КАТИЦА ЈАНЕВА ПОБАРА ИСТИ РОКОВИ ЗА ИСТРАГИ КАКО НА ОСТАНАТИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА

    КАТИЦА ЈАНЕВА ПОБАРА ИСТИ РОКОВИ ЗА ИСТРАГИ КАКО НА ОСТАНАТИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА

    Специјалната обвинителка Катица Јанева во име на граѓаните, чиишто пари, како што рече биле злоупотребени, побара породолжување на рокот за финансиските истраги што ги поведе Специјалното обвинителство.

    „Во интерес на сите граѓани на Република Македонија, чии пари се злоупотребувани преку предизвикувањето штета на Буџетот на Република Македонија, бараме Собранието да ја разгледа законската одредба која ја ограничува нашата работа и заеднички да изнајдеме соодветно законско решение кое ќе овозможи до крај да ги истражиме кривичните дела кои се во наша надлежност, а со цел остварување на мандатот и  мисијата на Јавното обвинителство со кое раководам“, рече на вчерашниот прес Јанева, на кој јавноста беше информирана за четирите нови истраги што ги отвори СЈО, за злоупотреби и финансиски криминал, а под називите: „Табла“, „Триста“, „Тотал“ и „Тифани“.

    Јанева пак укажа дека финансиските истраги што ги отвори СЈО се комплексни.

    „И покрај нашата целосна посветеност, ќе сепак ќе биде потребен подолг период за донесување на јавнообвинителски одлуки од Специјалното обвинителство. Комплексноста на сите истраги и предистражните постапки кои ги водиме како последица ќе го наметнат надминувањето на периодот од 18 месеци, од друга страна и заради тоа што роковите во кои е задолжено да постапува ова Јавно обвинителство се далеку пократки од роковите во рамки на кои постапуваат останатите јавни обвинителства, пред и се од аспект на роковите пропишани со Законот за кривична постапка и секако одредбите за застарување на овие кривични дела“, објасни таа.

    Јанева повеќе пати побара Собранието да донесе и Закон за заштита на сведоци, односно заштитата на сведоците во постапките на СЈО, да ја регулира засебно.

    Досега Обвинителството на Катица Јанева има поднесено само два обвинителни предлога, против експремиерот Никола Груевски, ексминистерот Миле Јанакиески и отанатите 13 обвинети за насилствата во општина Центар и за нарачувањето на шамарите за градоначалникот Андреј Жерновски.

    Вториот обвинителен предлог е против ексначалникот на УБК Горан Грујовски за незаконско палење на над 22 илјади списи, документи на Управата, меѓу кои изгореле и доказите за тоа кој прислушувал и по чија наредба.

    На вчерашниот прес обвинителката од СЈО Ленче Ристоска најави дека деновиве ќе биде покренато обвинение за случајот „Транспортер“. Досега е објавено дека битолскиот градоначалник Владимир Талески, вработени во општината, директори на училишта од Битола и газди на фирми за превоз, вкупно 21 лице,  се сомничат дека направиле штета од 360.000 евра. Според  истрагата, тие ја злоупотребиле службената положба при тендерите за превоз на ученици.

    Мандатот на  СЈО за завршување на истрагите и за поднесување обвиненија истекува во јуни годинава. Кон крајот на февруари годинава, во ТВ-интервју на „Сител“, американскиот амбасадор Џес Бејли рече дека „став на меѓународната заедница е оти е потребно продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство“.

    Американскиот амбасадор рече дека кога се потпишувал договорот за формирање на Специјалното јавно обвинителство, никој не бил свесен со колкав материјал ќе се соочи оваа институција.

    „Да се вратиме назад и да видиме која беше поентата за формирањето на СЈО, а тоа е да донесе одговорност за содржината од наводите што произлегуваат од прислушуваните разговори. Не сум сигурен дека кој било тогаш беше свесен за обемот на работа со кој ќе се соочи СЈО. Оваа институцијата, исто така, се соочи со пречки и со отежната соработка. Многу е важно работата да се заврши докрај, да се утврдат фактите и да се расчистат сомнежите дали и кој вршел злоупотреба“, изјави Бејли.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира