ОБЛЕКАТА Е ГЛАВНА ВО ТРКАТА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФРАНЦИЈА

    ОБЛЕКАТА Е ГЛАВНА ВО ТРКАТА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФРАНЦИЈАКандидатот на политичкиот центар Емануел Макрон носи костуми кои чинат околу 350 евра од мал дуќан во Париз (Фото: АП)

    Кандидатите за претседатели на Франција веруваат дека гласачите ја „судат книгата според корицата“ и како никогаш досега се обидуваат да ја пренесат својата политичка порака преку гардеробата.

    Додека невработеноста и економските предизвици се сѐ уште главни грижи на Франција, која од 23 април до 7 мај ќе има претседателски избори со два круга, кандидатите се натпреваруваат како со изгледот најдоследно да ги искажат своите политички пораки.

    Франсоа Фијон, конзервативниот кандидат кој е среде скандали, е обвинуван за елитизам оти носи костуми со претерано високи цени платени од донаторите, како двата последни костуми од 13,000 евра (Фото: АП)

    Кандидатот на политичкиот центар Емануел Макрон носи костуми кои чинат околу 350 евра од мал дуќан во Париз. Без оглед дали е политичка калкулација или среќна случајност, ова е голема спротивност на Франсоа Фијон, конзервативниот кандидат кој  е среде скандали, кој обвинуван за елитизам оти носи костуми со претерано високи цени платени од донаторите, како двата последни костуми од 13,000 евра.

    Кандидатката на екстремната десница Марин Ле Пен за оваа трка, каде што главните ривали се мажи, ја скрати русата коса и почна да носи темни костуми слични на машките (Фото: АП)

    Кандидатката на екстремната десница Марин Ле Пен претпочита темни костуми, со кои праќа пораки за заканите за Франција и ги истакнува тврдокорните ставови во врска со безбедноста и емиграцијата.

    На другиот крај на политичкиот спектар, кандидатот на екстремната левица Жан-Лик Меленшон култивира имиџ без кравата на изборите дефинирани со ставовите против естаблишментот – и јакни кои потсетуваат на комунистичките лидери.

    Кандидатот на екстремната левица Жан-Лик Меленшон на настапите носи работничка јакна, која што ја купил во дуќан за професионални униформи (Фото: АП)

    А работникот на автомобилска фабрика Филип Путу, кандидат на екстремната левица, кој што зеде само пет недели одмор од работа за да се кандидира за претседател, ја освои сцената на последната претседателска дебата со бушавата коса, широк џемпер и остар јазик, со изглед на „обичен човек“ кој моќно ја кажува вистината.

    Да се погоди точниот визуелен тон е нешто многу важно во Франција, престолнината на козметичката и модната индустрија, чии париски салони го одредувале глобалниот тренд на стилот со векови. Твитер, Инстаграм и останатите социјални медиуми поттикнуваат за добриот претседателски имиџ да биде поважен од било кога.

    Фијон носи костуми на модната куќа „Берлути“ со бутик на елитниот лев брег на Сена, која ги нарекува оние кои ги носат нејзините беспрекорни костуми „ексклузивен клуб на инсајдери“ (Фото: АП)

    Фијон, 63, доби голем удар во анкетите со обвинувањата за корупција, поттикнати од извештај дека наводно прифатил подароци на дизајнерски костуми вредни над 48,000 евра. Ова создаде перцепција дека тој е многу далеку од обичните француски гласачи, од коишто многумина имаат финансиски проблеми. Вебсајтот на модната куќа „Берлути“  порано позната како „Арни“ со бутик на елитниот лев брег на Сена, ги нарекува оние кои ги носат нејзините беспрекорни костуми „ексклузивен клуб на инсајдери“.

    Фијон ги негира обвинувањата за корупција, но без оглде на тоа, неговиот имиџ настрада.

    „Проблемите на Фијон може да се умираат во неговите костуми. Кампањата ја градеше на чесност и политика без скандали… а стана баш слика на она против кое се бори“, вели консултантот за политички имиџ Франк Тапиро.

    Консултантката за стил Емери Долиж се согласува, и вели дека влијанието на екстравагантните костуми на Фијон е „катастрофално во селата и посиромашните области“.

    Социјалистичкиот кандидат Беноа Амон исто така има проблеми со имиџот. 49-годишниот кандидат провоцираше реакции на Интернет оти рекол дека честопати си ги губи очилата, но после читањето на еден текст за време на претседателската дебата, тој како да заборави да си ги извади очилата за читање. Очилата сега имаат и свој профил на Твитер.

    Коментаторите шпекулираа дека Амон ги користи очилата за да проектира имиџ на еден љубезен учител кој е цврсто на земја – но обидот имаше контраефект.

    „Toj секогаш заборава да ги извади очилата. Тоа е нешто потсвесно, но луѓето го гледаат како знак дека не е подготвен да стане претседател. Имаат впечаток дека е изгубен“, вели Тапиро. „Ние го измисливме стилот во Франција. Ако немаш изглед на претседател, не можеш да станеш претседател.“

    Макрон три години редовно купува костуми на кројачката компанија „Жонас е компани“ чиј дуќан се наоѓа во правлива мултикултурна зона на Париз (Фото: АП)

    Најмладиот од сите кандидати, Макрон (39), кого многу го сака камера, значајно совладал свој стил на презентирање. Жан Клод Тубул, сопственик на кројачката компанија „Жонас е компани“, рече дека кандидатот за претседател Макрон  три години редовно купува костуми од овој дуќан, кој се наоѓа во правлива мултикултурна зона на Париз.

    „Ние не сме луксузната авенија Монтањ. Нашите костуми чинат помеѓу 340-380 евра. Дали е ова некоја политичка калкулација? Не знам“, изјави Тубул за АП. „Макрон го цени нашиот крој, кој е малку пострукиран но не премногу и му ја потенцираат младоста.“

    Ле Пен драматично го омекна имиџот на партијата откога го зеде местото на нејзиниот тврдокорен татко во 2011. Но за оваа трка, каде што главните ривали се мажи, таа ја скрати русата коса и почна да носи темни костуми слични на машките. Овој факт е во спротивност со единствената друга жена кој стигна на врвот на кандидатите за претседател на Франција, Сеголен Ројал, која секогаш носеше светли женствени бои во изборната кампања на 2007.

    Ле Пен има „конзервативен, машки стил којшто го отсликува нејзиниот авторитет и сила“, изјави имиџ консултантката Валерија Дустали.

    Ле Пен највеќе ја сака морнарско сината боја, која на француски се вика „блу марин“ – како што гласи и името на нејзиното политичко движење, игра на зборови на нејзиното име и името на бојата која асоцира на конзервативците во Франција.

    Левичарот Меленшон, 65, е особено вешт со брендирањето.

    „Јакната која ја носи на сите настапи во медиумите е работничка јакна, која што ја купил во дуќан за професионални униформи“, вели Долиж за јакната на Меленшон со голема јака и копчиња и надворешни џебови. Оваа облека се споредува со комунистичките лидери Сталин и Мао Цетунг.

    Меленшон во последно време имаше митинзи против нееднаквоста во јужниот град Марсеј, на истиот ден кога Фијон, неколку стотици километри подалеку, во Парис, неудобно се потеше на својот политички митинг во конгресен центар.

    Меленшон, најстариот кандидат, е познат и по неговите твитови и планира да користи холограми за проекција на политички митинг во шест француски градови истовремено. Еден коментатор му даде прекар „Мелен-шоу“.

     

    Коментари