НИТУ ЕДНА ПОЕТСКА НАГРАДА ВО СВЕТОТ НЕ МОЖЕ ДА СЕ МЕРИ СО ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ, ВЕЛИ ЧАРЛС СИМИЌ, ГОДИНАШНИОТ ЛАУРЕАТ НА СВП

    НИТУ ЕДНА ПОЕТСКА НАГРАДА ВО СВЕТОТ НЕ МОЖЕ ДА СЕ МЕРИ СО ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ, ВЕЛИ ЧАРЛС СИМИЌ, ГОДИНАШНИОТ ЛАУРЕАТ НА СВП

    Добитникот на Пулицеровата награда, на „Едгаран Алан По“, на Грифиновата награда, „Валас Стивенс“, потоа на Американската акдемија и многу други најврвни светски награди за книжевност, Чарлс Симиќ, американско-српски поет, есеист, преведувач, е добитникот на годинешнниот Златен венец на поезијата на Струшките вечери на поезијата.
    На денешната прес-конференција на СВП во МАНУ, беше прочитано и обраќањето на Симиќ (78) кој во Струга бил во 1972 година, а во Скопје во 1982 година, па вели со нетрпение очекува да ги види старите и да запознае нови пријатели, и додава:„Листата на вашите поранешни добитници е толку знаменита што јас не сум чул за друга поетска награда каде било во светот што може да се мери со неа“.

    Симиќ е роден во 1938 година Белград, а во САД емигрирал во 1953 година. Тој денес се смета за едно од водечките поетски имиња во светот. Неговата поезија, се вели во Одлуката, е страсно и луцидно сведоштво на новото време. Содржи моќни асоцијации за новиот глобален план на песимизмот, за политичката неодговорност, за исчезнувањето на убавото во човекот.
    Како преведувач, Симиќ е особено значаен зашто на англиски превел поголем број јужнословенки поети како: Васко Попа, Иван В.Лалиќ, Љубомир Симовиќ, Милорад Павиќ, Славко Михалиќ, Томаж Шаламун, а од Македонија го превел Славко Јаневски.

    Поезијата на овој професор по книжевност на Универзитетот во Њу Хемпшир, каде што живее, се оценува како интригантна, шокирачка, медитативна, но и полна со ироничен хумор.
    Неговото творештво се одликува со оригиналност и со тоа што е лишено од какви било украси, и секогаш читателот го чека последниот стих, во кој авторот поентира, го прави пресвртот и ја „онеобичува“ стварноста. „Неговиот разорувачки хумор заплиснува ненадејно, и никогаш не е таков да насмее, колку што шокира“, рече директорот на СВП Мите Стефоски, кој за Симиќ говореше заедно со претседателот на Управниот одбор Славе Ѓорго Димовски.

    Чести теми во опусот од дваесеттина поетски книги кај Симиќ се смртта и војната, историјата и индивидуализмот видени на различен начин низ неговите фази. Отпрвин тој пишува од набљудувачка позиција, а потоа градира во политичко агресивна поезија. Последниве години поезијата на Симиќ наликува на медитативни монолози и филозофски расправи.
    Струшките вечери на поезијата годинава се одржуваат по 56 пат, а Симиќ е 52-от лаурет и носител на Златниот венец поезијата.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира