БАРАТЕ КОРЕКТНОСТ, А ОД ДРУГА СТРАНА ПОДМЕТНУВАТЕ И САМИ СИ РЕПЛИЦИРАТЕ, МУ РЕЧЕ ЏАФЕРИ НА ДИМОВСКИ ВО НОЌНАТА РАСПРАВА

    БАРАТЕ КОРЕКТНОСТ, А ОД ДРУГА СТРАНА ПОДМЕТНУВАТЕ И САМИ СИ РЕПЛИЦИРАТЕ, МУ РЕЧЕ ЏАФЕРИ НА ДИМОВСКИ ВО НОЌНАТА РАСПРАВАПретседателот на Собранието Талат Џафери покрај цртежот на кој на англиски пишува „Тишина молам!“, ноќеска стави и цртежи „Забрането спиење на пратеници“ и „Не е препорачливо да го разбудиш заспаниот лав“, како порака до пратениците да не заспијат на расправата што почна во 01 часот

    Собранието денеска во 13 часот ќе ја продолжи расправата за предлог- завршната сметка на Буџетот за 2016 година, откако седницата беше прекината ноќеска во 3.30 часот. Продолжението на осмата седница почна во 01 часот, а после час и половина меѓусебни реплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Илија Димовски околу 02.53 часот на претседателот на Собранието Талат Џафери му рече дека иако има право според Деловникот седницата да трае непрекинато, тој има некоректен однос према 51 пратеник на опозицијата.

    „Собранието се води со коректен однос, а не со инает. Ваква ситуација досега во Парламентот имала само еднаш. Мора да се почитуваат 51 пратеник што ги има ВМРО-ДПМНЕ“, рече Димовски.

    Претседателот Џафери на Димовски му одговори дека повикува на коректен однос, а пратениците на опозицијата се однесуваат некоректно.

    „Не знам која е коректноста на која се повикувате, кога сами на себе 30 души си реплицирате. Се обидувате да бидете коректни. Од една страна се повикувате на коректност, а од друга страна подметнувате“, рече Џафери.

    После повторниот процедурален збор на Димовски, кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ побарале да се стават два нивни предлози на расправа, но мнозинството не сака да расправа, Џафери, му одговори дека нивната точка е ставена на дневен ред но, поради саморепликите блокирани се другите закажани седници.

    „Ви давам пола саат пауза за да кординаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ се договорите  како ќе продолжите понатака. Паузата е до 03.30 часот“, рече Џафери.

    Инаку, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која што како претходна власт го подготви и спроведе Буџетот за 2016 година, сметаа дека минатата година се работело домаќински, иако Македонија била во голема политичка криза, благодарение на добрите економски политики на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ,  се намалила невработеноста и имало зголемен број на инвестиции.

    Пратениците од владејачката СДСМ, пак, сметаа дека завршната сметка на Буџетот е покажала како владеел ВМРО-ДПМНЕ, со големи задолжувања на државата и нерационални трошења. Како и пред прекинот на расправата во 22.40 часот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на продолжението на седницата после еден часот продолжија со репликите меѓу себе.

    Претседатело Џафери  покрај  цртежот на кој на англиски пишува „Тишина молам!“ кој го стави утрината да ги замолчи пратениците кои вревеа и дофрлуваа од место буквално за сè и сешто, во 01 часот стави и цртеж „Забрането спиење на пратеници“ и „Не е препорачливо да го разбудиш заспаниот лав“, како порака до пратеницит на расправата.

    Претходно, Собранието на нова деветта седница одлучи Предлог законот за дополнување на Законот за извршување на Буџетот за 2017 година, да се донесе по скратена постапка. Како што образложи министерот Драган Тевдовски, со законот се вршат дополнувања на одредбите од постојниот закон во насока на зајакнување на принципот на транспарентноста  при користењето на наменските планираните средства, согласно јасно дефинирани услови и критериуми, утврдени во Програмата донесена од Владата. Скратената постапка беше потребна поради поврзаноста на овој предлог закон со Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на РМ за 2017, кој е на дневен ред на третата седница на Комисијата за финансирање и буџет закажана за понеделник.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира