НАЦОСКИ СИ ЈА ПОВРЕДИ ГЛАВАТА НА ПРЕМИЕРА ВО КИНА

573
Тенорот Благој Нацоски синоќа во Тјанжин, Кина си ја повреди главата за време на премиерата на операта „Турандот“ од Пучини (Фото: Фејсбук)

Македонскиот тенор со богата светска кариера Благој Нацоски синоќа во Тјанжин, Кина си ја повреди главата за време на премиерата на операта „Турандот“ од Пучини. Нацоски е во Кина од 11 декември, и настапува во оперите „Турандот“ и „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт.

turandot
Сѐ помина во ред, имавме и огромен успех синоќа, особено јас лично, морам да признаам, вели Нацоски за премиерата на „Турандот“ (Фото: Фејсбук)

„Пред да излезам на сцената во третиот (и последен) чин, брзајќи, силно ја удрив главата од вратата која води директно на сцена, а која е висока 1 метар и 85 сантиметри, наспроти моите 1 метар и 90 сантиметри. Ударот беше навистина силен, како и болката а богами имаше и крв насекаде“, вели Нацоски и додава: „Во сета таа конфузија, за мене најважно беше да излезам на сцената и да не дозволам претставата да запре во никој случај, така што земав едно марамче, го ставив на главата и излегов на сцена на време. За некој како мене кој е буквално израснат во театар, претставата е нешто свето… Сѐ помина во ред, имавме и огромен успех синоќа, особено јас лично, морам да признаам“.

По претставата, Нацоски го прегледале повеќе лекари, му ја санирале повредата и оцениле дека и покрај длабоката рана не е потребно шиење.

Во театарот во Тјанжин Нацоски ќе пее во „Турандот“ и во „Свадбата на Фигаро“ (Фото: Фејсбук)
Во театарот во Тјанжин Нацоски ќе пее во „Турандот“ и во „Свадбата на Фигаро“ (Фото: Фејсбук)

„Денес се чувствувам добро и сум особено благодарен за огромната љубов и грижа која ми ја покажаа сите мои пријатели и колеги, Хорот, Оркестарот, солистите“, вели Нацоски, кој е и амбасадор на македонската култура во Италија.

Репризата на „Турандот“ е утре, и Нацоски вели дека буквално едвај ја чека.

„По Тјанжин, заминуваме за Харбин, каде каде ќе настапуваме во новата опера таму, нешто навистина од соништата, сѐ до 2 јануари“, вели Нацоски.