АКО ЈА БЛОКИРААТ СМЕНАТА НА ЗВРЛЕВСКИ, СОБРАНИЕТО ЌЕ ГО РАЗРЕШИ СОВЕТОТ НА ОБВИНИТЕЛИ

АКО ЈА БЛОКИРААТ СМЕНАТА НА ЗВРЛЕВСКИ, СОБРАНИЕТО ЌЕ ГО РАЗРЕШИ СОВЕТОТ НА ОБВИНИТЕЛИВладата вчера ја почна постапката за разрешување на Зврлевски и одлучи да побара мислење од Советот на јавни обвинители. - Јавниот обвинител Марко Зврлевски и претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски (Фото: СДК.МК)

Во случај Советот на јавни обвинители да не дава мислење за разрешувањето на Јавниот обвинител на Македонија Марко Зврлевски, или за кандидатите за нови државен обвинител и со тоа уште на почетокот да ја блокира и развлекува неговата смена, Владата ќе иницира законски измени до Собранието со кои итно ќе се прекине мандатот на членовите на актуелниот Совет на јавни обвинители, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Тоа се прави со гласање во Парламентот со просто мнозинство од пратениците, велат извори од владината коалиција.

Во Советот би имало мнозинство кое ќе ѝ одговара во законските рокови на Владата, ако таму веднаш се избере нов член на местото на Зоран Сулејманов, кому мандатот му е од поодамна истечен.

Третата варијанта е Владата на премиерот Зоран Заев да остави вака како што е сега, да се потпре на совеста на актуелниот состав на Советот на јавни обвинители и да се надева дека во рокови ќе даде мислење за Зврлевски и неговиот наследник што ќе биде предлог на новата Влада.

Според владиното соопштение, одлуката да биде разрешен Републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски е поради незаконско и ненавремено извршување на функцијата. Владата вчера ја почна постапката за разрешување на Зврлевски и одлучи да побара мислење до Советот на јавни обвинители за тоа, бидејќи така пишува во Законот за јавно обвинителство. За ова прво мислење што треба да го даде Советот, нема пропишано рокови, а не пишува ни дека е задолжително Владата да го чека бесконечно.

Со или без мислењето на Советот, Владата предлогот за разрешување ќе го достави до Собранието. Откако Зврлевски ќе биде разрешен, Владата до Собранието доставува предлог за избор на нов Јавен обвинител на Македонија, а Собранието распишува оглас во Службен весник.

По објавувањето на огласот течат пропишаните 15 дена за пријавување на кандидатите, што воедно е и рок во кој Советот на јавни обвинители треба да даде мислење до Владата, позитивно или негативно, за сите пријавени кандидати.

Проблемот е во тоа што ако Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата ќе треба да ја повтори целата постапка за избор на нов Јавен обвинител на Македонија, што би траело најмалку 4 месеци.

По разрешувањето на Зврлевски, Владата до Собранието доставува предлог за именување државен јавен обвинител од пријавените кандидати, за кои Советот дал позитивно мислење. Ако Советот од оправдани причини во определениот рок не достави мислење до Владата, се оди одма на избор на нов Јавен обвинител. А ако ги оправда, ќе добие уште 15 законски дена да се изјасни за кандидатите. Ако повторно молчи, се смета дека мислењето е позитивно.

Премиерот Заев пак го повика Зврлевски да ја забрза постапката за избор на нов републички Јавен обвинител со тоа што ќе поднесе оставка. Најави дека новиот републички Јавен обвинител ќе биде од редот на експертите од кривично-правната материја, а не од праксата и не од редот на обвинителите.

„Целта е да почнат реформите од секој аспект и особено во делот на правосудството. Првото значајно исчекорување во оваа област е експертското решение коешто треба да биде поставено на местото државен јавен обвинител. Оттука ќе покажеме колку како општество сме подготвени да ги отпочнеме реформите со краен ефект независно правосудство, судство и државно обвинителство. Јас не алудирам ниту размислувам за вакво решение и очекувам решенијата да излезат на површина согласно процедурите штом ќе заврши постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски“, рече вчера Заев.

С. К. ДЕЛЕВСКА

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира