АКО ВЛАДАТА СЕ ЕКИПИРА, ЗАЕВ УШТЕ ДЕНЕСКА ЌЕ ГО ДОСТАВИ ПРЕДЛОГОТ ДО СОБРАНИЕ

    АКО ВЛАДАТА СЕ ЕКИПИРА, ЗАЕВ УШТЕ ДЕНЕСКА ЌЕ ГО ДОСТАВИ ПРЕДЛОГОТ ДО СОБРАНИЕМандатарот Зоран Заев вчера беше реизбран за лидер на СДСМ НА 22. Конгрес на партијата. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Мандатарот Зоран Заев уште денеска може да го достави до Собранието предлогот за составот на новата влада и владината програма, ако во текот на денот СДСМ донесе одлука за имињата на министрите, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК високи извори од партијата. Од таму велат и дека денеска до 14 часот ќе се знае дали Движењето Беса ќе влезе во новата влада.

    „Сè уште не е готово со имињата. Ако донесеме денеска одлуки, тогаш ќе ги доставиме уште денеска, ако не, ќе остане за понеделник. И со Беса ќе знаеме до 14 часот“, велат од СДСМ.

    Мандатарот Заев настојува да се договори и со Движењето Беса за новата влада да има стабилно мнозинство во парламентот од 67 пратеници. Од Беса, за да влезат во новата влада, бараат од СДСМ во владата да нема осомничени лица и да се вклучи декларацијата што ја потпишаа албанските партии во Македонија во владината програма. За СДСМ неприфатливо е нивното барање за редефинирање на државата.

    Први со официјални предлози за членови на владата излегоа од ДУИ. По синоќешната седница на централното претседателство на партијата, предложени беа: Хазби Лика за вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор, Бујар Османи за вицепремиер за евроинтеграции, Булент Салиу за министер за правда, Садула Дураку за министер за екологија, Крешник Бектеши за министер за економија и Рамиз Мерко за министер без ресор. За Алијансата на Албанците се предвидени министерствата за здравство и за локална самоуправа.

    Според Деловникот на Собранието, расправата за програмата на мандатарот и предлогот за состав на Владата трае најмногу два дена и се гласа на полноќ.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира