ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА НА МАКЕДОНСКИ И НА БУГАРСКИ ЈАЗИК ЌЕ ГО ПОТПИШАТ ПРЕМИЕРИТЕ ЗАЕВ И БОРИСОВ ДЕНЕС ВО ВЛАДАТА

    ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА НА МАКЕДОНСКИ И НА БУГАРСКИ ЈАЗИК ЌЕ ГО ПОТПИШАТ ПРЕМИЕРИТЕ ЗАЕВ И БОРИСОВ ДЕНЕС ВО ВЛАДАТАПремиерот Зоран Заев на прес конференцијата на 26 јули го објави договорот со Бугарија (Фото: СДК.МК)

    Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија ќе биде потпишан денес во 13 и 35 часот во Скопје. Договорот ќе биде потпишан на официјалните јазици на договорените страни -македонски јазик согласно Уставот, и бугарски јазик согласно бугарскиот Устав, и двата текста ќе имаат еднаква важност. Договорот ќе го потпишат премиерот на Република Македонија Зоран Заев и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

    Двајцата премиери, после денешното потпишување на договорот, утре ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев во кругот на скопската црква „Св. Спас“ и на тој начин симболично ќе го одбележат договорот за добрососедство и соработка.

    При посетата на Заев на Бугарија на 20 јуни, бугарскиот и македонскиот премиер заедно положија цвеќе пред споменикот на цар Самоил во Софија и така го најавија потпишувањето на билатералниот договор за кој преговорите траат уште од 2009 година.

    Според протоколот на Владата, со овој чин на заедничко поставување венци, ќе започне прославата на 114-годишнината од Илинденското востание и 73-годишнината од првото заседание на АСНОМ. Веднаш потоа премиерот Заев патува за Подгорица, каде што,заедно со премиерот на Црна Гора е кодомаќин на средба на потпретседателот на САД Мајк Пенс, со високи претставници на земјите членки и на земјите набљудувачи членки на Јадранската повелба, чиј претседавач оваа година е Македонија.

    „Ова е голем чекор и одраз на новиот дух на политичари кои градат мостови, а не рушат. Решени сме да водиме политики кои решаваат проблеми, а не создаваат. Од другата страна имаме пријател и сосед со добра волја. Договорот не треба да биде само текст, туку треба да има душа, да има уште поголем дух и од она што самиот текстот го предвидува. Минатото и историјата ги поставуваме како темел на иднината. Оваа Влада го финализираше процесот започнат 2009 година“, изјави премиерот Зоран Заев на прес конференцијата на 26 јули, кога беше објавен договорот со Бугарија и поделен на новинарите.

    Договорот со Бугарија, македонската влада го стави на својата веб страница.

    ШТО ПРЕДВИДУВА ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО, ДОБРОСОСЕДСТВО И СОРАБОТКА МЕЃУ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА

    Република Македонија и Република Бугарија (нарекувани во понатамошниот текст заеднички „Договорни страни“),
    Поаѓајќи од заедничкиот стремеж за понатамошен развој на добрососедството, пријателството и соработката меѓу двете држави,
    Длабоко убедени во потребата од развој на соработката врз основа на меѓусебното почитување, доверба, разбирање, добрососедство и заемно почитување на интересите на нивните држави,
    Верувајќи дека сеопфатниот развој и продлабочување на пријателските добрососедски односи меѓу нив одговара на интересите на народите на Република Македонија и Република Бугарија,
    Убедени во неопходноста од зајакнување на безбедноста и мирот, соработката и довербата во Југоисточна Европа,
    Поздравувајќи го стремежот на Република Македонија за интеграција во европските и евроатлантските структури,
    Верувајќи дека конструктивниот дијалог за сите аспекти на билатералните односи, како и за регионални и меѓународни прашања, ќе придонесе за понатамошен развој на врските меѓу двете држави на рамноправна основа,
    Потврдувајќи го фундаменталното значење на Заедничката декларација од 22 февруари 1999 година во односите меѓу двете држави,
    Имајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи,

    Почитувајќи ги принципите на Повелбата на Обединетите нации и документите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, како и демократските принципи содржани во актите на Советот на Европа,
    Се договорија за следново:

    Член 1
    Двете Договорни страни ќе развиваат сестрани односи помеѓу себе во согласност со основните принципи на меѓународното право и добрососедството.

    Член 2
    Двете Договорни страни ќе соработуваат во рамките на Обединетите нации, Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Советот на Европа и други меѓународни организации и форуми.
    Двете Договорни страни ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон Европската Унија и НАТО. Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија и ќе ја поддржи Република Македонија за добивање на покана за членство во НАТО согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО.

    Член 3
    Двете Договорни страни ќе помагаат за развој на соработката меѓу државите од Југоисточна Европа, за зајакнување на разбирањето, мирот и стабилноста во регионот и при реализацијата на регионални проекти, како дел од процесот за создавање на единствена Европа.

    Член 4
    1.Двете Договорни страни ќе одржуваат контакти и ќе остваруваат средби меѓу претставници на органите на државната власт на различни нивоа за развој на пријателските односи и соработката.
    2.Двете Договорни страни ќе помагаат за одржување на контактите меѓу локалните власти и граѓаните на двете Договорни страни.

    Член 5
    Имајќи ја предвид нивната географска блискост, двете Договорни страни ќе се стремат да создаваат неопходни правни, економски, финансиски и трговски услови за обезбедување на најшироко можно движење на стоки, услуги и капитал. Тие ќе ги поттикнуваат заедничките инвестиции и ќе обезбедат нивна заштита.

    Член 6
    Двете Договорни страни ќе го поддржуваат зголемувањето на туристичката размена, како и развојот на соодветни форми на соработка во областа на туризмот.

    Член 7
    1.Двете Договорни страни ќе ги прошируваат и усовршуваат транспортните врски и комуникациите меѓу нив, вклучително во рамките на регионалните инфраструктурни проекти.
    2.Двете Договорни страни ќе се стремат кон олеснување на царинските и граничните формалности за патниците и стоките, кои се движат меѓу нив.

    Член 8
    1. Двете Договорни страни ќе ја поттикнуваат активната и непречена соработка во областа на културата, образованието, здравството, социјалната грижа и спортот.
    2 .Во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила на овој договор, со цел продлабочување на заемната доверба, двете Договорни страни ќе формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на Договорните страни.
    3. Двете Договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности.

    Член 9
    Двете Договорни страни ќе прават напори за слободно распространување на информации, преку поттикнување и развивање на соработката во областа на средствата за јавно информирање со искористување на можностите на современите информативни средства. Тие ќе се ангажираат во заштитата на авторските и интелектуалните права на творците од двете земји.

    Член 10
    Двете Договорни страни ќе ја унапредуваат соработката во правната и конзуларната област и поконкретно во областа на граѓанските, казнените и административните прашања, како и за решавање на хуманитарните и социјалните проблеми на нивните граѓани.

    Член 11
    1.Ниту една од Договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејствија, насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер.
    2.Ниту една од Договорните страни нема да дозволи нејзината територија да биде искористена против другата од организации и групи, кои имаат за цел извршување на субверзивни, сепаратистички дејствија и дејствија кои се закана за мирот и безбедноста на другата Договорна страна.
    3. Двете Договорни страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга.
    4. Секоја од Договорните страни има право да ги заштитува правата и интересите на своите државјани, на територијата на другата Договорна страна, во согласност со меѓународното право.
    5. Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица што не се државјани на Република Македонија.
    6. Двете Договорни страни ќе преземаат ефикасни мерки за спречување на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат дејности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични дејствија, кои би им наштетиле на нивните односи.

    Член 12
    1. Во рок од три месеци од влегувањето во сила на овој Договор, двете Договорни страни ќе основаат Заедничка меѓувладина комисија. Комисијата се копретседава од Министрите за надворешни работи на двете Договорни страни и вклучува високи официјални претставници на двете Договорни страни.
    2. Заедничката меѓувладина комисија ќе одржува редовни средби еднаш годишно, со цел преглед на ефективната примена на овој Договор, примена на мерки за подобрување на билатералната соработка, како и решавање на прашања, кои се појавиле за време на исполнувањето на Договорот. Секоја од Договорните страни може, по потреба, да предложи организирање на дополнителни средби на Заедничката меѓувладина комисија.

    Член 13
    1. Овој Договор подлежи на ратификација согласно уставните барања на Договорните страни. Овој Договор влегува во сила на датумот на размената на ратификационите инструменти на двете Договорни страни и останува во сила за неопределен временски период.
    2. Овој Договор може да биде изменет со писмена согласност меѓу двете Договорни страни. Измените се договараат по дипломатски пат и влегуваат во сила во согласност со став 1 од овој член.
    3. Секоја Договорна страна може да го раскине Договорот со испраќање на писмено известување до другата Договорна страна. Договорот ќе престане да биде во сила една година по датумот на приемот на ваквото известување.

    Член 14
    Овој Договор, на никаков начин, нема да биде толкуван така што ќе противречи на билатералните и мултилатералните договори, чии страни се Договорните страни

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира