БОЖИНОВСКИ ШТРАЈКУВА СО ГЛАД ВО ПРИТВОР, ЗНМ И ЕФН БАРААТ ИТНО ОСЛОБОДУВАЊЕ

227
Од протестот на ЗНМ пред Кривичниот суд пред првото рочиште од судењето на Божиновски.

Притворениот новинар Зоран Божиновски почнал штрајк со глад на 14 септември поради неоправдано продолжување на притворот и одолжување на судскиот процес, кажа денеска претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани.

Тој рече дека иако затворската управа го знаела тоа, информацијата не ја споделиле ниту со неговиот адвокат, ниту со Народниот правобранител.

„Ја повикуваме судијката Сандра Крстиќ веднаш да го укине притворот на колегата Божиновски, а во спротивно неа ќе ја сметаме за одговорна за евентуалните последици што ќе се предизвикаат по здравјето и животот на колегата. Исто така, го повикуваме Народниот правобранител да го посети Божиновски во затвор и навремено да ги предупреди институциите за последиците, ако не постапуваат соодветно на ситуацијата“, изјави Селмани.

Тој додаде дека нема сомнеж дека процесот со Божиновски е политички процес на власта за да замолчи еден новинар.

Поддршка за ослободување на Божиновски даде и Рикардо Гутиерес, генерален секретар на Европската федерација на новинари (ЕФН). Тој рече дека го поддржува ЗНМ во барањето Божиновски веднаш да биде ослободен.