НА 27 АПРИЛ МОРАВ ДА ГИ НАТПЕЈАМ ПОЛИЦИСКИТЕ СИРЕНИ, РАСКАЖУВА ВИЕНСКАТА ОПЕРСКА ПЕВИЦА МИЛЕНА АРСОВСКА

    НА 27 АПРИЛ МОРАВ ДА ГИ НАТПЕЈАМ ПОЛИЦИСКИТЕ СИРЕНИ, РАСКАЖУВА ВИЕНСКАТА ОПЕРСКА ПЕВИЦА МИЛЕНА АРСОВСКАОд 2008 оперската певица Милена Арсовска живее и работи во Виена, а еден од ретките настапи во Македонија беше на 27 април во Домот на АРМ, спроти Собранието, додека траеше организираниот напад

    Само што застана стабилно на нозе како оперска певица на македонската сцена во 2008 година, Милена Арсовска ја напушти земјава и замина за Австрија. Во Македонската опера беше ангажирана седум години, уште додека беше студентка на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

    „Моите почетоци се токму на таа сцена, каде научив многу за пеењето и сценската игра. Но сето тоа некако не ми беше доволно, жедна бев за повеќе знаење и за нови предизвици. Последна работа со МОБ беше мултимедијалниот проект ‘Дороти’, со кој во периодот 2007/08 имав шанса да настапувам во театрите во Италија и Германија. Критиките кои ги добив беа секогаш позитивни и тоа ме мотивираше да се одлучам за чекор понапред, усовршување во Виена“, вели Арсовска.

    Концерт во Музикферајн во Виена со Моцарт оркестра во 2016

    Таа вели дека искрено не се сеќава од каде идејата да ја избере токму Виена, но знае дека уште од средношколските денови зборувала дека сака да пее во австрискиот главен град.

    „Претпоставувам дека фактот што Виена е еден од центрите за класична музика е главниот мотив да дојдам токму овде во срцето на оперската уметност“, вели Арсовска.

    Постдипломските студии ги завршила на Државниот конзерваториум во Виена на отсекот по соло пеење и опера. Студирањето на Конзерваториумот било вистински предизвик за неа.

    „Имав можност да учам од одлични професори, а програмата за магистерските студии содржеше сѐ што е потребно за подготовка на еден млад пејач за театарската и концертната сцена. Во тие две години научив многу повеќе за тоа што е дисциплина, одговорност, посветеност и темелно учење на материјата. Освен предметите за вокална техника, изучувавме сценска игра, самоменаџирање, сценска шминка и фризура како и подготовка за аудиција. Но магистерските студии беа само еден дел од од она што ме направи комплетен музичар. Културниот живот и култот кон музиката што го негува Виена, со светски оркестри и солисти кои ви се достапни речиси секој ден, ми помогна да го спознаам вистинскиот квалитет и да се стремам кон успехот“, вели Арсовска.

    Настап во „Ловокрадец“ во театарот во Магдебург, Германија

    Во текот на студиите почнала да пее во еден од најреномираните австриски хорови „Арнолд Шенберг“, во кој веднаш била забележана од шеф диригентот и за кусо време почнала да ги пее соло делниците.

    „Првите настапи беа во Музикферајн, Концертхаус и Театар ан дер Вин, каде за првпат настапив во улогата на Боемска девојка во оперетата ‘Лилјакот’. Музичкиот директор на театарот ме забележа и веќе следната година ме покани на аудиција каде ја добив улогата на една од сестрите во ‘Суор Анџелика’. Во последниот семестар од студиите почнав да одам на аудиции и некако сите коцки се поклопија. Освен улогата во Театар ан дер Вин, добив учество на летен фестивал во Семеринг со улогите на Блонде во ‘Грабнување од Сарајот’ и Церлина во ‘Дон Џовани’“, вели Арсовска.

    Она што е куриозитет за тоа време е што почнала со солистички изведби на музиката од Моцарт и Штраус во палатите и дворците низ Виена, организирани од различни концертни компании.

    „Воопшто не беше лесно да се биде дел од музичкиот бизнис во Виена. Во речиси сите палати и дворци се одржуваат концерти со цел да ја промовираат виенската музика, Моцарт и Штраус со неговите пријатели, претставници на оперетата. За првата моја работа чекав повеќе од две години. Конкуренцијата е огромна, но знаев дека само професионализмот и квалитетот ќе ме доведе до успех. Па така, една по друга, полека станав дел од сега петте компании. Од минатата година настапувам и со Моцарт оркестарот во златната сала на Музикферајн во историски костими од Штац опера. Освен што е задоволство да се пее во сите тие прекрасни сали, огромно е искуството да се пее со одлични оркестри речиси секој втор ден пред најмалку 300 луѓе во публика“.

    Денес, нејзиниот статус е слободен уметник и не е врзана за ниедна театарска куќа или концертна компанија. Гостувањата во театарските куќи ги добива преку агенти и во моментов соработува со четири агенции. Додека во концертните компании во Виена е ангажирана месечно.

    „Она што го нуди музиката како професија, покрај задоволство во творењето на истата, се постојаните патувања и запознавања нови луѓе и нови средини. Па така, во последниве седум години имав шанса да настапувам во повеќето европски држави како Германија, Италија, Малта, Швајцарија, Холандија, Шведска, Романија и Унгарија, но и на турнеја низ Јапонија и САД. Последниве 3 години бев ангажирана во театарските куќи во Прага и Острава ,Чешка и во Магдебург, Германија, каде и живеев за време на подготвувањето на оперските продукции. Интересно искуство беше секое селење во една нова држава, дури и на 3 месеци, и запознавање на нивната традиција, култура и национални богатства“, вели Арсовска

    Следни ангажмани почнувајќи од летово се настапот во Гете Театарот во Вад Лаухштедт, Германија со улогата на Гретхен во операта „Ловокрадец“. Потоа следи целовечерен концерт на летниот фестивал „Арсана“ во Птуј, Словенија, па настапот на Охридско лето каде ќе настапи како солист со руски хор. Од септември започнува со подготовките за улогата на Сузана во Моцартовата „Свадбата на Фигаро“ со гостување во театарот во Вајмар, а потоа и со улогата на Виолета во „Травијата“ со која ќе гостува повторно во театарот во Острава. Во Виена редовно настапува со просечно со 10 до 15 концерти во месецот.

    По концертот на Дуке Бојаџиев во рамките на Охридско лето, каде беше специјална гостинка, пред извесно време настапи заедно и со Македонската филхармонија.

    Настап во „Славејот“ во Националниот театар во Прага

    „На мое големо задоволство бев поканета да гостувам на концертот со Македонската филхармонија и тоа со прекрасна програма, три песни за сопран и оркестар од Освалдо Голијов. Имавме три дневни подготовки и навистина уживав да музицирам на свој терен со познати лица меѓу колегите од средношколски и студентски денови. Овој концерт ќе го запомнам засекогаш, несекојдневно и невообичаено искуство. Се одржа на 27 април во АРМ, речиси рамо до рамо со актуелните случувања во Собранието. Помешани емоции на среќа, возбуда и љубов со страв и неизвесност. Не беше лесно да се игнорираат сирените на полицијата и гласовите на демонстрантите неколку минути пред настапот, но сето тоа исчезна, по првите отсвирени ноти. Се надевам дека барем за кратко успеавме да ги одвлечеме мислите и на загрижената публиката и сите да уживаме во убавата музика. За жал, голем број од нив не успеаја да стигнат на концертот, а на оние кои беа таму би сакала да им се заблагодарам што во таков момент останаа со нас во салата“, вели Арсовска.

    На прашањето дали физичката убавина има влијание во изборот на улогите кои ѝ ги доделуваат, таа се заблагодари за комплиментот и вели дека изгледот не помага секогаш.

    „Физичката убавина има големо влијание во доделувањето на улогите. Моето искуство е главно позитивно, но не секогаш убавиот изглед помага. Имено, неодамна бев одбрана за една современа опера од диригентот, но улогата не ја добив бидејќи не одговарав за ликот кој режисерот го беше замислил. Во спротивно за улогата на Славејот во Националниот Театар во Прага, на аудицијата биле преслушани повеќе од педесет сопрани. Кога ја добив улогата, режисерот ми соопшти дека не само убавиот глас, туку пресуден бил и мојот изглед. Тој ликот на Славејот го замислил како висока и атрактивна девојка со убави нозе“, вели Арсовска.

    Таа вели дека во Виена се чувствува пријатно, исполнето, сигурно, се чувствува како дома. Ја врзуваат многу убави моменти, пријателства, спомени од студентските денови. Ги обожува виенските кафулиња, зелените паркови и се уште ја фасцинираат огромниот број музички случувања, кои едноставно ја прават Виена една од светските музички центри.

    „Виена е многу питом град и посебно се чувствува балканското присуство што понекогаш многу ги олеснува работите. Во која и ситуација да се најдете, секогаш ќе се појави некој што сака да помогне, говорејќи на еден од балканските јазици. Не би рекла дека беше лесно да се прифати австрискиот менталитет, кој сѐ уште на моменти знае да ме излуди. Но по одредено време се навикнувате и сѐ станува нормално. Обожувам прошетки во природа и секој слободен момент го користам за уживање во парковите, шумите и дворците во околината на Виена. Се трудам што почесто да спортувам и да учам странски јазици. Секој тип уметност ме привлекува, па освен посета на актуелните изложби, често следам џез концерти и модерен танц. Слободните вечери ги поминувам во друштво на моите пријатели“, вели Арсовска.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира