ДО 1 ЈУЛИ ЌЕ БИДЕ ПРЕЦИЗИРАН ПАТОКАЗОТ ЗА РЕФОРМИТЕ, КАЖА ЗАЕВ ПО ВЛАДИНАТА СЕДНИЦА СО ХАН

    ДО 1 ЈУЛИ ЌЕ БИДЕ ПРЕЦИЗИРАН ПАТОКАЗОТ ЗА РЕФОРМИТЕ, КАЖА ЗАЕВ ПО ВЛАДИНАТА СЕДНИЦА СО ХАНЕврокомесарот Јоханес Хан се надева дека повторно ќе биде поканет да учествува на некоја од идните владини седници. - Јоханес Хан и Зоран Заев на денешната владина седница (Фото: СДК.МК)

    Владата на денешната седница на која што гостуваше еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан презентирала пред него акциски план за Итните реформски приоритети, именуван „Патоказ“, за кој што премиерот Зоран Заев рече дека ќе се допрецизира до 1 јули.

    На заедничката прес-конференција во Владата, Заев кажа дека во акцискиот план се зацртани реформите по однос на владеење на правото, професионализација на државните институции, независните регулаторни тела и на медиумите, кои што произлегуваат од задачите што ги постави германскиот експерт Рајнхард Прибе, од Охридскиот рамковен договор, од извештаите на Европската комисија.

    „Пристапот ќе биде инклузивен и затоа ја повикувам парламентарната опозиција да се вклучи во работата за исполнување на зацртаните реформи. Ако дејствуваме заеднички и успехот ќе биде заеднички. Ве уверувам дека македонскиот пат е европскиот пат“, рече Заев.

    Хан се заблагодари на можноста што му ја укажала Владата за првпат тој да учествува на владина седница и се надева дека пак ќе биде поканет на една од наредните владини седници.

    Тој најави дека утре доаѓаат Прибе и неговите експерти на состаноци околу нивните предлози и она што го предлага владата во акцискиот план. На Заев му се обрати:

    „По вашата посета во Брисел тука сум и можам да посведочам за оптимизмот и новата клима за реформи што ја манифестирате вие и владата. После сите настани на кои што бев сведок во оваа земја, драго ми е да видам една ова динамика насочена кон постигнување подобар живот на сите граѓани. Препорачувам да се сконцентрирате на задачите кои што ви престојат“.

    Тој не прошушти да ѝ забележи на сегашата владејчка партија СДСМ дека често пати од свои причини ја напушташе работата на Собранието, па во таа насока рече:

    „Местото на дискусијата е во парламентот. Се надевам дека за разлика од минатото, овојпат ќе имаме дискусија што ќе се води во Собранието. Јас ја поздравувам одлучноста на владата да работи со опозицијата и за важните прашања да се постигне консензус“:

    Заев најави дека откако ќе се прецизира акцискиот план на 1 јули, тој веднаш ќе биде достапен на јавноста.

    На новинарско прашање надвор од темата, за снимката со повик на пратеникот од владејачката коалиција Курто Дудуш до граѓаните да извадат членски кншки од СДСМ за да уживаат разни привилегии, Заев одговори:

    „Не се согласувам со тие изјави на пратеникот и затоа се надевам дека ќе се извини и ќе ги повлече тие свои изјави. Сите граѓани се еднакви пред законот и пред можностите за вработување. Впрочем, нели за тоа се бориме“.

    С.К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира