2015 – СПЕЦИЈАЛНА ДЕМОНТАЖА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:167:"ПратетеимпаринароднинитештозаминалевоГерманијаиКанада.Нееубаводавизавидуваат

    17 јануари

    Груевски, еве, веќе деветта година, ги демонтира елитите. Почна со бизнисмените, за да го прераспредели правилно капиталот. Продолжи со архитектите, за да го разубави Скопје. Па се сврте на медиумите кои, иако му помогнаа да дојде на власт, после не му помагаа на власт и да се одржи. Па ги демонтираше судовите. Па лекарите. Па универзитетските професори. Лека, полека, на сите им дојде редот. Демонтажата на елитите не е лоша работа. Ама дали новите бизнисмени се подобри од демонтираните? Дали новите архитекти направија потрајни вредности од демонтираните? Дали новинарството денес е послободно од она демонтираното што не беше слободно? Дали судиите денеска се понезависни од власта од оние демонтираните што некогаш беа зависни од власта? Дали здравството денеска е подобро откако цела Источна Македонија остана без лекари? Дали образованието е подобро? Дали правото важи неселективно за сите? Дали државниот интерес денеска е одвоен од личниот и од партискиот, за разлика од порано, кога не беше така? Конеч но, дали по оваа сеопфатна операција на демонтирање, Македонија е подобро место за живеење?

    7 февруари

    Уште од почеток го следам Студентскиот пленум. И студентите ме изненадија со нивните прибраност, организираност и со софистициран начин на протестирање. Овие месеци покажаа дека знаат што сакаат, без оглед што тој закон директно не ги погодува. Ај што покажаа познавање на проблематиката, тоа не ме чуди. Туку покажаа домашно воспитување, интегритет, солидарност, трпеливост, толеранција, смисла за хумор, наднационално единство и култура на однесување. Кој ги научил овие деца на овие вредности? Кај какви наставници учеле овие студенти додека биле во основно и во средно школо? Кај оние што сега штрајкуваа или кај штрајкбрехерите?

    14 февруари

    Сирота Тамара. Мора многу да ја болело штом сé уште ги бранува духовите на цела држава. Шокот од нејзината смрт е толку голем, што сé уште татни, дури и посилно од бомбата на Заев за прислушувањето. И добро е што она неформално здружение на граѓани своите трибини за одбрана на Македонија ги почна од Велес, родниот град на деветгодишното девојче. Добро е што загрижените патриоти рекоа дека ќе ја бранат Македонија преку институциите на државата. Истите институции кои ја испратија малечката сограѓанка Тамара Димовска на лекување во странство, само два дена по нејзината смрт. Министерот за здравство Никола Тодоров рече дека не чувствува одговорност за смртта на девојчето, но многу жали. Директорката на Фондот за здравство Маја Парнарџиева Змејковска се правдаше дека “Фондот сторил сé што е во законска можност”. И на крајот, заменичката на лекарската комисија која одлучувала дали Тамара треба да се оперира во странство д-р Аспазија Софијанова рече дека таа ја потпиш ала, иако не се согласувала со одлуката. Оти одлуката каде ќе се лекува Тамара стигнала од повисоко ниво. Зошто? Затоа што чекале да се отвори новиот државен центар за сколиози. Така значи. Девојчето им требало за реклама. За пропаганда умре Тамара. За да се сликаат. Така е тоа во нашиот систем на институции кои функционираат само во рекламите. Некој од горе кажува сé. А не верувам дека Господ ѝ се јавил на комисијата. Ова е најтежок доказ за бруталната неморалност на системот, во кој законот важи само за обичниот непривилегиран човек. Дали законот ќе важеше ако беше нивно дете во прашање? Дали нивните деца би ги чувале за промоција на уште еден успех и реформа во здравството?

    28 февруари

    Од пред неколку дена сум унапреден. Сега сум и носител на папка. Од оние папките кои им ги подели СДСМ на дваесетина новинари што биле прислушувани. Не знам за другите колеги, ама јас не се чувствувам баш пријатно. Туку, тоа и не е некоја вест. Оти не знам дали некој воопшто се чувствува пријатно деновиве.

    14 март

    Друго е кога некој ти раскажува. А друго кога ќе чуеш со свои уши. Дали ми е сега полесно, откако ги чув снимките од прислушуваните разговори меѓу разни високи политичари на власта? Не. Не ми е. Пред да ги слушнам, знаев дека е тоа така, ама се надевав дека можеби, сепак, и не е. Имав надеж дека можеби не е толку страшно. Сега кога ги слушнав, видов дека било и пострашно. Ја изгубив надежта. Не знам зошто би ми било полесно. Затоа што педесет учителки што ни ги воспитуваат децата се ставени во ситуација да ги викаат една по една и да ги подучуваат за кого да гласаат. Или затоа што командир во АРМ треба да им наредува на војниците како да гласаат, ако не сакаат да останат без работа. Или, пак, затоа што затворениците веќе се превоспитани, па и тие знаат како да гласаат. Или затоа што директорката на Домот за деца без родители ќе им плати на децата што станале полнолетни да одат да гласаат оти ќе гласале за Груевски? До тие гласови им дојде. Не ме изненади ни тоа што за време на гласањето на локалните избори се водела битка за секоја зграда во центарот на Скопје. За секој станар. Алал да им е на посветеноста. Така прави секоја сериозна партија. Ама да си го прават тоа во партија. А не во министерствата. Да си трошат партиски телефони, партиски коли, партиски фотокопирници, партиски плати… Со пари од членарината, од спонзори, со лични пари. А не да ми ги трошат моите пари. За тоа не сме ги гласале. Кој и да прислушувал, колку и да се креирани снимките, колку и да се вешто измонтирани, она што ме вџаши во телефонските муабети е искрената, чиста и нескриена омраза кон сé што не е ВМРО. Не само што не смееш да не ги сакаш. Не смееш дури ни да немаш мислење за нив. Мора да ги сакаш. Па зарем толку е непремостлива таа идеолошка разлика со сите други, за да ти дојде онака длабоко од душа да се заканиш дека ќе избркаш нечија жена од работа, дека ќе ги сотреш сите што не се со тебе, дека ќе фрлиш во ендек цела фамилија, дека некому ќе му ја запалиш кафеаната, ќе му го срушиш објектот со динамит, ќе ја преселиш цела зграда. Ако не си ВМРО умри! А ако си? Да сум јас член на ВМРОДПМНЕ, сериозно би се загрижил за таа омраза што се откри од прислушуваните разговори. Каде таа омраза ќе ја однесе партијата? И каде таа омраза потоа ќе ја однесе државата?

    4 април

    Македонија живее во две паралелни реалности. Едните се собираат и маршираат затоа што се несреќни. Другите се собираат и маршираат за да покажат колку се среќни. Тоа што за СДСМ е провизија, за ВМРО е донација. Тоа што за СДСМ е рекет, за ВМРО е спонзорство. Тоа што за СДСМ е откривање корупција, за ВМРО е откривање државна тајна. Кој ќе ги спои овие два паралелни света? Како сето ова ќе заврши? На избори? Кој ќе ги организира изборите? Кој ќе ги чисти избирачките списоци? Кој ќе утврди дали тие што се жители на Пустец се гласач и во Капиштец? Единствената врска помеѓу двата паралелни света е судството. Од кое се откажа дури и Европската комисија. Па од Брисел кажаа дека нема да испратат свои експерти да ги набљудуваат процесите за “Пуч” и за “Прислушување”. Ќе нé остават сами да си потонеме во калта која си ја направивме. За која и тие се кабает. Оти многу вода ни пуштаа. Можеби затоа и бегаат. За да не се открие и нивната вина за она што нам ни се случува.

    16 мај

    Премиерот Никола Груевски рече дека минатата сабота и недела ги имал двата најтешки дена во животот. Зошто имаше потреба да ни го каже тоа на телевизија? За да го жалиме? И нам тие денови ни беа тешки. А имаме и многу други тешки денови. Ама кој нé прашува? И каде да се пожалиме? Сигурно нам, а верувам и на премиерот не ни било потешко отколку на полицајците што минатиот викенд гинеа во Куманово. Сигурно не ни е потешко отколку на семејствата на загинатите полицајци. Или на повредените полицајци? Или на оние жители на населбата во Куманово што, ни криви ни должни, ги изгубија куќите? Впрочем, кој очекува од премиерот да има лесни денови? Па тој е платен за неговите тешки денови. И не само што е платен. Тој самиот се борел да дојде до таа позиција. И со години сериозно се бори да ја задржи. Конечно, тој самиот има голема моќ да одлучува какви ќе му бидат деновите. И со таа моќ одлучува и нам какви ќе ни бидат деновите. Има разлика.

    20 јуни

    Мајка Тереза треба да има споменик. Тоа не е спорно. Ама споменик од 5 и кусур милиони евра, кој ќе биде грандиозен, висок до 32 метра, не е споменик на Мајка Тереза. Тоа е исмевање на нејзиното дело. На хуманитарката треба да ѝ се подигне споменик, со гест кој ќе покаже дека не бил залудно поминат нејзиниот живот во милосрдие и скромност. Субрата Рој вети, ама заврши во затвор, па ај ние ќе платиме. Зар со пет милиони евра се покажува почит кон делото на Мајка Тереза? Ако толку нема сиромаштија во Македонија на која може да ѝ се помогне со 5 милиони евра, тогаш дај да ги подариме на Фондацијата на Мајка Тереза во Калкута. Таму има посиромашни. Кога веќе имаме толку пари за трошење. Таа ќе биде прогласена за светица оти се грижела за сиромашните, а во Македонија сиромашните, поради споменикот, ќе ја проколнуваат. Страшно.

    18 јули

    ВМРО-ДПМНЕ со договорот од Пржино навистина извојува голема победа. Бидејќи Владата треба да се расформира до 15 јануари, Груевски на 31 декември пак ќе ни честита Нова година. На секоја телевизија, со по стотина репризи до Божик. Ако тој не ја честита толку често Новата година, годината нема да ни биде успешна. Како што ни беа успешни последните девет години.

    1 август

    Нели овие од СДСМ бараа системот да се смени? Нели тоа беше суштината на објавувањето на бомбите? Не само Груевски да се симне од власт туку системот на Груевски целосно да се демонтира. Па нели Заев секоја прес-конференција по објавувањето на бомбите ја завршуваше со зборовите: “Да не дозволиме ова зло никогаш да не се повтори”. А сега… Кога почнаа да се договараат за промени на изборниот систем, одеднаш викаат дека Македонија сé уште не била спремна за една изборна единица и за отворени листи. Па кога ќе биде спремна? Дваесет и пет години чекаме да се спремиме. Што им е? Се исплашија дека ќе го изгубат монополот на демократијата? Дека политиката е само за нив и за ВМРО-ДПМНЕ, со ДУИ и ДПА како соучесници. Или, како што ги отворија муабетите за нови избори, сфатија дека тоа зло што го споменуваш е Заев и не е баш толку големо. И дека не е баш толку штета ако се повтори. Изгледа заборавија на митингот од 17 мај. Нека се потсетат кој сé излезе на тој митинг. Нека се потсетат кој ги размрда. Заборавија на Студентскиот пленум, како предвесник на ослободувањето од стравот, кој и нив ги охрабри. Тие уште пред бомбите излегоа за нов почеток за демократска Македонија. Пред нив СДСМ ни 300 луѓе не собираше. Тие излегоа против стравот, против киднапирањето на државата од партијата, против партиските вработувања, против изборните уцени и закани, против цензурираната вистина, против крадењето на изборите… Тие луѓе не излегоа да го сменат злото на ВМРО со злото на СДСМ. Човече, па тие и јавниот сервис би го делеле. Едни куртон вести со други да сменат? Па и познатите стари сончогледи веќе си фаќаат приклучок. Си ги вадат од нафталин старите маици. Како што се отвораат темите од договорот во Пржино така СДСМ сé повеќе се занимава со партиските интереси, а не со граѓанските. И мисли дека така ќе се врати на власт. Ако сакаат, кога ќе пораснат од СДСМ, да се претворат во ВМРО-ДПМНЕ, џабе им беа бомбите. По толку испукани бомби, најважната ќе им пукне в рака. По четврт век сме стигнале до некое дно, од кое се излегува само со нов почеток. Како најголема опозициска партија, СДСМ сега ја има историската шанса да го смени системот. Ама прашање е дали се подготвени да понесат и историска одговорност. Ако ги сведат преговорите само на тоа кој ќе стане министер, а кој директор, и колку пратеници ќе соберат за комотно владеење, без да се договараат со другите, в година ова време пак ќе се расправаме со истите проблеми. Едните ќе ги уценуваат своите дека ќе ја изгубат работата, другите ќе си ја јакнат желбата за одмазда, а тие што не се ни со едните ни со другите, разочарани ќе си ги пакуваат куферите. Што подалеку оттука, дури и без желба за гласање во дијаспората. И така сложно, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе можат на раат да си се спремаат уште 25 години да направат држава.

    19 септември

    Премиерот Никола Груевски изјави дека нема страв да се соочи со специјалниот обвинител. И дека сега, кога веќе Катица Јанева е избрана, тој ќе може да се посвети на неговите активности во економијата и создавање услови кои ќе доведат до отворање на нови работни места. Што мисли премиерот? Дека специјалниот обвинител е избран за бркање крадци на ќебапчиња?

    24 октомври

    Вчера беше роденденот на ВМРО. Но не на ВМРО-ДПМНЕ. Оти ВМРО-ДПМНЕ за овие десет години успеа да ни го украде ВМРО. Затоа што сите што не се за ДПМНЕ ги прогласи за предавници. Е па кога веќе 10 години нé делат на патриоти и предавници, се сетив дека овие што се претставуваат како најголеми патриоти, изменија сé што било македонски идентитет. Ај историја што менуваат, и онака историјата победници ја пишуваат, а тие девет пати победуваат. Ај што со зградите од “Скопје 2014” измислија историски период кој сме го немале и лажираат архитектонска историја со пластичен необарок и гипсен неокласицизам во 21 век. Ај што го заградија споменикот на ослободителите на Скопје од фашистите. Ама тие и природниот пејзаж го сменија. Ги исекоа дрвјата и насадија палми по градовите. И морска песок донесоа на езерските плажи. Зошто толку омраза кон сé што било Македонија пред 2006?

    31 октомври

    Следниот пат кога Владата на телевизија ќе се пофали дека сме напреднале во извештајот на Светска банка Дуинг бизнис и оти сме пред Германија, Канада и пред уште стотина други земји, фатете се за џебот. Видете си ги сметките на картичките, разгледајте во какви услови живеете, одете во самопослуга, платете си ги дрвата за огрев, пресметајте дали имате за одмор, планирајте планина во зима, планирајте море, езеро во лето, не плашете се дека ќе ве умрат во државна болница оти имате пари за приватна, на децата купете им зимски чевли, запишете ги на англиски, да не се срамат по светот… Па ако нешто ви остане, може и да тргнете настрана за веселби, за старост, за внуците… И ако ви остане вишок, помогнете им на тие на кои не им оди толку добро бизнисот. Пратете им пари на роднините што заминале во Германија и во Канада. Не е убаво да ви завидуваат.

    14 ноември

    Среќа што премиерот Груевски отиде предизборно да става камен-темелник на затворен базен во Охрид. Па прошета низ градот и околината и, шетајќи низ Лескоец, се сретна со еден граѓанин што боледува од рак. За неговата болест имало лек, ама не бил на позитивна листа. Па му помагаат донатори, оти државата го одбила. Неколку дена пред случајната средба во Лескоец, на телевизија одеше прилог за случајот на истиот овој охриѓанец. Тогаш Фондот за здравство објасни дека не може да му набави лек, оти позитивната листа ја прават 14 стручни комисии формирани од Владата, а на предлог на Министерството за здравство. Господ го прати Груевски во Охридско. А охриѓанецот кој веќе нема што да изгуби, го пресретна премиерот на улица за да му побара помош. Судбината сакала баш во тој момент до Груевски да биде и директорот на Фондот за здравство Сашо Стефановски. Оти е по потекло охриѓанец, па во работен ден шета низ Лескоец. Имаше камери, новинари, микрофони, па на вести видовме како човекот со мака, искрено му пријде на премиерот и понизно го замоли за помош: “Само вие сте свесен… Имам две деца, за нив живеам…”. Колку вреди човеч киот живот на 30-годишник во Македонија? Па го моли премиерот, барем за атер на децата, да му помогне. Зарем во оваа држава болен човек треба да се правда со децата за да има право да бара лек за да живее? И, нормално, Груевски веднаш го испраш а директорот на Фондот за здравство кој му се најде при рака во близина. А директорот се правдаше: “Имаме активности…, имаме тендер…, па во 17 часот имаме состанок…”. И во две и полминутен телевизиски прилог, Груевски го реши проблемот. Директорот рече дека “за лицето уште наредната недела ќе се обезбеди лекот”. И потоа премиерот си замина на други места каде што, исто така, е потребен. А болниот охриѓанец, на разделба, рече: “Господ е голем”. Ова само во Библијата сме го читале. Кога Господ одел по земјата и помагал. Е па дај додека премиерот шета по земјата со микрофончето на реверот и со мобилните екипи за брза интервенција, да ја искористиме ситуацијата да си најдеме лек. Кој за болест, кој за издавање пасоши, кој за паркинзи, кој за улици, кој за плацови, кој за канализации, кој за амбулантни возила, кој за тениски игралишта…

    5 декември

    Од тоа што ВМРО-ДПМНЕ толку ја бранеш е слободата на медиумите сите овие години, затоа сега цел свет ни дојде дома да ни ја процени штетата. Да видат како може да нé спасат од нехибридната демократија. Власта, како експерт за поделби во општеството, откако нé подели по сите линии, сега се обидува да ја направи најапсурдната поделба. Да се прашуваме: Кој фашизам е пострашен? ВМРО-вскиот, наспроти СДСМ-овскиот? Тие не престануваат да спружуваат по насловни страници, а нé убедуваат дека сите сме исти. Е па, не сме. На СДСМ уште не му верувам. Ама на ВМРО не ѝ заборавам.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари