиметри… Нема ваква бетонска подлога, онаква кошулка… Сите скалила мора да се по пропис. Оти Груевски не е обичен човек. Тој не смее ни да се сопне. Проблемот на Груевски е што не внимавал каде гази кога се качувал на Крстот. Во Ерусалим, на Голгота каде што бил распнат Исус, мора да се качуваш по скали. Ама таму скалилата се сите со различна височина и нееднакви. Тоа е така за да мора, кога ќе се качуваш угоре да гледаш удолу. Оти горе е Господ.

    20 септември
    Евроамбасадорот Ерван Фуере рече дека “Македонците не се глупави за да не можат да прават разлика меѓу технички реформи и суштински промени”. Точно е. Не сме глупави. Одам во Катастар и знам до каде сум со реформите. Одам на суд и гледам колку ни напреднало судството. Одам на Клиника и ептен ми станува јасно колку ни е европско здравството. Ги носам децата на школа и гледам какво ни е образованието. На крајот на краиштата, не мора ни сето тоа да го правам. Шетам по улици и гледам зошто Владата мора да прави акција за чистење, и тоа со голема медиумска помпа. Навистина, не сме глупави и знаеме до каде сме со европските стандарди. Ама господинот Фуере е доволно долго во оваа земја и се надевам знае уште една работа. А таа е дека на Македонците им е јасно дека дури и сите европски услови да ги исполниме, нема да влеземе во ЕУ додека не си го смениме името. Затоа што не сме глупави. Знаеме дека е така само затоа што Грција како земја членка на ЕУ тоа го бара од нас.

    11 октомври
    Македонија не смее да отстапи од двојната формула за решавање на спорот со Грција. Едно име на државата за Бранко, друго име за Никола.

    25 октомври
    Мене лично многу ми олесни што ЕУ нема да ни даде датум за членство. Оти сега барем е јасно дека ниту ние сме напишале домашно ниту ЕУ ќе ни даде датум ако не го смениме името. Сега Владата нека не губи време да ни докажува дека можеме и без ЕУ. Вистинското прашање е не дали можеме и без ЕУ туку каква земја што не е во ЕУ сакаме да бидеме. Како Норвешка и Швајцарија, или како Молдавија и Белорусија? Па затоа Груевски нека не се занимава со тоа да ни кажува во колку проценти сме ги исполниле критериумите на Оли Рен. Нека му ги остави процентите на Амди Бајрам. А тој нека се фати за работа. Со себап, Норвеш ка не ни бега

    15 ноември
    Ја обожавам Калиопи. И јас, и жена ми и децата. И ги пееме песните по дома. Ја видов на онаа реклама 24 часа/ 7 дена во неделата како ја фали Владата. И после прочитав како се правда дека случајно ја сретнале на улица. Па ако е така, не видов дека стегнала тужба против Владата за злоупотреба. Калиопи, душичке, зошто ти требаш е тоа понижување? Па ти си многу поголема и од Никола Груевски и од сите министрикои ги фалиш. Си ги поминала и Бранко, и Љубчо, и Киро… И Тито си го поминала, уште на “Златно славејче”. Сите тие доаѓаат и си заминуваат. Само ти си ѕвезда и остануваш. Па тие деца на кои сега им се умилкуваш би биле пресреќни да бидат во твоја близина. Би се тепале да ти земат автограм. Наместо да го уцениш Груевски да ти ги платат авторските права за “Месеч ина”, ти ја фалиш Владата оти ѝ рекла “Не” на Европа. Што фајде имаш ти од тоа? Дали тоа ти помага да живееш добро од твојата работа, без да мора да очекуваш милост од власта. Без разлика дали е Груевски или некој друг, дали е од оваа или од онаа партија. Замислете ја Викторија Бекам да застане на улица во Лондон. И да рече: “Многу е фин овој Гордон Браун, работи нон-стоп како драгстор”. Или Мадона. Оти Мадона е попкралица, а Калиопи е поп-дива. Работел Груевски 24 часа седум дена во неделата. Па зошто го плаќаме? Тоа му е работа. Зошто Калиопи би требало да биде зачудена, а премиерот да плаќа реклами за да ни го соопшти тоа. Малку ѕвезди имаме во Македонија. Едната лани загина на автопат во Хрватска. Другата се понижи. Се самоуби пред камера. Владиката Иларион, додека си се возел во скапиот џип, смислил едно слово и го објавил во “Дневник”. Владиката со нехристијанска јарост и без контакт со реалноста го осуди абортусот. Вели дека жените заради земни задоволства правеле чедоморства. А тој заради врска со Бога и во име божје вози скап џип што може да прехрани барем едно одделение. Ова е слободна земја. Секој си има право да си каже што сака. Ама кога тоа ќе го каже од насловна страница на голем весник владика, тоа веќе ја надминува дискусијата за темата абортус. Тоа е обид на црквата за брутален упад во државата и начинот на живот со кој сака да ни ги одрече главните цивилизациски придобивки, како правото на слобода на избор, граѓански и човекови права, демократија. Сé со цел да воспостави реакционерни, фундаменталистички вредности и да приграби власт. Ü е гајле на црквата за децата. Колку деца прехранила? Да не изградила случајно градинка? Или згрижила бездомни деца? Се потепаа жените да имаат квота во Парламентот. Не слушнав дека некоја од нив излезе да ги брани женските права. Утре можеби истиот владика ќе побара забрана на абортусот. А тие ќе го поддржат затоа што така ќе им каже партијата.

    13 декември
    Ида го немаше францускиот министер за надворешни работи Кушнер, требаше да го измислиме. Наместо да ни зборува за Сибелиус, да ни дава задачки и да нé охрабрува во реформите, директно ни кажа: “Проблемот на Македонија е во името”. Преведено на македонски: “Правете што ќе правите, ако не го смените името, никогаш нема да влезете во ЕУ”. Плус поентираше: “Ситуацијата денеска изгледа многу, многу комплицирана за така едноставен проблем”. Сто стапа по туѓ грб ич не болат. Затоа нему проблемот му е едноставен. Ај нека го прогласи, да речеме, Германија персона нон грата. Ќе може да влезе, ама само ако си го смени името. Истата слика, истите податоци за раѓање и адреса на живеење. Треба да стави само ново име на старата слика. Многу компликации за толку едноставен проблем. Груевски одвај ја дочека изјавата на Кушнер. Да поентира: “Ви викам јас дека поради името нема да влеземе во ЕУ”. Расположен и насмеан, си го потпевнува рефренот: “Вуле ву Кушнер авек муа…?”. Ама нека не спие Груевски на увото дека Кушнер и името му се алиби да нé затвори и да нé изолира. Оти, лично не се плашам од тоа дека нема да влезам во ЕУ ако толку брутално ме тераат да ставам ново име на старата слика. Ама се плашам дека наместо Норвешка која, исто така, не е членка на ЕУ, од Македонија ќе направи Молдавија. Или Белорусија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари