ФИЛХАРМОНИЈАТА ЌЕ ПОТРОШИ 20 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА КОКТЕЛИ

    ФИЛХАРМОНИЈАТА ЌЕ ПОТРОШИ 20 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА КОКТЕЛИТендерот за кетеринг вреден 20.000 евра се однесува најмногу за храната и за пијалоците за првиот свечен концерт на отварањето на новата зграда на Македонската филхармонија на 21 мај, со пијанистот Симон Трпчески и славниот руски диригент Владимир Ашкенази (Фото: СДК.МК)

    Македонската филхармонија (МФ)  на отворањето на новата сала, на 21 мај, ќе ги почести вработените и гостите со коктел  што заедно со кетеринзите и за други настани до крајот на годината ќе чинат 20 илјади евра. Сумата е определена  и објавена на огласот за тендерот објавен на страницата на Бирото за јавни набавки.

    Од Филхармонијата  за  СAКАМДАКАЖАМ.MK  ни рекоа дека овој оглас се однесува најмногу за храната и за пијалоците за првиот свечен концерт, со македонскиот пијанист со светска кариреа Симон Трпчески и славниот диригент Владимир Ашкенази од Русија.

    Филхармонијата прв пат распишува тендер за кетеринг, па така, понудата од 20.000 евра се однесува и за кетеринзите кои ќе служат за  некои позначајни концерти до крајот на годината, како на пример за отворањето на новата сезона наесен или пак за некои концерти со кои ќе се одбележат одредени  датуми.  Огласот за кетеринг е распишан на 28 април,  а трае до 8 мај.

    Новата концертна сала се градеше осум години, чини 37 милиони евра, а за чистење и одржување до крајот на годинава е распишан тендер од 20.000 евра (Фото: СДК.МК)

    Билетите за свечениот концерт со кој се отвара новата сала се во продажба по цена од 2.500 и 3.000 денари. По овој концерт, Филхармонијата има уште два концерти пред летната пауза, а новата сезона ја почнува на крајот на септември или почетокот на октомври, и во просек има по два концерти месечно. Значи, за коктели од наесен ќе имаат уште околу 6 концертни вечери.

    Македонската филхармонија распиша  три тендери  со вкупна вредност од 60.000 евра. Покрај првиот за  кетеринг,  во тек се огласите за понуди за изнајмување на сценска опрема и за чистење на новата сала. На страницата на Бирото за јавни набавки  се објавени трите огласи за потребите на Филхармонијата, секој поединечно чини по 1 милиони и 200 илјади денари, или точно 19. 512 евра.

    Истиот ден, на 28 април,  е објавен и тендерот за одржување на хигиената во деловен простор. Тој, велат одговорните лица, се однесува на избор на фирма која ќе се грижи за чистење на теписите, паркетот, и најмногу за мермерот во новата сала.

    „Мермер има на подовите во холовите, и како материјал е најспецифичен за одржување, па затоа треба многу да се внимава при негово чистење. Големата сала е направена од дрво, седиштата се исто така дрвени но обложени со сунѓер и материјал. За нивно одржување ќе мора исто така многу да се внимава, во согласнот со наведените спецификации на материјалите и гаранциите од производителот“, објаснуваат  од МФ.

    За чистење на внатрешните простории, канцеларии, тоалети и прозорци, средства се одделуваат од буџетот на Филхармонијата.

    Филхармонијата добива свој простор после 73 години постоење, откако со децении ја користеше салата на Домот на АРМ, а изминативе години филхармоничарите свиреа и во МОБ и во Македонскиот народен театар (Фото: СДК.МК)

    На 2 мај е објавен тендерот за изнајмување сценска опрема, кој се однесува на мултимедијалниот концерт „Види музика, слушни слика, добиј книга“, кој Македонската филхармонија  заедно со Младинскиот културен центар (МКЦ)  традиционално го одржуваат во јуни во Градскиот парк во Скопје. Според овој оглас, кој трае до 12 мај , 20.000 евра ќе се потрошат за техничка и сценска опрема, како бина, озвучување, осветлување, монитори, микрофони и слично.

    Новата коцертна сала со неколку паузи се градеше осум години, од март, 2009, на површина од 12.400 квадратни метри на просторот помеѓу Македонската опера и балет (МОБ) и Факултетот за музичка уметност (ФМУ). Иако објекот почна да се гради уште пред  да биде најавен владиниот проект  „Скопје 2014“, за време на изградбата се случија повеќе проблеми, па конечното отворање неколкупати беше најавено па одложено.

    На поставувањето на камен-темелникот во 2009, беше најавено дека Владата во проектот вложила  6 милиони евра, а изградбата треба да се заврши за 14 месеци, по што ќе следи уредување на внатрешноста и технолошко моделирање.

    Скандал се случи во 2013, кога банкротираше австриската градежна компанија „Алпине бау“, па карабината продолжи да ја гради  скопската градежна фирма „Гранит“,  за  4, 7 милиони евра. По неколкумесечна стагнација, Министерството за култура  склучи договор со австриската  фирма “Старбаг АГ“ за целосно внатрешно уредување на новата сала, вреден речиси 27 милиони евра.  На акустиката работеше Јорг Кумел, еден од најпознатите акустичари во светот.

    Филхармонијата добива свој простор после 73 години постоење, откако со децении ја користеше салата на Домот на АРМ, а изминативе години филхармоничарите свиреа и во МОБ и во Македонскиот народен театар (МНТ).

    Новиот објект е изграден според идејното решение на архитектот Виктор Михајлов,  и има две сали, голема со 1.000 седишта, и мала со 310 седишта, од кои 168 се фиксни, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта.

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира