ТАКВИ СМЕ КАКВИ ШТО НИ СЕ ЛЕКТИРИТЕ – ИНИЦИЈАТИВА НА ДПМ ЗА ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА ЛИСТИТЕ

    ТАКВИ СМЕ КАКВИ ШТО НИ СЕ ЛЕКТИРИТЕ – ИНИЦИЈАТИВА НА ДПМ ЗА ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА ЛИСТИТЕ Македонскиот поет, писател за деца и антологичар Стојан Тарапуза денес ја доби наградата „Книжевно жезло“ за 2017, што Друштвото на писателите на Македонија ја доделува за поетски опус со високи естетски вредности (Фото: МИА)

    Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), на денешното годишно собрание покрена иницијатива за преиспитување на лектирите во основното и во средното обазование. Претседателот на  ДПМ Веле Смилевски рече дека Друштвото нема да прави списоци на автори или дела, и нема да биде арбитер, но ќе учествува активно во процесите кои се надева дека по овој апел ќе ги покренат министерствата за образование и наука и за култура. ДПМ тргнува од своите оценки дека лектирите се застарени и не коренсподираат со вистинските потребни на образовниот процес  и актуелното време.

    Беше отворена дискусија во која воведничари беа професорите Владимир Мартиновски и Лидија Капушевска Дракулевска, чие писмено обраќање беше прочитано, а кои од 2010 до 2013 со други свои колеги, како стручна комисија на барање на Бирото за развој при Министерството за образование и наука (МОН) подготвувале студија за лектирите. Тие рекоа дека работеле посветено, студиозно од сите аспекти имајќи предвид  дека лектирата гради естетски и општо културолошки вредности на идните граѓани во општетството.

    „Обрнавме внимание покрај на естетиката на делата за штотуку описменетите деца, и на вредносниот систем на делата, на жанровата разноликост, на потребата од осознавање на светот на различните култури преку светската книжевност, но и на соседите. Се разбира дека се водеше сметка и за балансот на македонската литература, на добриот превод, но целиот тој проект од необјасниви причини беше стопиран“, велат професорите кои ги нудат сите нивни тогашни анализи и предлози за евентуална идна комисја која ќе се состави за ревизија на лектирите, а по оваа иницијатива на ДПМ.

    Во дискусиите беа истакнувани многу слабости и импровизации со лектирите во образовно-наставниот процес, особено во делот на изборот на наставниците во опусот дозволени изборни наслови. Писателите рекоа дека треба политиката да ги тргне рацете од образованието, а и од лектирите. Тие посочија дека лектирите се многу застарени, па велат „како да се од наше време, ништо не е променето, а има толку многу наслови“.

    „Лектирите не се во сооднос со новото време, тие треба да го негуваат минатото, но треба да се свртени и кон иднината“, вели Мишел Павловски од Институтот за македонска литература. Тој посочи дека неговите истражувања велат оти не се покриени цели континенти во лектирните изданија, а кои имаат големо значење во светската култура, како што е цела Азија или Јужна Америка. Посочи на слабиот превод, особено на книгите кои доаѓаат од помалку моќните светски јазици, па затоа се преведуваат од српскиот. На дискусијата беше речено дека треба да се води сметка за македонските автори од кои рекоа, на пример, најзастапен е Горјан Петревски со пет книги, или Оливера Николова со две. Но дека има само еден турски автор кој твори во Македонија, а нема ниту еден албански. Во бројните забелешки и предлози беше речено дека со лектирите се креира едно општество и една земја која треба да има заеднички теми со светот, па не може во лектирите да го нема на пример „Хари Потер“.

    Во овој сложен процес писателите ги повикуваат сите стручни кадри од повеќе области на дебата и расправа како и министерствата во Влада, а имаат предлог да се направи анкета не само со наставниците туку и со учениците за да се подобри работата врз лектирите кои пак ги отвараат прашањата на општата писменост, на широчината на отвореноста кон светот, кон надминувањето на табуата и стереотипите, кон актулените прашања на модерното општество.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира