КРИЗА СО ГОРИВАТА ИМА ОТИ ВЛАДАТА ДВЕ ГОДИНИ НЕ ДОЗВОЛУВА НАФТОВОДОТ ДА РАБОТИ, ОБВИНИ ХЕЛЕНИК ПЕТРОЛЕУМ

    КРИЗА СО ГОРИВАТА ИМА ОТИ ВЛАДАТА ДВЕ ГОДИНИ НЕ ДОЗВОЛУВА НАФТОВОДОТ ДА РАБОТИ, ОБВИНИ ХЕЛЕНИК ПЕТРОЛЕУМНафтоводот две години чека дозвола од Владата - заглавени цистерни со деривати на граничниот премин Евзони - Богородица (Фото: В. Трајков)

    Групацијата Хеленик Петролеум ја обвини Владата дека две години не дава дозвола да профункционира нафтоводот од Солун до Скопје, па затоа е можно да дојде до криза со снабдувањето со горива.

    Нафтоводот, или поточно продуктоводот, речиси две години е исчистен од претходниот транспорт на сурова нафта, но нема дозвола од македонските власти за да може да се употребува. Во овој период во неколку наврати имало пишана комуникација меѓу “Хеленик Петролеум”, ОКТА и владини претставници, но без резултати.


    Групацијата “Хеленик Петролеум” официјално соопшти дека “Вардакс С.А.” нивната подружница која што е сопственик на нафтоводот, е подготвена веднаш да започне со работа со цел нафтоводот повторно да биде во употреба за транспорт на нафтени производи до Скопје.


    „Сакаме да нагласиме дека нафтоводот е лиценциран за работа за транспорт на сурова нафта и нафтени производи. По чистењето на нафтоводот и во последните две години, Владата одбиваше да даде дозвола за работа на нафтоводот, повикувајќи се на различни технички причини“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од компанијата. 

    Тие велат дека за последните две години во неколку наврати во писмена форма барале објаснување за кои било технички или други пречки за таквото одложување, но овие писма останале неодговорени се досега.

    „Ние сме среќни дека, како што дознавме од медиумите, постојат работни групи во Владата кои започнале да работат на ова прашање. Тоа ни дава зелено светло дека прашањето треба да се реши лесно, имајќи предвид дека преку работата на нафтоводот сите проблеми кои се поврзани со превоз на нафтените производи со цистерна или со воз ќе бидат отстранети”, соопшти групацијата “Хеленик Петролеум”.

    Во изминативе две години на политичка криза, проблемот ОКТА – Влада на тема продуктовод, беше запоставен. Грчката страна инсистира на тоа зашто така транспортот на деривати ќе биде многу поевтин. Истовремено, преку продуктоводот, како единствен прекуграничен цевковод во регионот, би се одвивала континуирана испорака на дизел не само за Македонија, туку и Косово и за пазарот на јужна Србија, независно од условите на патиштата, железницата, како и на граничните премини.

    Идејата на “Хеленик” е од ОКТА која што беше рафинерија да направи регионален дистрибутивен центар за мазут.  


    “Ние сме сигурни дека функционирањето на нафтоводот е во интерес на Владата која што поседува 20% од капиталот на компанијата Вардакс и многу брзо можеме да најдеме начин да го ставиме во употреба”, е став на групацијата “Хеленик”.

    Капацитетот на продуктоводот е 2,5 милиони метрички тони. За да стигне првата количина мазут во Скопје, треба цел продуктовод до Солун да биде полн. Ова, велат во ОКТА, би била “златна резерва” за било какви проблеми во дотурот на гориво.

    “Хеленик” одлучи Рафинеријата да престане да обработува сурова нафта поради, како што беше образложено, непрофитабилност условена од застарена технологија. Горивото што ОКТА го носи во Македонија доаѓа од рафинериите на Хеленик Петролеум во Солун и во Атина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира