ИВАНОВ И ВУЧИЌ СЕ СПОГОДИЈА ЗА СРПСКИОТ РАЗУЗНАВАЧ ОД 27 АПРИЛ И ЗАЕДНИЧКИ ГИ НАПАДНАА НИШАНИ И ТАЧИ

    ИВАНОВ И ВУЧИЌ СЕ СПОГОДИЈА ЗА СРПСКИОТ РАЗУЗНАВАЧ ОД 27 АПРИЛ И ЗАЕДНИЧКИ ГИ НАПАДНАА НИШАНИ И ТАЧИВучиќ и Иванов учествуваа на состанокот на лидерите на процесот Брдо – Бриони, што се одржа во Брдо кај Крањ.- (Фото: МИА)

    Претседателот на Србија Александар Вучиќ и претседателот на Македонија Ѓорге Иванов во Словенија се договориле случајот со учеството на српскиот разузнавач во крвавиот настан на 27 април да го остават на решавање на „службите“ и заеднички ги нападнале претседателите на Албанија и на Косово Бујар Нишани и Хашим Тачи дека заговараат голема Албанија, јавија српските медиуми од Брдо кај Крањ.

    Како што јавува „Б92“, Вучиќ раскажал дека заедно со македонскиот претседател Ѓорге Иванов размениле тешки и остри зборови со претседателите на Албанија и на Косово.

    „Се обидоа да кажат дека тоа се измислици на Белград и морам да кажам дека македонскиот претседател Ѓорге Иванов во целост ги поддржа сите аргументи кои ги изнесов и беше многу остар, така што на некои им изгледаше дека правиме блок Србија и Македонија против двајцата албански претставници, што не беше случај“, рекол Вучиќ.

    Тој рекол дека не памети толку остра и тешка дискусија со косовскиот претседател Хашим Тачи, но дека, заедно со Иванов, недвосмилено покажале што е вистина во однесувањето на луѓето од Приштина и во заговарањето на голема Албанија.

    Што се однесува до случајот со српскиот разузнавач кој како вработен во српската амбасада во Скопје влегол во Собранието на Македонија на 27 април, при што беа повредени стотина луѓе, меѓу кои и пратеници од мнозинството, државната агенција МИА објави соопштение во кое се вели: „Понекогаш се појавуваат одредени прашања, недоразбирања во односите меѓу двете земји, кои на ниеден начин не можат и нема да влијаат на апсолутно приоритетната цел, негување и градење на најдобри можни добососедски односи и соработка во сите сфери. Такво едно прашање се појави неодамна поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија, за што двајцата претседатели се согласија дека „решението е во надлежност на службите“,

    Вучиќ и Иванов учествуваа на состанокот на лидерите на процесот Брдо – Бриони, што се одржа во Брдо кај Крањ.

    На средбата чии домаќини се претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Колинда Грабар – Китаровиќ, учествуваа и претседателот на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмаер, кој беше специјален гостин, потоа претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, претседателот на Косово, Хашим Тачи, претседателот Албанија, Бујар Нишани и членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира