НАЈМАРИФЕТНАТА ТИКВЕШАНКА СЕ СЕЛИ ОД МАКЕДОНИЈА

    НАЈМАРИФЕТНАТА ТИКВЕШАНКА СЕ СЕЛИ ОД МАКЕДОНИЈАВесна Јаневска од Росоман се прочу како една од ретките кои го негуваат традиционалното производство на ајвар, слатката од тиква со грозје, од млади оревчиња, од цветови трендафил и други деликатеси (Фото: СДК.МК)

    Весна Јаневска од Росоман, една од најмарифетните тиквешанки, бара начин да замине од државава. Жената што во услови кога немаше постојана работа сиве изминати години правеше напори од ништо да направи нешто, па готвеше ајвар и најразлична друга зимница за пари и ја продаваше на познатиот росомански пазар, разочарано вели дека апицирала за бугарски пасош и на курс учи германски јазик.

    „Многу убави идеи и соништа имав, но за жал, во годините што минаа не наидов на позитивна клима која ќе направи луѓето овде да ги реализираат своите замисли. А толку многу се трудев да успеам, а и на младите да им всадам љубов за да останат тука и овде да ја градат својата иднина. Постојано повторував дека нема зима за тој што знае и сака да работи и создава. Дека и во земјава има златни рипки, што се вели, само треба да се фатат. Ми се чини дека немаше поголем борец од мене. Ги пробав сите можни варијанти. Ајварот, кој на многу домаќинки им е мачен и тежок да го подготват само за своите семејства, го правев со килограми и килограми. Денови и денови минав крај врелите ќумбиња. Се печев заедно со пиперките на огнот, мрзнев на пазарот додека ги продавав теглите зимница. Секоја тегла си има своја приказна“, вели Јаневска, која е една од ретките кои го негуваат традиционаното производство на слатко од тиква со грозје во Тиквешко познато како рачели, слатко од млади оревчиња, слатко од цветови од трендафил и други деликатеси.

    За сиот изминат период таа се соочуваше и со најразлични други проблеми, меѓу кои и инспекции на пазарот на регионалниот пат Градско-Прилеп, па беше принудена да формира и здружение за да може слободно да ја продава зимницата во чие производство како што вели, вложува многу време и љубов.

    „Ајварот, кој на многу домаќинки им е мачен и тежок да го подготват само за своите семејства, го правев со килограми и килограми. Денови и денови минав крај врелите ќумбиња. Се печев заедно со пиперките на огнот, мрзнев на пазарот додека ги продавав теглите зимница. Секоја тегла си има своја приказна“, вели Јаневска (Фото: СДК.МК)

    „Но, од пред неколку години се соочив со намалена куповна моќ во државата, луѓето се помалку застануваат на пазарот кога патуваат кон Велес или Прилеп, па затоа од пред неколку месеци сериозно почнав да размислувам дека мојата среќа е на друго место. Да ви кажам искрено, бугарски пасош можев да извадам уште многу одамна, но не сакав и постојано се спротивставував на таа можност, бојкотирав, ако така може да се каже. Но од пред извесно време, исплашена за иднината, се одлучив и на тој чекор, без разлика колку тој претходно да ми се чинел погрешен. Пред две години, сфатив дека овде веќе нема леб за мене“, вели Јаневска.

    Нагласува дека е очајна и катастрофална состојбата со пласманот и цените на праските во Росоманско, како најголем регион во кој се произведува ова овошје.

    „Но земјоделците не се од сега клекнати на колена, проблемите во земјоделството  се таложат години и години, и со години ништо не беше преземено за решавање на тие проблеми. И сега кога гледам протест на овоштарите кои го блокираат регионалниот пат и фрлаат праски по долиштата, сакам да им порачам да не се делат на вмровци и комуњари, туку заеднички да застанат како земјоделци и да си го бараат местото кое го заслужуваат во општеството. Мене ми се сите тие исти и секогаш ќе поддржам протести во кои не замешала прсти и политиката“, вели Јаневска и додава дека една од причините за слабиот квалитет кај одредени земјоделски производи кои сега се послабо барани на пазарот е и подоцнежното пуштање на водата за наводнување.

    Во гласот на секогаш насмеаната и пријателски расположена Јаневска, веќе се чувствува разочарување од сето тоа што го проживеала досега. Иако има 47 години, спасот го бара надвор од Македонија.

    „Можеби на некого ќе му звучи и смешно што пред неколку месеци се запишав на курс по германски јазик и на старост, што се вели, сонувам да се пронајдам себеси во друга држава, но мене воопшто не ми е смешно. Тажно е сето тоа што ми се случува, но јас сум оптимист и се надевам дека сепак некаде далеку,  ќе се најде некој што ќе ја почитува мојата умешност и трудољубивост“, вели Јаневска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира