КИНЕСКИОТ АВТОПАТ КОН ОХРИД УТНАТ – НЕ СЕ СОВПАЃААТ ПРОЕКТИРАНАТА И ИЗВЕДЕНАТА ТРАСА

    КИНЕСКИОТ АВТОПАТ КОН ОХРИД УТНАТ – НЕ СЕ СОВПАЃААТ ПРОЕКТИРАНАТА И ИЗВЕДЕНАТА ТРАСАНа 22 мај 2017 година - три недели откако беше пробиен рокот за предавање на автопатот во употреба, тогашниот министер за транспорт Владо Мисајловски му даваше отчет на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој вршеше увид во градежните активности на кинеската компанија за чиј тендер е осомничен во истрага на СЈО (Фото: МИА)

    Градежните работи на двете автопатски делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид се сопрени, потврдил премиерот Зоран Заев при средбата со кинеската амбасадорка Лин Лисјен, соопшти Владата.

    Двата автопата се градат со кредит од 500 милиони долари од кинеската Ексим банка. Ги гради кинеската компанија Синехидро, а подизведувачи се македонските „Гранит“ и „Бетон“.

    Премиерот Заев не сака да открие кои се проблемите поради кои е сопрена изградбата на двата автопата додека новиот министер за транспорт и врски Горан Сугарески не подготви детална информација, но за досегашните сознанија ја информирал кинеската амбасадорка.

    Автопатот до Штип требаше да биде пуштен на 1 мај годинава, а Кичево – Охрид би требало да биде завршен до крајот на февруари 2018 година. Но и Државниот завод за ревизија констатираше дека има значително отстапување кое „укажува дека изградбата на автопатот не се одвива согласно планот, односно има задоцнување поради што изградбата на двете делници нема да се реализира во предвидениот рок“.

    Неофицијално дознаваме дека за делницата Миладиновци – Штип не e потпишaн анекс на договор за продолжување на градежните активности, по пробивањето на рокот за предавање на патот.

    На делницата Кичево – Охрид дошло до несовпаѓање на проектираната и веќе изведената траса. Градежните активности се сопрени на неодредено време.

    Владата на Никола Груевски најави дека автопатот Миладиновци – Штип ќе чини 206 милиони евра, а автопатот Кичево – Охрид – 374 милиони евра. Во меѓувреме автопатиштата поскапеа бидејќи договорот со Кинезите беше потпишан во долари. Поради курсни разлики државата треба на кинеската банка да ѝплати 17 милиони евра повеќе.

    За проблемите во изградбата на автопатиштата, премиерот Заев ја информирал кинеската амбасадорка Лисјен. Во владиното соопштение од средбата со амбасадорката се наведува дека „повеќемесечниот застој на изградбата на автопатиштата е предизвикан од грешки во проектирањето, ненавремено решавање на имотно-правни односи на автопатот кон Штип и од изместување на трасата кон Охрид“.

    Специјалното јавно обвинителство (СЈО) води предистражни постапки за начинот на водење на тендерската постапка, како и за сомнежите за примање мито, врз основа на прислушуваните разговори на претставници на власта што Зоран Заев ги објави кога беше во опозиција.

    Никола Груевски е првоосомничен во случајот на СЈО „Траекторија“ за злоупотреба на службената положба, односно за местење на тендер за избор на фирма изведувач на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Според СЈО, Груевски заедно со екс министерот Миле Јанакиески, вицепремиерот Владимир Пешевски, како и уште еден функционер незаконски ја избрале кинеската компанија да ги гради делниците, со што се осомничени дека го оштетиле буџетот за сума од 155 милиони евра.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира