„А1ОН“ БАРА ОДГОВОРНОСТ ОД ОРГАНИЗАТОРОТ ОТКАКО НОВИНАРИ БЕА ПРЕТЕПАНИ НА МАРШОТ НА ГРАЃАНИТЕ „ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА“

    „А1ОН“ БАРА ОДГОВОРНОСТ ОД ОРГАНИЗАТОРОТ ОТКАКО НОВИНАРИ БЕА ПРЕТЕПАНИ НА МАРШОТ НА ГРАЃАНИТЕ „ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА“

    Новинарот Александар Тодевски и камерманот Владимир Желчески од порталот „А1он“ беа натепани вечерва откако заврши маршот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ во близина на Порта Македонија. Новинарската екипа беше пренесена со возило на Итна помош во Ургентниот центар, а напаѓачите, кои со клоци и тупаници ги нападнаа новинарите и им ја искршија камерата, брзо се изгубија во толпата која полека го напушташе просторот пред Собранието на Македонија. 

    Од „А1он“ велат дека ќе поднесат пријава против организаторот, граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и ќе бараат надомест на штетата, од како што кажаа, дивјачкото и примитивно однесување.

    natepani novinari brza pomos

    Новинарската екипа беше пренесена во Ургентниот центар со возило на Итна помош. (Фото: СДК.МК)

    Протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, почнаа вчера, еден ден по фејсбук статусот и интервјуто на Телевизија Сител на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во кој порача дека државата е нападната и само народот може да ја одбрани.

    Силеџиите што ја нападнаа новинарската екипа бегаат во толпата по нападот врз новинарите (Фото: СДК.МК)

    Силеџиите што ја нападнаа новинарската екипа бегаат во толпата по нападот врз новинарите (Фото: СДК.МК)

    „Кога државата е нападната, само народот може да ја одбрани. Не можат само политичарите, особено кога еден дел од нив се борат за заштита, а друг дел се на спротивната страна. Оваа шанса народот ја имаше на изборите. Во кампањата говорев секој ден за тоа. Погледнете ги моите обраќања во Штип, Велес, Скопје. Дел добро ме разбраа. Некои не веруваа, мислеа дека со тоа само сакаме да добиеме гласови, а СДСМ да ги загуби. Денес сè помалку има такви, но главниот воз е пропуштен. Сега е последниот воз. Сега е тоа време“, напиша Груевски на Фејсбук.

    На маршот учествуваа членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ како и директори на државни институции. Иницијативата беше промовирана вчера од директорот на Македонската опера и балет Игор Дурловски, режисерот Борис Дамовски и пијанистката и амбасадор на културата во Австрија Елена Мисиркова Лоза. Според организаторите, овие маршеви се организираат за, како што велат, одбрана на унитарна и заедничка Македонија, а против владина коалиција на СДСМ и ДУИ, како и за неприфаќање на албанската платформа.

    Маршот денеска почна пред зградата на Владата и заврши пред Собранието. Патем, демонстрантите поминаат покрај седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Таму актерот Ванчо Петрушевски прочита повик до раководството на ВМРО-ДПМНЕ да им се придружи на граѓаните. Денеска освен во Скопје, маршеви имаше и во Куманово, Прилеп, Штип и Кичево.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира