САМО МАГИЈА МОЖЕ ДА НЀ СПАСИ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ПОПОВСКИ СО ПРЕМИЕРАТА ВО ЉУБЉАНА

374
Витези, волшебници, кралеви и борци е магичниот свет на „Мерилин пуста земја“, претстава за магијата и утопијата, за потрагата по Светиот Грал, во режија на Александар Поповски во Драмата на Словенско народно гледалишче во Љубљана (Фото: СНГ)

Македонскиот режисер Александар Поповски, овој пат со поддршка од композиторот Марјан Неќак, имаше нов успех во Словенија, со премиерата на „Мерлин пуста земја“ во средата, работена по епот на германскиот драматург Танкред Дорст, во Драмата на Словенско народно гледалишче во Љубљана.

На официјалната страница на театарот и кај авторите се поставени првите рецензии кои изобилуваат со пофалби, видео на крајниот аплауз кое трае цели пет минути. Публиката и критиката се презадоволни од новата режија на нивниот стар познајник, Поповски. Во словенечкиот портал „24 часа“ насловот е дека главната актерка одлично се снашла во машка улога, и го објаснува концептот каде што во кралството на Артур, главните три машки лика ги играат жени. Главната глумица Барбара Церар, која го игра волшебникот Мерлин, вели дека е ова најголемиот предизвик што таа го имала во животот, а дека соработката со Поповски со кого работи седми пат, е секогаш возбудлива.

Поповски и екипата добија петминутен аплауз на премиерната изведба (Фото: СНГ)
Поповски и екипата добија петминутен аплауз на премиерната изведба (Фото: СНГ)

Актерите за Поповски велат дека е тој голем човек и ентузијаст, и сите сакаат да работат со него. Креативна, разиграна, понекогаш смешна, а понекогаш сурово болна е новата претстава на Поповски која повеќе наликува на епопеја за доброто и лошото, за падот и крахот на големите идеи, за подемот и падот на Европа. Одгласите велат оти  е ова одлична претстава, во која дејството е околу легендата и митот на кралот Артур, неговите витези од тркалезната маса, разговорите за времето, за стареењето, кревкоста на цивилизациите, за утопијата. Самиот Поповски се прашува колку долго може да се одржи принципот на тркалезни маси на кои рамноправно седат витезите што се залагаат за доброто на човекот.

„Во ова време кога се обидуваме да го редефинираме концептот на демократија и либерален капитализам и се обидуваме да ја најдеме врската помеѓу овие два збора, магијата се чини интересно решение“, вели Поповски кој додава дека сега, кога сме поделени по разни основи, и кога секоја страна е подготвена да се бори за својата вистина, решението е во магијата: „‘Мерилин‘ е еп за витезите, волшебниците и за утопијата. Се надевам дека на крајот ќе победи Доброто“.